Со ова издание на емисијата „Мој збор“ му оддаваме заслужен омаж на Георги Константиновски – човекот што ѝ даде форма, храброст и современ јазик на македонската архитектура во еден од нејзините најкритични историски мигови. Архитект чие дело не е само простор, туку став; не е само бетон и форма, туку идентитет, визија и одговорност кон општеството.
Автор на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Архивот на град Скопје – прогласен за прв современ објект на европска почва, Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце, Споменикот на Разловечкото востание во село Разловци и низа други капитални проекти, Константиновски остави траен печат врз колективната меморија на Македонија. Образуван на Јеил, со професионално искуство во САД, тој по враќањето во татковината, токму по скопскиот земјотрес, ја предводи архитектонската револуција што го обликува современото Скопје и ја втемелува модерната македонска архитектура.
Прогласен за еден од 55-те најдобри архитекти во светот, и убедливо најдобар во поранешна Југославија, Георги Константиновски останува пример дека големината не е во признанијата, туку во трајноста на делото. Оваа емисија е обид да се чуе неговиот збор – како сведоштво, како поука и како обврска кон иднината.

















