Непишаниот кодекс на самураите, популарно наречен БУШИДО, всушност преставува збир на едноставни кодови кои се базираат на вредностите на самураите во феудалниот период во историјата на Јапонија. Во основа, тие се базични човечки вредности кои кај огромен процент на населението на планетава земја претставуваат вредносни норми врз кои се базира проценката на еден карактер, на една личност.

Нема еден код кој е повеќе или помалку битен од другите, сите овие кодови се со иста вредност и тежина, поради тоа обично седумте кодови на Бушидото се напишани во иста рамнина, и покрај тоа што знаеме дека во јапонскиот јазик, писмото се пишува од горе надолу, од почеток кон крај… обично овие вредности се претставени како рамноправни принципи на универзалните човечки вредности.

ГИ (интегритет)

За да се има интегритет, овој код налага целосна искреност со сите. Да се верува во праведност, не базирана на други луѓе, туку на сопствените вредности. Во кодот на секој вистински воин, некои работи се разгледуваат како целосни константи, неменливи а тоа се искреноста, праведноста и интегритетот.

Воините прават комплетна посветеност на нивните избори.

РЕИ (почит)

Вистинските воини немаат причина и никогаш не се сурови. Тие немаат потреба на таков начин да ја покажат својата сила. Воините се однесуваат со почит дури и кон своите непријатели. Ова претставува и основна вредност според која тие се ценети, не само според храброста во битка, туку според односот кон другите.

Вистинската сила на еден воин доаѓа до израз до тешки времиња.

ЈУ (храброст)

Да се живее живот скриен од сите предизвици, како желка во својот оклоп, не е воопшто живот вреден живеење. Вистински воин мора да има храброст и да биде спремен да презема ризици, зошто само така ќе може да ги согледа вистинските вредности на животот, и да живее во целост.

Херојската храброст не е слепа, туку е интелигентна и силна.

МЕИЈО (чест)

Воините имаат само еден судија на чест и карактер, а тоа се самите тие, водени од највисоките вредности во кои веруваат длабоко. Секоја акција која ја преземаат е во склад со нивните морални вредности и преставуваат чесен избор во нивниот морален кодекс.

Од себе не можеме да се скриеме.

ЈИН (Емпатија)

Низ напорен тренинг, физички вежби, воините стануваат силни и брзи. Тие не се како обичните луѓе, се здобиваат со специјални вештини кои мора да се користат за општо добро. Воините мора да имаат развиено свест за другите и емпатија, за ова да е возможно. Тие имаат емпатија за да му помогнат на секого во секое време, доколку се створи потреба.

Доколку нема потреба, тие се залагаат да изнајдат ситуација каде што може да се најдат корисни.

МАКОТО (чесност и искреност)

Кога воинот ќе каже дека ќе преземе нешто, сметајте го тоа за направено. Ништо не може да ги сопре во намерата да го исполнат тоа што го кажале, тие не мора да дадат збор ниту да ветат. Најголемата чест е да го преточиш во акција тоа што го зборуваш, и со акции да покажеш тоа што го мислиш и веруваш.

Зборувањето и дејствувањето се една иста работа.

ЧУ (должност и лојалност)

Еден вистински воин е одговорен за се што ќе каже и се што ќе направи, затоа тој е спремен да се соочи со сите последици на своите зборови и акции. Вистинскиот воин е непоколебливо лојален на сите кои се во негова грижа. Не постои пречка која не би ја поминал или жртва која не би ја направил за тие за кои се грижи.

Тие претставуваат се, на оние за кои се грижат, тие се почеток и крај.

И покрај тоа што многу од денешните модерни сфаќања се „косат“ со принципите на Бушидото, токму овие карактерни вредности претставуваат вистинска вредност кај поголем дел од популацијата ширум светот. Вербата дека преземањето на акција кои се темелат на емпатија, а не на судир, на чесност а не на профит по секоја цена, на храброст а не на удобност, може само да ни го унапреди нашето животно искуство и да го подобри животот на сите.