Случај: Меѓуградска линија „Руле турс“ која сообраќа на релација Куманово – Скопје во еден од најфреквентните периоди од утрото. Часот е 09 и 30. Пред влез во автобусот забележувам предупредување – Задолжително носење на маска во автобусот. Ја ставам својата нова хирушка маска и уредно ги покривам носот и устата.

Внатре е ужасно загушливо, а маската ми го отежнува дишењето, но одлучувам да ја следам препораката. Прво што забележувам е дека автобусот е прилично наполнет, а половина од патниците не носат маска.

Се вртам околу, со поглед го барам оној што ќе изреагира дека не се почитува препораката? Но, никој немаше никаква реакција, како патниците воопшто да не слушнале дека постои епидемија и мерки кои се задолжителни во јавен превоз.

Нејсе, седнувам на седиштето и го продолжувам патувањето. Автобусот застанува на една, па на друга постојка. Влегуваат нови патници без маски, возачот е без реакција. Автобусот е полн, а јас се задлабочувам во мислење.

  • Што да правам и што јас можам да направам и заклучам од оваа приказна? 

Сценарио 1: Да го опоменам возачот дека не смее да пушта патници во автобус без маска.

Очекувани последици: Возачот ќе се вознемири, а потребна ни е на сите неговата присебност, со патниците ќе влезам во конфликт и нема да успеам да променам ништо.

Сценарио 2: Го пријавувам случајот во дирекцијата на „Руле турс“.

Очекувани резултати: Возачот кој не е единствен ќе добие реперкусија – 20% на, и така мизерната, плата која ја зема и тој ќе биде единствениот носител на одговорноста иако вината не е само кај него.

Ништо нема да се смени суштински, освен тоа што возачот ќе добие скратување на плата, ќе ги опоменува наредните патници да носат маска и додека седнуваат со маски на седиштата ќе ги вадат на половина лице или ќе ја прекриваат само устата.

Сценарио 3: Пријавувам во Државен инспекторат

Очекувани резултати: Инспекцијата излегува на терен и прави проверка дали се спроведуваат насоките и протоколите, компанијата добива казна во најдобар случај или со малку мито и корупција, инспекторите ќе замижат пред случајот.

Ниту едно од овие сценарија нема да ги даде очекуваните резултати, а зошто? 

Затоа што во Македонија владее апсолутно безредие. Само во Македонија секој е над законот и законите кои се носат постојат само на хартија која и онака трпи се. Луѓето не се навикнати на ред, уште за најпаметен и најхрабар е оној што ќе направи се да го поремети редот. Се сеќавате на загрижената мајка која се расправаше со пола училиште затоа што наставниците не дозволуваа детето да влезе без маска?

Ако нејзиното детенце влезеше во школо без маска, тоа значи дека секое едно дете има можност да прави што сака. Тоа е легитимно кога сте дома сами, или во мало друштво на истомисленици, но не и во група која се нарекува одделение и која треба да ги воспитува децата да воведуваат ред, а не безредие во околината. Многу мудрост треба да се воведе ред, а многу глупост да се настојува редот да се наруши.

Мајката на детето имала алтернативи да го испрати детето во приватно училиште, да побара онлајн настава за своето дете, да му организира приватни наставници и ред други решенија, но таа немала намера да го „спаси“ детето од лошите маски, туку да направи перформанс на жртва која прави се да го демистифицира системот.

Да, таа е жртва но единствено на своите намери, додека наставниците беа жртви во буквална смисла. Замислете еден поединец кој спречува десетина наставници да ја обавуваат работата и пореметува една настава? Замислете секој поединец да изиграва полицаец и да ви бара увид во вашите работни задачи, лични документи и сл? Замислете поединец кој нема ингеренции да се однесува како инспектор, а бара увид во документи? На што ќе лични ова општество во тој тотален хаос кој упорно некој настојува да го создаде борејќи се за својата вистина?

Вистината денеска се докажува во судовите, а нејзиното докажување најмалку треба да се случува на улица. Но зошто луѓето избираат да докажуваат на улица одошто во судовите? Затоа што тие се сметаат за поголеми судии од судиите, за поголеми научници од научниците, за поголеми родители од дргите родители, за најмногу тангирани од сите тангирани. Луѓето во Македонија немаат однос кон институциите, кон органите на законодавството и воопшто кон редот и законите.

Законот треба да се почитува дури и да е најапсурден, бидејќи тоа ја покажува зрелоста на поединецот и зрелоста на еден народ.

Македонија не е гнила само поради институциите, таа е гнила и на микро ниво, токму затоа што луѓето се склони да поставуваат свои судови, да изиграваат судии, полицајци, лекари, да изговараат за лекарите дека се убијци и да не одговараат за тоа, да се поставуваат како инспектори и локални шерифи повикувајќи се на поединечните права кои имаат важење само додека не се судираат со правата на другите, инаку се самоукинуваат.

За уживање во правата и слободите е потребно многу посуштинско разбирање на тоа што е група, колектив, што е општествена институција и кое е важењето на законот. Не е доволно само да цитирате членови од Уставот за да си го заштитите сопствениот интерес моментално, на сметка на загрозување на поредокот и интересот на другите од групата.

Затоа иако ми пречи најмногу од се да носам заштитна маска додека се возам во автобус, јас маската ја навлекувам на себе, со тоа ја покажувам сопствената жртва пред законот, прописот и правилото. Се друго е акт на себичност и силување на правилото на групата. Во група правото не е поединечно, но одговорноста е!

Автор: Магдалена Стојмановиќ

М-р по социолошки науки