„Само две работи се бесконечни: вселената и човечката глупост. За вселената не сум сосема сигурен.“ – Алберт Ајнштајн.
Живееме во време на парадокси. Никогаш човештвото не било побогато, а толку духовно осиромашено. Никогаш не сме имале повеќе информации, а помалку мудрост. Никогаш не сме биле толку поврзани преку технологијата, а толку осамени во душата. Расте будалијата. Не зборувам за недостаток на интелигенција. Историјата покажала дека и многу интелигентни луѓе можат да бидат неразумни. Будалијата за која зборувам е губење на способноста да се разликува вистината од лагата, доброто од злото, вредноста од привидот.
Во физиката постои закон што вели дека ентропијата секогаш расте. Секој систем, ако се остави сам на себе, тежнее кон неред и распаѓање. За да постои ред потребни се енергија, труд и постојана грижа. Истото важи и за цивилизацијата. Ниту едно општество не останало силно без доблести. Ниту едно семејство не останало здраво без жртва. Ниту еден народ не останал голем кога ќе ја заменел мудроста со самозадоволство.
Денес гледаме како ентропијата навлегува во сите пори на животот. Во политиката вистината се жртвува за популарност. Во медиумите сензацијата ја победува реалноста. Во образованието дипломата сè почесто станува поважна од знаењето. Во културата вниманието вреди повеќе од талентот. Особено загрижува состојбата на младите. Тие не се виновни за времето во кое се родени. Родени се во свет што ги бомбардира со пораки дека успехот е слава, дека љубовта е потрошна стока, дека телото е поважно од душата и дека желбата е единствениот закон.
Генерации растат без авторитети, без идеали и без чувство за света граница. Блудот се претставува како ослободување. Неморалот како модерност. Егоизмот како самореализација. Некогаш човекот се срамел од своите пороци. Денес се срами од своите доблести. Скромноста се смета за слабост. Чесноста за наивност. Верноста за застареност. Чистотата за предмет на потсмев. Но кога ќе исчезне срамот, исчезнува и последната внатрешна одбрана на човекот. Тогаш законот не е доволен. Стравот не е доволен. Затоа што општеството опстојува не само на закони, туку и на совест.
Францускиот мислител Блез Паскал напишал:
„Постојат два вида луѓе: праведници кои се сметаат себеси за грешници и грешници кои се сметаат себеси за праведници.“
Токму тука лежи трагедијата на современиот човек. Не во тоа што греши, туку во тоа што престанува да признава дека греши. Не во тоа што паѓа, туку во тоа што почнува да го нарекува падот напредок. Историјата одамна ја забележала оваа појава. Често се цитира мислата:
„Јаките луѓе создаваат лесни времиња. Лесните времиња создаваат слаби луѓе. Слабите луѓе создаваат тешки времиња. Тешките времиња создаваат јаки луѓе.“
Нашите предци поминале низ војни, глад, сиромаштија и страдања. Тие создавале семејства во услови што денес би ни изгледале незамисливи. Граделе куќи, држави и институции со малку средства, но со многу карактер. Ние ги наследивме нивните плодови. Но дали ги наследивме и нивните доблести? Или живееме од капиталот на генерации што биле помудри, потрпеливи и пожртвувани од нас?
Во последната книга од Библијата, Откровението, стои предупредување кое одекнува и денес: „И бидејќи си млак, а не жежок ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја.“ Ова не е само религиозна порака. Тоа е опис на духовната состојба на цивилизацијата која го губи чувството за вистина. На луѓе кои повеќе не веруваат во ништо доволно силно за да го бранат, но и не се подготвени да признаат дека се изгубени.
Во истата книга се зборува за време кога луѓето ќе го обожуваат привидот повеќе од вистината, кога материјалното ќе стане поважно од духовното и кога многумина ќе мислат дека напредуваат токму во моментот кога пропаѓаат. Не е тешко да се препознаат некои од тие знаци. Не случајно филмот „Апокалипса сега“ останува толку моќен и денес. Неговата порака не е само за војната, туку за тенката линија меѓу цивилизацијата и хаосот.
Патувањето по реката е патување кон срцето на човечката темнина, каде што исчезнуваат моралот, разумот и границите. На крајот не го гледаме само падот на еден човек, туку предупредување за цела цивилизација. И денес, без истрели и фронтови, се чини дека многумина пловат по истата река. Не кон воена апокалипса, туку кон духовна. Кон свет во кој вистината станува мислење, срамот исчезнува, а хаосот се претставува како слобода. Зашто апокалипсата не започнува кога ќе се урнат градовите, туку кога ќе се урнат вредностите.
Можеме да разговараме со луѓе на другата страна од планетата, а не можеме да разговараме со соседот. Можеме да создадеме вештачка интелигенција, а не можеме да создадеме стабилни семејства. Можеме да ја измериме староста на галаксиите, а не можеме да одговориме што е добар живот. Тоа е ентропијата на духот. Не распаѓање на материјата, туку распаѓање на смислата. Сепак, историјата и верата сведочат дека ниту една темнина не е вечна. Секој пад носи можност за подем. Секој хаос отвора простор за нов поредок.
Но обновата не започнува во парламентите, ниту во телевизиските студија. Таа започнува во човекот. Во неговата совест. Во неговото семејство. Во неговата подготвеност повторно да ја нарече лагата лага, а вистината вистина. Расте будалијата. Расте ентропијата. Но расте и одговорноста на секој што сè уште умее да мисли, да се срами кога греши, да се покае кога ќе падне и да стане кога ќе биде соборен. Зашто цивилизациите не ги спасуваат мнозинствата. Ги спасуваат малцинствата што одбиваат да му се поклонат на хаосот.
Автор: Гоце Кузески
*Авторот е професор по физика и колумнист



















