Нина Јанева Николовски е име кое јавноста најчесто го поврзува со музиката, но нејзината животна приказна одамна ги надминува рамките на сцената. Таа е жена со широк спектар на интереси, активен дел од бизнис-заедницата, уметничка душа по многу основи, сопруга и посветена мајка.
За време на празниците, Нина е и вешта домаќинка, која со љубов ги подготвува највкусните специјалитети за своето семејство и пријателите. Искрена, отворена и секогаш присутна за најблиските, во интервјуто за „Мој збор“ таа говори за тоа како изгледаат празниците во нејзиниот дом, за семејните ритуали, но и за личните животни лекции, предизвици и надежи со кои чекори кон новата година.
Кога во вашиот дом се кити елката и се поставуваат празничните декорации? Дали тоа е момент што го правите самата или семеен ритуал во кој сите учествувате?
-Јас сум едно големо дете кога станува збор за Нова Година, Божиќ и сите украсувања и светкања што се поврзани со декември и јануари.
До лани сама се грижев за декорациите, сопругот помага за високите делови нормално, но од оваа година имам помошник бидејќи Арија изрази желба дека сака да биде присутна на декорирањето.
Беше активна првите 15 минути па кога виде колку работа има си седна на кревет и ме контролираше од далеку.
Како се снаоѓате во кујната – дали празничниот период го користите за домашно готвење и кои јадења најчесто ги подготвувате?
-Декември е вообичаено хектичен во животот веќе на секој граѓанин, особено нам кои сме преангажирани со настапи цел тој месец. Домашната кујна е највкусната и морам да признаам дека секој миг кога можеме да готвиме навистина го правиме тоа.
Главен дел се секако сарми и се што оди со нив и кисела зелка, зимските мезиња за ракија особено моето омилено пиперка во павлака се must have во нашиот дом, доброто вино и ракија традиционално се присутни, а за руската и кифличките и да не почнувам.
Кое традиционално јадење од вашето детство сè уште има свое место на празничната трпеза во вашиот дом?
-Сарми, прасечко месо, руска салата, кифлчки, и домашните благи на мајка ми, а за Бадниковата трпеза омилена ми е погачата, односно лебчето во комбинација со сос од лук и лимон.
Како изгледа празничната магија кај вас дома – дали тоа се подароците, детските приказни за Дедо Мраз, пишувањето писма, дружбата со пријателите или можеби заедничкото гледање новогодишни филмови? Кој е вашиот омилен семеен ритуал за празниците?
-Вообичаено после дневните обврски сме сите дома, особено сега за зимскиот распуст и најчесто го поминуваме времето со блиски луѓе, на гости во домашна атмосфера или екипно надвор во ресторан или кафана.
Кога сме дома секој си има свои дневни ритуали за сам себе, а групните активности со 6 ипол годишно дете вклучуваат и читање и цртање, празнично правење нокти со лепенки, радост за пакетчињата и подароците.
А бидејќи сум филмоман, веќе години наназад Lord Of The Rings,The Hobbit и Harry Potter ми се традиционални да ги гледаме во сите делови од почеток до крај. Во моментов завршувам со гледање на сите сезони од ново на Stranger Things, па утре или задутре почнувам со Harry Potter.
Сигурно во кариерата сте имале понуди да настапувате за време на празниците. Како постапувате во такви ситуации – прифаќате настап и потоа наоѓате време за семејството, ги носите најблиските со вас, или едноставно одлучувате дека празниците се резервирани само за домот?
-Првите 10тина години откако почнавме активно да настапуваме со екипата од мојот бенд гледавме да избегнуваме новогодишни вечерни настапи.
Денските забави станаа многу поактуелни, а некогаш пак и се случува да имаме и дневна и ноќна забава.
До сега само 2 или 3 пати имам прифатено ангажман за ноќен настап, а дневните забави ни се резервирани уште од месец октомври.
Вториот дел од новогодишниот ден односно вечер ми се скоро секогаш испланирани со сопругот и семејството или пријатели.
Што ќе си посакате себеси во 2026 година? Кoja е вашата новогодишна желба?
-Мир. Спокој. Здравје. Помалку стрес. Помалку злобни луѓе. Повисок праг на толеранција за човекoвата глупост. И така…
Ако се навратите на 2025 година – како би ја оцениле? Едвај чекате да заврши или ја сметате за година исполнета со успеси и убави моменти?
-Генерално беше интересна од аспект на бизнис можности и проекти кои немаат врска со музиката, нешто што го правам во животот. Но едвај чекав да ја испратам заради друга лична трагедија.
Кoja животна лекција или искуство најмногу ви ја обележа 2025 година?
-Како и сите претходни години ВЕРУВАЈ – НО ПРОВЕРУВАЈ. И здравјето нема цена.
Што би сакале да ви се повтори во 2026 година, а што не би сакале воопшто да се повтори од 2025?
-Не би сакала ништо да се повторува. Убавите моменти си наоѓаат свој начин како секогаш да се случат и во најнеочекувана форма и момент.
Сакам да одам само напред, да гледам кон иднината и кон можностите, кон сопствените вредности, да работам на себе на секое поле да бидам подобра … 2025та е зад нас, време е за нови освојувања.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов