Вечерва официјално започнува програмата на Вевчанскиот карневал – еден од најпрепознатливите и најавтентични културни настани во Македонија и пошироко на Балканот. Овој уникатен обичај, за кој се верува дека има корени уште од паганските времиња, со векови успешно се адаптирал на христијанската традиција и токму затоа секоја година се одржува на големиот христијански празник посветен на Свети Василиј Велики, во народот познат како Василица.
Карневалот, кој традиционално се одржува во Вевчани, претставува редок пример на жив културен хибрид. Во неговото јадро се присутни бројни пагански елементи – оган, маски, ритуални танци и симболични ликови, карактеристични за старите пагански мистерии и обреди за прочистување и обновување. Истовремено, преку празнувањето на Василица и повикувањето на христијанската симболика, карневалот добива и силна духовна димензија.
Токму ова преплетување на паганското и христијанското го прави Вевчанскиот карневал исклучително автентичен културен феномен, кој со право се смета за еден од најоригиналните обичаи на Балканот. Но, покрај ритуалната и историската вредност, карневалот е и простор за слободна мисла.
Секоја година, низ маските и поворките, публиката има можност да проследи изобилство од хумор, сатира и остра критика на актуелните политички, општествени и културни теми што ја одбележале изминатата година. Вевчанскиот карневал и оваа година ветува вечер исполнета со симболика, смеа и силни пораки.
Можеби ќе ве интересира:

















