Каква ќе биде иднината на неврохирургијата? Ако се земе предвид брзото темпо на развој и сѐ подоследната примена на современите технологии, сосема оправдано е да се замисли операциона сала во која доминираат роботи со вештачка интелигенција, со прецизни моторички вештини, контролирани од човечки фактор.

Операции со однапред предвиден исход и значително намалени ризици – сцена која до неодамна звучеше како научна фантастика, денес сѐ повеќе се приближува до реалноста.

Иако, како што вели доц. д-р Миленко Костов, неврохирург во болницата „Аџибадем Систина“, ваквата слика сѐ уште е „неврохируршки сон“, современата медицина веќе направи огромен исчекор. Денес, при изведување на сложени и високоризични операции за отстранување на тумори на мозок, се користи напредна технологија базирана на машинско учење, која значително ја намалува можноста за човечка грешка. Со помош на невронавигацијата, ваквите зафати се изведуваат со исклучителна прецизност, при што се зачувуваат невронските врски и се избегнуваат сериозни последици, како што е оштетување на центрите одговорни за моториката.

Покрај иднината на неврохирургијата, доц. д-р Костов алармира и за сѐ почестата појава на цервикална дискус хернија кај младата популација – состојба која директно е поврзана со современиот начин на живот. Долгото седење, постојаното гледање во екран, неправилното држење на телото, недостатокот од физичка активност и хроничниот стрес создаваат сериозен притисок врз ’рбетниот столб. Доколку ваквите навики продолжат, сценариото со млади луѓе со истурени вратови нанапред нема да биде дистописка визија, туку секојдневна реалност.

Во разговорот за „Мој збор“, д-р Костов објаснува како навремено да ги препознаеме сигналите дека нашиот ’рбет страда, кои симптоми укажуваат на висок ризик од цервикална дискус хернија и зошто раната дијагностика и соодветниот третман се клучни за зачувување на здравјето.