Сношти, во дебатна емисија, беше речено дека русофилството во Македонија (не беше дадена точна информација колкав дел од македонските граѓани се вистински вљубеници во руската држава) било резултат на православието и остаток (sic!) од Југославија. Колку што ми е познато токму Југославија и југословенските комунисти беа првите во историјата, кои во периодот на Информбирото отверено и жестоко му се спротивставија на СССР, на Сталин и на нивната политиката, особено на надворешен план.

Затоа Југославија, од СССР и неговите сојузници, беше прогласена за отпадник од социјализмот и за предавник на комунизмот. Второ, во 1956 година Југославија не даде согласност за окупацијата на Унгарија и отворено ја осуди. Трето, Имре Наѓ (тогашен премиер на „отпадничката“ Унгарија) побара и доби азил не во која било земја, туку во југословенската амбасада во Будимпешта. Откако доброволно ја напушти Амбасадата беше осуден на смрт и стрелан како „контрареволуционер“ од страна на „револуционерните“ сили на Унгарија, со бескрупулозна подршка од СССР. Четврто, Југославија недвосмислено и без каков било пардон ја осуди советската окупација на Чехословачка од 1968 година. Петто, Југославија (1979 год.) жестоко го осуди влегувањето на советските трупи во Авганистан, како недозволено мешање во внатрешните работи на една суверена земја.

Да не се знае претходното, макар било и од универзитетски професор, е повеќе од аналфабетизам, сеедно дали е буквален или само морален/нарачан. Уште позбунувачки е врз основа на непознавање на овие елементарни податоци да се објаснува постоењето на некакво русофилство во Република Македонија и тоа како реликт/остаток од Југославија. Незнаењето, додуша, може да објасни зошто некој има одредени тези, меѓутоа не може да ги оправда.