Врската со традицијата, со културното наследство е присутна во делата на повеќето македонски уметници поттикнати од својата внатрешна ерупција, емотивно обоена и соодветно обликувана во споменатата ликовна естетика.

Имено, станува збор за еден од евидентните македонски сликари зографи од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век Ѓорѓи Зографски (роден во село Папрадиште, Велес 1871-1945) чие творештво се издвојува по многубројните портрети, икони, слики и други сликарски претстави со профана содржина од сите творечки фази на уметникот.

Со самото откривање на неговите дела кои претежно се во сопственост на голем број колекционери и неговото семејство направен е приод кон покомплетно осветлување на неговиот творечки подем и за неговиот придонес во развојот на уметноста со профан карактер, како неопходен и логичен премин кон современата македонска уметност.

Како последен зограф од семејството Рензовци, заедно со Димитар Андонов Папрадишки работеле портрети за потребите на зајакнато економско граѓанство и црковен клер и несомнено денес претставуваат остварувања со неизмерна уметничка, културно-историска и документарна вредност. Од богатата ризница на Ѓорѓи Зографски се издвојуваат портретите на Јован Хаџипанзов, Андреа Коробар и Портретот на младич изработени во техника масло на платно.

Портретот го сведува во допојасна биста во домен на класично и реалистично сликарство, кое се одликува со совесност и цврстина во постапката со посебен интерес за треперење на светлината. Мотивите од реалниот свет му служеле како повод за игра на линијата, за допадливо украсување на деталите, односно се се трансформира и потчинува на играта на орнаментот, не губејќи го визуелното во предметите.

Потаму, цртежот е мошне нагласен, а обликувањето е цврсто и пластично, верноста на ликот е мошне реална со посеен акцент на формална моделација на главата, а од сериозниот изглед на лицето зрачи подлабока внатрешна сила на самосвест што авторот успеал да ја забележи со скромните сликарски средства кои ги имал на располагање. Што се однесува до палетата видливо е користењето на топли розеникави и окер нијанси врз маслинеста основа, обидувајќи се да постигне колоритна складност преку костенливо обоени веѓи и очи и кафеави мустаќи сликани со тенки линии.  Во оваа рана фаза Зографски јасно укажува на близостите во користење на скуден регистар бои.

Во неговите портрети од подоцнежната фаза се открива една интонација на белези од модерните струења во уметноста кај нас меѓу двете војни, т.е. се сретнува повисок степен на современо сфаќање и реализирање на обликот, остварено со чувство на зрел сликарски нерв кој не заостанува зад остварувањата на некои наши модернисти од тоа време и храбро и слободно зачекорува во тековите на модерната уметност.

Ѓорѓи Зографски својот непосреден свет го ткае без тегобности и сомневање, останувајќи упорно на она што ќе му стане постојана цел и мотив за ликовна обработка. Покрај портрети, неговото сликарство опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа, а посебна преокупација во која се пронаоѓал себеси било црковното сликарство односно иконописот ( „Тајна вечера”, „Св. Ѓорѓи Победоносец”, „Везир Али Паша Јанински”, “Второ пришествие Страшен суд”, “Крај Вардар”, „Папрадишко-велешки градители, зографи и резбари” и др.). Првично работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство како што се иконопоисите од македонските манастири и цркви, а подоцна под влијание на Дичо Зограф и престојот во Софија настанало целосно конвергирање на авторот кон обработка на теми со профана содржина.

Во Националната галерија Чифте амам е отворена јубилејна изложба на Ѓорѓи Зографски  по повод 150 години од неговото раѓање каде може да ги погледнете бројните икслучителни дела и ќе биде отворена до крајот на месец ноември. Извонредно пријатен е впечатокот од оваа изложба во која авторот создал своја митологија на поврзување на нашата средновековна ликовна традиција со современи темии начин на работа во еден особен ликовен израз.

Автор: Марија Стојческа