Нела Манческа и нејзината мајка Мирјана Манческа беа гостинки во емисијата „Мој збор“, каде искрено зборуваа за соништата, предизвиците и патот до големата сцена. Нела годинава ја претставуваше Македонија на Евросонг, со што го оствари својот долгогодишен сон и го круниса трудот вложуван со години. Нејзиниот настап беше резултат на упорност, посветеност и континуирана работа, но и на силната поддршка што ја има од своето семејство.
Мирјана Манческа, како мајка и најголем поддржувач, во емисијата посочи дека во Македонија недостигаат доволно талент шоуа и музички фестивали кои би им дале простор на младите уметници да се развиваат. Токму поради тоа, Нела се пријавила на талент шоу во Хрватска, по што нејзината музичка кариера тргнала во нагорна линија. Сепак, Мирјана нагласи дека потребна е многу работа за унапредување на домашната музичка сцена. И покрај сите предизвици, таа останува најголемата поддршка на својата ќерка, присутна на секој нејзин настап и секој важен чекор од нејзиниот пат.

















