Творештвото на македонската уметница Симонида Филипова-Китановска (родена 1965 година во Скопје) вистинското свое значење и место го добива во својата историска димензија и аспект на посматрање и проследување на еден изразито активен уметнички темперамент со експонирано ликовно-естетско кредо.

Таа е уметница која во согласност со својо талент, на еден претпазлив начин ги третира ликовно-естетските проблеми кои се провлекуваат речиси низ целото нејзино творештво.

Покрај многубројните дела работени во техника масло на платно, во овој текст повеќе ќе се насочиме на нејзините дела работени во техника акварел. Овие дела кои го отсликуваат нејзиниот сликарски темперамент и спонтаност во изразот што ја водат кон една авантура постојано присутна во чинот на создавањето на секое дело.

Фасцинирана од нејзината моќ на игра, која во процесот на создавањето е составена од треперливост на контурата и бојата во водата, ова сликарство со своите нијанси може да се констатира како фигуративно и апстрактно. Така на пример, циклусот на слики под наслов „Птичја градина” не води во еден чудесен свет на флора и фауна, на цвеќиња и птици кои како појдовен мотив во нејзиниот богат опус го симболизираат животот, постоењето, хармонијата, љубовта и убавината.

Сликајќи ги во звучен и топол колорит каде е видливо присуството и на постудени тонови, авторката успева да ја задржи свежината на потегот кој на моменти станува експресионистички и емотивен при креирањето на делото.

Освен птиците како појдовен мотив, таа го негува и пејзажот со тоа што прави смело експериментирање на боите со цел да ја долови природата како органски извор на сите животни текови, давајќи и на композицијата своевидна поетска интонација. Впрочем, со своите спонтани инвенции доаѓа до комбинирани и чисти решенија на апстрактни или фигуративни форми кои се надополнети со знаковни елементи.

Потаму, во текот на изработката ги набележува основните линии и површини така што ги извлекува во финално оформување елементите на линеарната нерватура составена од мирни и експресивни форми кои добиваат арабескни и декоративни особености.

Имено, акварелот како сликарска техника има посебен сензибилитет и остава впечаток дека само на изглед е брза и едноставна. Во таа смисла, Симонида оваа техника ја користи со леснотија и со нејзе експериментира на различни начини.

Импресијата од пејзажот ја преточува во полна светлина низ која продираат силните бои кои често претставуваат одраз на нејзините силни чувства на суптилност, слобода на допирот со четката и вибрација на движењето. Во таков одреден творечки дијапазон таа умее да постигне извонредна колористичка хармонија, како на пример во делото „Изблик” кое содржи достоинство на поетизирано единство на природата, полетноста и спонтаноста расплинета во одреден сликарски простор.

Потоа, во делата под наслов: „Самовили и бобинки”, „Мимоза”, „Растечки бои”, „Црвена желба”, „Рајска птица” и др. ликовното проседе го сведува на истражување на експресивно изведени површини исполнети со движење и енергија, т.е. на стремежот со помош на разградување на формата и задржување на основниот мотив да ја задржи суштинската поетика на делото.

Таквиот необичен склоп и изненадувања сведочат за една игра на топол и студен пигмент во која примарна улога има линијата, и која за себе го задржува својството на базичен елемент во создавањето на сликата. Исто така, темите на цвеќиња и птици најчесто работени во 3Д, ги користи првенствено како тема за трансформација во апстрактни форми, но потоа од нив создава нова фигура компонирана со нова содржина и своја симболика.

Основен печат на ова сликарство е луцидниот избор на бои кои во рацете на оваа уметница го достигнуваат максимумот на заситеност и експресија, додека пак целата слика пулсира со одреден импресионистички концепт збогатен со асоцијативно-апстрактни форми.

Општа карактеристика на делата на Симонида Филипова-Китановска е богатото и инвентивното ткаење на сликарската материја создаден од  очигледен индивидуален творечки грч на рекреирање на појавното во еден сопствен свет на линија и боја, кои имаат свои законитости и се проткаени со свежината и духот на природата.

Автор: Марија Стојческа