Една од централните вести за првиот ден од Новата година е прогласувањето на првото новороденче во годината.

Како една од најрадосните информации, таа традиционално е проследена од медиумите, а неретко првото бебе добива и специјални подароци и посебно внимание, бидејќи се смета за „најсреќното бебенце“ кое ги донело првите убави вести во Новата година.

Додека јавноста е фокусирана на прославите и новогодишната еуфорија, во болниците вниманието е насочено кон здравјето на бремените жени и новороденчињата.

Медицинските тимови будно ја следат состојбата на пациентите, водејќи се од професионална должност која не познава разлика меѓу ден и ноќ, празник и работен ден. Нивната секојдневна мисија е спасување животи и грижа за човечкото здравје.

Како изгледа едно дежурство за време на новогодишните празници, кога другите се подготвуваат за дочекот, а тие се на своите работни места, раскажува Васка Јованоска, медицинска сестра со децениско искуство во грижа за најмалите пациенти. Таа работи на одделот за неонатологија при болницата Аџибадем Систина, каде што честопати го пречекува и првото бебе родено во Новата година.

„Дежурствата за Нова година, иако значат дека празникот се поминува без семејството, сепак кога се сака својата професија, тоа не претставува посебен проблем. Атмосферата е порелаксирана, сите сме во празнично расположение, со очекувања дека Новата година ќе биде подобра од претходната“, вели Јованоска.

И покрај работните обврски, празничниот дух е присутен и кај медицинскиот тим и кај пациентите. Персоналот се труди да создаде потопло и попријатно чувство, свесен дека, иако се во болница, пациентите го чувствуваат значењето на овој датум.

Според Јованоска, токму одделот за неонатологија има посебна енергија за време на празниците. Просториите се исполнети со новороденчиња облечени во новогодишни ќебенца и капчиња, а родителите, покрај празничната радост, ја доживуваат и најголемата животна среќа – доаѓањето на нов член во семејството.

„Новогодишната ноќ на одделот за неонатологија е посебно доживување. Глетката на новороденчиња и среќните лица на нивните родители ги исполнува нашите срца со неизмерна среќа“, истакнува таа.

Најсилното чувство, додава Јованоска, е исчекувањето на раѓањето на првото бебе во Новата година – симбол на нов почеток, надеж и живот.

Животот на медицинските сестри, често далеку од јавноста, е исполнет со тивки жртви, но и со моменти што ѝ даваат смисла на нивната професија. Токму затоа, нивната пожртвуваност и човечност заслужуваат поголемо признание и видливост во општеството.