Во последно време се диференцираа видови писменост, па така говориме за функционална писменост, дигитална писменост и т.н. Овие термини се создадоа поради произлезената промени од пазарот на труд и директната примена на технологијата и дигиталните алатки во комуникацијата. Денеска се говори за тоа колку е важно да бидете дигитално писмени или функционално писмени, но се заборава на значењето на реалната писменост.
Со порастот на дигиталната писменост се намали реалната писменост бидејќи перформансите и вештините што се бараат поединецот да се квалификува како дигитално писмен не подразбираат: познавање на јазик, правопис, граматика, семиотика. Се повеќе луѓе знаат како да едитираат видео или да монтираат фотографија, но не знаат да опишат што всушност сакаат да кажат со таа содржина.
Дигиталната писменост сосема ја смени и комуникацијата помеѓу луѓето бидејќи создаде сфера во која нештата имаат поинакво значење, а понекогаш и немаат никакво.
Полисемија и збир од бесмислици
На Твитер се појавува твит: Каква егзотика. Овој краток твит предизвикува и по неколку стотици коментари и различни толкувања. Некои од коментарите го врзуваат твитот со изјава на некој светски политичар, други со новата мигрантска политика во Европа, трети со новиот влог за патувања кој се појавил на домашната сцена и т.н. Во суштина секој го толкува твитот на различни начини.
Ниту едно од толкувањата не е точно или погрешно бидејќи идејата на твитот не е да открие, тврди, аргументира или експресира, туку да стане основа на која ќе се редат најразлични значења и толкувања. Кратките пораки немаат никакво значење иако на прв поглед нивниот креатор делува оригинално и креативно и користи многу хумор и сарказам, доколку побарате подетална елаборација за краткиот твит нема да ја добиете. Зад твитот не стои тврдење, доказ, па дури ни лична експресија.
Од една страна твитот дава привид на полисемија или проста реченица во која се кријат многу значења, но во суштина твитот е кратка бесмислица. Со твитот не се комуницира, туку се продуцира пикадо на значења кое нема центарна точка, а сите толкувања се еднакво одалечени од целтта.
Гледање сликички или видеа наместо читање
Сликата и видеото непосредно вледуваат во нашиот искуствен простор и на нив реагираме спонтано и неконтролирано. За разлика од сликата и видеото кои ни се прикажани, читањето ни овозможува самостојно да создадеме ментална слика за настанот, појавата или ликот. Со тоа нашите реакции се забавени и исконтролирани.
Дигиталната писменост подразбира креативност во создавање и уредување на видеа и фотографии кои обично завршуваат на социјалните мрежи „ТикТок“, „Инстаграм“, „Фејсбук“ и сл. Видеата и фотографиите ги напаѓаат нашите сетила, лесно го задржуваат нашето внимание, кратко траат и предизвкуваат бура од непредвидени реакции. На пример во едно видео гледате краток приказ на Halloween маска на Тик Ток, во период од неколку секунди кај вас се менуваат неколку расположенија, прво реагирате со страв, потоа со чудење и на крај со задоволство.
Комбинацијата од овие чувства создава чувство на динамика и движење, што е природна човечка потреба, поради што имате потреба да продолжите да гледате видеа и во наредните неколку часа. На тој начин кратките визуелни пораки создаваат еден тип на зависност кај гледачот.
Дигитална писменост – систем на контрола
Дигиталната писменост подразбира и можност да ги обавите тешките административни процедури преку вашите комујутери или лаптопи без да мора физички да се движите. И додека многумина тоа го сметаат за олеснителна околност, дигиталната писменост дозволува проток на информации кои за вас во секој момент некој може да ги има.
Со искуцување на вашето име и презиме или матичен број, луѓето имаат пристап до информации за вас во секое време. Со навидум доброволно пристапување до некои дигитални платформи и давање согласност да се користат вашите податоци вие станувате жртва на мониторинг на маркетинг агенциите, секој има пристап до вашиот мобилен телефон и може во секое време да ви одзема внимание за презентирање на новите производи, постојано да добивате маркетинг понуди кои не ви требаат и сл.
Во суштина користењето на дигиталните алатки создава база на ваши податоци и историјат на купување, покажан интерес, или здравствена слабост, која им е од голема корист на бизис корпорациите да ги таргетираат вашите потреби и да ви понудат соодветен производ.
Дигитална писменост или реална писменост?
Иако никогаш не се поставува соодносот помеѓу дигиталната и реална писменост како однос на или-или, сепак факт е дека доколку преовладувате во едната, другиот тип на писменост ви губи смисла. На пример пробајте да направите сиже од некое дело или рецензија во кратко видео, твит или фејсбук статус, ќе сфатите дека социјалните мрежи и дигиталниот простор не ви даваат можност да ја опфатите суштината на делото.
Ако, пак, се обидете видеото на ТикТок да го опишете и од него да направите расказ, или приказ, ќе сфатите дека ништо од тоа видео не може да се заклучи. Едноставно реалната и дигиталната писменост се исклучуваат и е прашање на слободен избор дали ќе бидете прагматични или сепак ќе ви е поважно да ја разберете смислата на тоа што го воспириемате.
Дигиталниот свет создава привид на акција и општа какофонија, во која зборовите и јазичните единици го губат значењето во претераната рефлексија, кратките и ударни содржини и визуелизацијата која во иднина од човековата анатомија ќе создаде двoјни очни капаци. Дали дигитализацијата и новите промени се добри е етичко прашање околку кое може да се испреплетат многу перспективи, но факт е дека дигиталната писменост целосно ја порази реалната и дека луѓето се помалку знаат што се зборува и што кажале и постојано се во визуелен матрикс во кој гледаат содржини што директно ги менуваат нивните чувства и однесување.
Не ги барајте роботите надвор од нашите тела
На социјалните мрежи постојат категории на предизвици кои за кусо време стануваат глобален хит. Во 2014 беше актуелен ice bucket challenge или предизвик кој им го поставувате на вашите пријатели од социјалните мрежи да се полеат со кофа ледена вода, да го снимаат своето искуство и да предизвикаат некој друг од својата листа пријатели.
Овој предизвик беше познат скоро помеѓу сите корисници на социјалните мрежи и беше практикуван со месеци. Целокупната глобална популација се полеваше со ледена вода без тоа да има било каква смисла надвор од ефтина забава за туѓи очи. Луѓето почнаа да се поливаат самите себе со кофи со ледена вода затоа што „сите тоа го прават“. Психологијата на стадото е основен мотив на однесување и постапување во рамките на човечката заедница.
Доколку се обидете да дознаете што корисниците на социјалните мрежи правеа со чинот полевање со вода и какво значење тој акт има за нив, нема да добиете ниту еден одговор, бидејќи сите одговараат на предизвикот. Едноставно човечката мисла и акција се роботизира. Доволно е да се постави нешто како предизвик на социјалните мрежи и да стане прифатливо од поголем број луѓе и веднаш ќе сфатите дека луѓето реагираат како роботи. Ако нешто се бара од мене тоа ќе го направам без и да се запрашам дали таа акција има било каква смисла.
Автор: Магдалена Стојмановиќ