Како што куќа се гради постепено, цигла по цигла, така и науката се гради на темели и основи од гиганти. Она што е фасцинантно во физиката е фактот дека кога умира еден познат физичар се раѓа друг. Галилео умира доаѓа Њутн, Њутн умира доаѓа Ајнштајн. Со неговото доаѓање на овој свет се смени сѐ, буквално сѐ во светот на науката.

Таков брилијантен ум се раѓа еднаш на 100 години, ако не и повеќе.

За Њутн, просторот и времето беа одделни и апсолутни, но таа 1905 година промени се.

Познат по својата мрзеливост, спиењето по десет часа на ден, никој не очекуваше од тоа дете нешто позначајно. Напротив познатиот негов професор Минковски ќе го нарече „благо ретардиран”.

Мразеше авторитети и класичен начин на учење и гушење на креативноста, ја напушти гимназијата, но неговиот ум, буквално од кревет, го смена светот!

Познат по своите „мисловни експерименти” а познавајќи ги галилеевите трансформации, њутновиот апсолутизам, максвеловите равенки, лоренцовите трансформации како и познатиот експеримент на Мајклсон-Морли (со кој се измери брзината на светлината и се отфрли идејата за етерот), тогаш младиот Ајнштајн ја создаде специјалната теорија на релативност (СТР)!

Ако за Њутн важеше Сѐ е апсолутно, за Ајнштајн би важело-се е релативно!

Кога ќе се спомне Ајнштајн веднаш човек си го поставува прашањето: Во однос на што? Во однос на кој референтен систем?

Специјалната теорија на релативност се темели на два постулати и тоа дека законите на физиката важат во сите инерцијални референтни системи и дека брзината на светлината е константна.

Како директна последица на вториот постулат е дилатацијата на времето.

Колку човек се движи со поголема брзина за него времето поспоро тече!

А доколку би се движел со брзина на светлината времето ќе престане да тече!

Се зависи од набљудувачот и со која брзина се движи тој.

Во однос на набљудувачот на земјата за набљудувачот во авион или вселенски брод времето поспоро ќе тече!

Овој постулат е екпериментално докажан со атомски часовници како и со земање во предвид на релативистичките ефекти кај GPS уредите!

Тука е интересен да се наведе т.н. „парадокс на близнаците”. Имено ако едниот брат близнак остане на земјата а другиот патува со вселенски брод на пример за него четири години, за вториот брат ќе поминат 20 години!

Втора директна последица на вториот постулат е контракцијата на должината, односно ако се движиме со одредена брзина нашиот вселенски брод ќе биде пократок за нас во однос на набљудувачот на земјата.

Контракција на просторот, дилатација на времето!
Ајнштајновата СТР е граничен случај на неговата општа теорија на релативност, во која тој докажува дека просторот е искривен и дека светлината се закривува кога поминува покрај тела со голема гравитација (што е експериментално докажано при затемнување на Сонцето а набљудувајќи ја светлината од далечните ѕвезди).

Масивните тела го искривуваат просторот, постојат „црвоточини” низ кои може да се патува со многу големи брзини како низ „портали” за други светови!

Ајнштајн не би бил тоа што е ако не е и духовит, бидејќи сите генијалци се длабоко продуховени луѓе, па така кога го запрашале со прости зборови да ја опише СТР тој одговорил:

Доколку еден час седиш со убава девојка ќе ти изгледа како една минута, а една минута на врела печка ќе ти изгледа како еден час.

Ајнштајновите теории и ден денес се потврдуваат, како неодамнешното откритие на гравитационите бранови, со LIGO експериментот, кои тој ги предвиде пред сто години!

Она што го мачеше и што сеуште е енигма е откривањето на честичката гравитон како и неговата желба да создаде „theory of everything”, во која ќе ги обедини четирите видови сили (гравитационата, електромагнетната, слабата и јаката сила).

Но остана уште нешто што го мачеше Ајнштајн, а тоа е човечката глупост и затоа ќе рече:

Две нешта се бесконечни, космосот и човечката глупост, но што се однесува до космосот не сум баш сигурен.

Автор: Гоце Кузески – професор по физика

 


Филозофските концепции за времето се присутни од самиот зачеток на западната филозофска мисла.

Прва рефлексија за „време“ се забележува кај античкиот филозоф Хераклит од Ефес чиј еден од зачуваните фрагменти гласи: „Двапати во иста река не се влегува“. Во основата не неговото учење е дека „Сѐ тече и сѐ се менува“, а промената се случува во времето. Секоја временска единица е посебна и затоа е неповторлива. Ако човек влезе во река, веќе во следната секунда не е иста ни водата во реката, но ни човекот кој стои во реката, затоа Хераклит вели дека

Двапати во иста река не можеме да влеземе.

Сепак, за официјален почетник на говорот за времето како посебна филозофска тема во историјата на филозофијата се смета св. Аврелиј Августин. Тој во делото За божјата држава истакнува дека навидум сите знаеме што е времето, но доколку се задлабочиме, размислиме и се обидеме да го дефинираме времето веќе ќе наидеме на потешкотии.

Со таа своја формулација св. Аврелиј Августин сугерира на интутивноста на временитоста, но не и на неговата поимна поставеност во историјата на човечката мисла.

Имануел Кант, особено се задржува на говорот за времето. Во книгата „Критика на чистиот (теорискиот) ум, Кант истакнува дека времето и просторот се a priori модалитети на сетилноста.

Тоа значи дека времето и просторот се координати на нашата сетилност што се независни од искуство и кои учествуваат во организација на податоците кои ги воспремаме преку сетилата.

На ниво на поим „времето“ се поставува во современите филозофски теории. Хусерел и Хајдегер особено се задржуваат на прашањето за временитоста.

Хусер смета дека времето е прикажано преку односот на субјективноста кон временските модуси – минато, сегашност и иднина. Но во основа, сегашноста е временскиот модус на кој се базираат сите модуси на временитоста бидејќи субјектот во свеста и во самосвеста е присутен само во сегашноста. Дури и кога евоцира спомени или проектира иднина, содржините на свеста се присутни СЕГА. Од таа причина иднината е парадоксална.

Најпознатото дело на Хајдегер е насловено како Битие и време. Хајдегер смета дека времето е една од главните одредници на битието. Според Хајдегер еден модалитет на битието е тукабитие кое себе се доживува како присутно во светот токму преку времето. Да е битието тука, мора да е сега. Во таа смисла просторноста и временитоста кај Хајдегер се двонасочно поврзани. Нема време без простор и простор без време.

Филозофските теории го разгледуваат времето во сооднос со просторот, субјективноста, свеста или човечката егзистенција. Во таа смисла Хајдегровата теорија за времето е делумно феноменолошка, а делумно егзистенцијалистичка.

Автор: Магдалена Стојмановиќ, дипломиран проф. по филозофија