дома прашуваме други колумна Индивидуални сликарски постапки

Индивидуални сликарски постапки

516
0
Неодамна во куќата на Уранија во Охрид, чиј сопственик е МАНУ, се отвори изложбата под наслов „Три генерации Ташковски”. Во магичниот простор на оваа специфична асиметрична староградска охридска куќа беа изложени делата на Ристо Ристовски, татко на сликарот Васко Ташковски, неговите дела и делата на неговата ќерка Лара Ташковска. Во доменот на надреалното, во продирањето во сfерата на непознатото, потсвесното и сонот понираат Васко и Лара Ташковски, додека пак неговиот татко Ристо Ристовски во потполност излегува од рамките на надреалното и транзитира во светот на наивата.

Васко Ташковски (роден во село Нижеполе, Битолско во 1937) е еден од доајените на македонското надреално сликарство чие ликовно творештво е секогаш инспиративно да се анализира така што опфаќа повеќе сликарски правци: магичен реализам, метафизичко, фантастично, фантазмогорично сликарство и елементи на традиционалното и метафоричното во еден колоритен и смел залет на само нему својствена трансформирана реалност. Васко Ташковски дозволува на својата имагинација слободен израз да создаде градови и планети што се епски во својот израз, на една надреална преобразба на видливи предмети и суштества од која, визуелно, потекнува конекцијата помеѓу природата-макрокосмосот и човекот-микрокосмосот.

Во делата на Лара Ташковска (родена во Скопје) работени во акрилна и маслена техника се забележува една малку поинаква универзална и космогониска енергија во потегот со четката. Додека ги посматраме нејзините слики се добива впечаток за една трансцедентална, космичка, зен стварност која не знае за граници и таинственост на духот. Таа не води во современ, спокоен и апстрактен ликовен свет на лотоси, билки, растенија, човечки фигури со мега формат и нежни колоритни ритмични решенија. Всушност, преку големиот формат на платната може да се согледа космички свет на јасно отсликани форми од природата, во духот на зен филозофијата и на симболичното сликарството, која својата оригиналност ја отсликува низ бесконечна димензија на времето и просторот. Во нејзиниот творечки светоглед доминантни се три елементи: вода, воздух и земја, а преку нежната геометрија на цртежот произлегува уникатен студен кристал кој како лајтмотив е доведен до пламтечки оган. Детална обработка е основен постулат од кој поаѓа во нејзината спиритуална креација, како што и самата потврдува:

Сите не инспирира работење со детализирање.

Ристо Ристовски (роден во село Нижополе, Битолско во 1912-1989) како потполно самоук уметник, но со помош на палетата на неговиот син Васко Ташковски креира сосема спонтан наивен свет поттикнат од внатрешна контемплација без никакви стилски влијанија од други стилски изрази во ликовната уметност. Со извонредна природна дарба и имагинација Ристовски во краток период од само 5 години творечка дејност насликал (1976-1981) 314 дела. Овие слики пулсираат со детална, минуциозна и плошна обработка на деталите, создавајќи драматичен, експресивен, импресивен, реалистичен, слоевит и лирски сензибилитет, во кој главен акцент дава на наивниот и шематизиран потег со четката.

Во фокусот се претежно теми од селскиот живот и колективните случувања во неговото родно село. Со помош на интензивниот колорит и традиционалната иконографија Ристовски успеал да ја долови селската идила, ведрината и рајски декор. На изложбата беа презентирани жанр сцени и пејзажи од родниот крај: од стари македонски куќи и ентериери, народна носија, стари обичаи, цркви и манастири, народни ора, занаети, па се до градски современи патишта, мостови, езера, кајчиња и слично („Три девојки од Битолско”, „Такмичење, масовна фискултура на село”, „Мајка и дете се враќаат од воденица”, “Прослава во прилепски села”, „Преспанки сликани под јаболко”, „Жени перат алишта на река” и др.). Интересен е фактот што човечките, растителните и животинските форми ги сликал дводимензионално со цел да постигне линеарна перспектива како на пример: ликовите се изведени со крупни бадемасти очи прикажани во анфас или во профил како да земаат улога во одредена случка или ентериер. Со живи бои нанесени со тенки и густи намази, испрекинати линии со четката што некаде добиваат белези на апстрактност.

Она што е заедничко меѓу сите три генерации е дека станува збор за индивидуален сликарски темперамент и оригинален ликовен јазик до кој секој автор дошол по свој личен пат со тоа што, несомнено, оставаат фантастичен придонес, уметничко богатство и афирмација на нашето сликарско поднебје.

Автор: Марија Стојческа