Максим Илковски е македонски режисер кој работи ТВ режија, режисер е на серијалот „Македонски народни приказни“, како режисер зема учество и во новата македонска серија „Бистра вода“, а се подготвува на македонската публика да и го понуди својот прв краткометражен филм.
Со Максим разговаравме за тоа како е да се биде млад режисер во Македонија? За спецификите и перспективите на македонскиот филм. За вредносниот систем на македонскиот колективитет кои влијаат врз филмот? За тоа што еден поединец режисер може да придонесе за развој на филмот во Македонија? За естетика на македонскиот филм, а одговоривме и многу други прашања.
Какви амбиции и замисли има еден млад, талентиран, квалитетен и перспективен режисер во Македонија?
Максим Илковски: Благодарам за воведот. Некои режисери уште при студирањето избираат насока како театарски режисер или филмска и ТВ режија, постојат ретки случаи од луѓе кои прават проекти и од двете.
Телевизија е легитимно работно место за еден режисер. Неговите способности можат да се применат на позиции како организатор, координатор, реализација на вести, реализација на програма, видео миксање, режирање за телевизиски серијал или филм.
Режисерот може да се држи и до работење на серијали, играни, документарни, музички, образовни и слично. Тоа може да го прави во договор со студио каде ќе се продуцира серијалот, за потоа да биде откупен од трета странка – телевизија или програмски канал (телевизиски канал кој нема суштински телевизиска продукција, само емитување на програми).
Наредно голем број режисери најчето целат кон филмската режија. По неколку кратки филмови се работат долгометражни. За некого, филмските фестивали низ Европа
се врвната цел. Ги сакаат уметничките, и некогаш експериментални вредности, и се држат до тој таргет. Иако има фестивали наменети за многубројни разновидни целни групи.
Но она што е чекор понапред, во поглед на големина на проект а со тоа и големина на пари кои се вклучени, е американското тло. Со исклучок на приватните студија,
говорам генерално за Холивуд, сонот, врвот на филмската уметност. Овде се продуцираат најкомерцијалните дела и за најшироката публика. Секако има и дела наменети за
останатите целни групи, но ги нагласив комерцијалните како оние кои достигнуваат најголем светски финансиски успех.
На што се сведува режијата во Македонија со одглед на тоа што немаме богата филмска продукција и сме слабо конкурентни на светскиот пазар?
Максим Илковски: Кога нашите филмови би изгледале како оние на светсткиот пазар, тогаш тие би биле конкурентни на истиот. Зборувам за она што го спомнав, холивудска комерцијала. Доколку сценариото е на такво ниво, филмовите ќе бидат гледливи, па буџетот и продукциската вредност, изгледот на филмот, ќе бидат второстепени, додека не се достигне и кај нас поголем влог за истото.
Поентата е дека конкурентноста на пазарот не зависи од најмногу од парите туку од делата, а парите постепено ќе доаѓаат, ако градиме во правилната насока. Нашите дела веројатно се повеќе инспирирани од балканските
сценарија и евентуално европските, одошто американските.
Америка дава преку 70% од својот буџет за филмско творештво. Голем дел се дава и за војување.
Тука може да се направи и проста категоризација на човештвото, оние кои времето и енергијата ги инвестираат во тоа да „уловат“ каде друг греши и да го прогонуваат, и оние кои создаваат творештва.
Такви луѓе има во цел свет, и секако во Македонија. Потребно е да се има свест за бенефитите на филмот, како и секоја уметност, за да се финансираат често проекти, наместо парите да се насочат залудно и деструктивно, за војување. Човековата природа е да твори.
Онаму каде што е инфицирана со злото, првиот грев на зависта, да се посакува туѓото, да се посакува другиот да го загуби неговото или да пострада, е таму се заматува и губи таа наша природна состојба, и ги влече потоа останатите гревови на суета, лага, агресија кон доброто и од тука во таквиот инфициран ум и срце произлегуваат делата на злосторствата, криминал, убиства, деструкција и извитоперување на себе и околината. Ова е изворот на сите светски проблеми.
Луѓето кои се очистени од овие стапици, се во склад на својата животворна природа. Негување и култивирање на животот и тоа може да се изрази на многу начини, одгледување семејство, култивација на земјиштето за прехранување, внимателност и грижа за околината, животните, воздухот, технологијата, океаните, општината,
сопственото домакинство, јазикот, татковината, човековото духовно и културно наследство што секако ги вклучува литературата, музиката, архитектурата, театарот, вајарството, сликарството, филмот и разните категории на медиумот. Ова што е набројано го разубавува животот, му ја збогатува смислата, така е и за филмот.
Нашите ситни гестови како секојдневната љубезност, мало добро дело, потпомагање некому, обична насмевка, не само што го збогатуваат и украсуваат животот, туку и поради нив човекот опстанува.
Што еден поединец режисер може да направи за подигање на естетичките стандарди на филмот во Македонија?
Максим Илковски: Ја ценам тенденцијата што прашањата се промислени и не допираат само на површината, затоа ќе се потрудам и одговорите да соодветствуваат. Ова прашање е многу точно поставено. Поединецот е тој кој прави промени. Луѓето кога се во толпа се јавува некој кој ќе вика за да се разберат, да ги надгласи, но вистината не е агресивна, не е наметлива, таа се открива индивидуално, каде што човекот има простор за интроспекција. Ова се врзува со претходниот одговор. Порокот си бара друштво, има потреба и другите да ги тера на истото размислување или дело за да си ја афирмира сопствената лага.
Додека она што е вистинито нема потреба да се убедува, ниту има потреба на бројни следбеници за таа да остане вистина. На доброто не му треба зло за да го балансира, доброто си е
добро само по себе.
Таквите индивидуалци си се спознаваат себе си, и задоволни се од животот и постоењето каде и да се во дадениот момент, ги согледуваат правилните вредности како нормален и здрав поглед кон животот и немаат потреба други да им ја валидираат реалноста ниту на други да ја наметнуваат, само тагуваат од сочуство кога го гледаат страдањето на застранетите и вообичаено се прават себе си достапни да им ја понудат помошта доколку побараат.
Малкумина се во двете крајности за кои се говори овде. Најголемиот дел се во некаква горна или долна средина.
Филмот треба да претставува задоволство за гледање, одошто како казна. Играниот филм не е должен да ја прикажува реалноста прецизно како што е, или да е историска репортажа. Во ред е и добро е да ги разубавува нештата.
Ова не значи дека не смее да се говори вистината или избегнуваат лошите работи, доколку избереме и тоа е во ред. Но тоа да се направи со вкус, доволно е јасно да се посочи за што станува збор, но нема потреба да се прикажуваат и темелно доловуваат сите грозоморни детали. Клучното е ако веќе сме влегле во мрачна тема, да ја обелодениме, да го покажеме спасот, излезот, да дадеме надеж, да го образложиме решението, гледачот на крајот да добие олеснување и среќен крај.
Ако е филмот комотен за целото семејство, тогаш може да се рече дека движите во комерцијалната насока. Доколку не е така, нагласете им на гледачите за што да се подготват, одошто да ги „фаќате на неподготвено“, доколку филмот не е препорачан и пријатен за одредена група, нека стои возрасната категорија и доловете го тонот во трејлерот.
За оние кои не сакаат, да го одбегнат филмот, одошто да се забрануваат и узурпираат делата на авторите. Постојат таргети, вкусови и групи за секаков вид филм. Има автори кои не се придржуваат до ништо од горенаведените вредности, филмови каде доминира ставот „луѓето се гнасни, светот е ужасен, сите ќе умреме и нема светла точка“, а некои и на ова додаваат: „па дајте тогаш додека сме живи да правиме што сакаме без последици“.
Легитимни се ваквите филмови и сите варијанти на експериментални насоки и целни категории во кои малкумина се пронаоѓаат, филмови кои се само со цел за пари да прават, некои за наметнување идеологии, политики, итн. Вака се оттуѓувате од она што допира до целата публика, од комерцијалното, но сепак дури и оние со вакви ставови, подобро е да се занимаваат со филм одошто да вршат криминал или на деструктивен начин да делуваат.
Вистина ли е дека секој режисер најмногу цели да се оствари во филмска режија?
Максим Илковски: Да, особено оние кои се по струка филмски и телевизиски режисери. Горе на првото прашање образложивме дека има задоволни режисери во театарот, телевизиите и серијалите, но филмот нуди искуство на непрекинато внимание од преку деведесет минути во кино сала, каде што една тема или приказна може да се претстави во својата целост.
Другите формати ја немаат таа можност токму така темелно да сервираат едно дело. Бидејќи е поголем проект и има голема публика, сите вклучено го доживуваат како свое дело низ кое ќе можат да се вложат.
Останатите формати секако ги содржат истите елементи но филмот може да се нарече кулминација или повисок степен на делата.
Зошто сценарист и режисер се обично една иста личност кај нас? Дали е тоа поради недостиг на кадар?
Максим Илковски: Ова често го гледаме и во светот. При создавањето на филмот во дваесетиот век, една иста личност била продуцент, режисер, сценарист, актер, некогаш и сценограф, камерман и монтажер.
Разгранувањето дошло како практична потреба со цел побрзо да се создаваат делата, додека едниот размислува за парите, друг да се занимава со изгледот итн.
Кога режисер ја има можноста да ја заземе улогите на сценарист и некогаш продуцент, тоа го прави по свои избор од желба својата визија најпрецизно да ја долови и бидејќи има толку бистра идеа која ја сака и излегува од него, некогаш дури и идеата делува преку него отколку што тој самиот по своја воља да ја продуцира.
Ова е сосема во ред и често дава добар плод. Режисерот често преку образованието и искуството стекнува вештини и истенчен осет и во своите блиски сфери како што е сценариото. Има други пак кои најмногу се посветуваат на визуелниот изглед со камерата, светлото, свенографијата и костимите, а трети, со поведението на актерите во детали.
Едно со друго не се исклучиви и често режисерот за сите има визија, а може да препушти и другите изведувачи да водат со
предлози во својот домен. Бројни режисери го имаат искуството да бидат викнати во туѓ проект, туѓо сценарио, избор на екипа, избор на сценарио и останато, а самиот да се
заљуби во овој збир на луѓе и идеи и да вложи од делото да го поттикне и извлече најдоброто што може. Кај нас ретко има определени писатели за сценарио, почесто тоа се драматурзи.
Особено квалитетни сценарија произлегуваат кога се адаптации на новели. Во Америка постои „единица за од книга во филм“ каде книги однапред се пишувани со цел да се адаптирани во сценарио, со што авторот и доболнително би заработувал.
Имаме ли доминантен жанр на филмови во македонската конематографија?
Максим Илковски: Имаме често драми, историски и воен жанр. Она што помалку се забележува се научни фантастики, комедии, акција. Филмови кои се лесни, забавни и повеќе го прикажуваат урбаното одошто руралното, или урбаното кое не е распаднато.
Кој режисер ти е парадигма за „добар режисер“?
Максим Илковски: Не следам целосно творештво на даден режисер, само ги запознавам преку неколку нивни добри филмови, еве неколку кои доаѓаат на ум по случаен редослед.
- Кристофер Нолан
- Денис Вилнуев
- Тери Гилијам
- Џејмс Ган
- Питер Џексон
- Алфред Хичкок
- Квентин Тарантино
- Џорџ Лукас
- Ридли Скот
- Стенли Ќубрик
- Дејвид Финчер
- Андреј Тарковски
- Стивен Спилберг
- Џејмс Камерон
- Гај Ричи
- Таика Ваитити
- Ентони и
- Џо Русо
Со која синтагма повеќе се согласуваш дека еден режисер ја открива стварноста или дека еден режисер ја антиципира стварноста?
Максим Илковски: Различни филмови го прикажуваат и едното и другото. Стварноста може да биде откриена на начин со тоа што ќе видиме како некои настани зазеле место, како изгледаат одредени земји, какви резултати и плодови носат одреден вид на личности и дела и како функционираат одредени системи.
Луѓето често одат во кино после работа, каде имале
доволно окупација со стварноста, така што истата не е неопходна за филмот да претставува уживање. Но истовремено таа природно и неизбежливо се изразува во разни сегменти.
Особено биографски филмови. Антиципирање на стварноста гледаме во филмовите „што би кога би“. Како одреден лик ќе реагира во невообичаерна ситуација, или пошироко, едно општество. Кои би биле последиците на отстапување на некои работи кои не оддржуваат или втурнување во неразумството.
Оздмазници – завршница индиректно ни претставува толкување на ставот „нема доволно ресурси за сите, подобро е да се депопуларизираме“, како и истовремено „какви последици и ефекти може да има доколку би патувале низ времето“.
Аватар ни претставува како човештвото би постапило при средба со миротворна цивилизација (не многу достојно).
Паркот Јура просто вели:
Како би се носеле доколку во денешен ден динусаурусите беа присутни. Серијалот Стар Трек: Наредната генерација, комотно може да се нарече 1000 прашања и одговори на научната фантастика. Примерите продолжуваат…
Дали сметаш дека видеото како формат и филмот се преприсутни во животот на современиот човек? Можеме ли поради голем број видеа, тик ток мрежа, визуелни претстави секогаш да одделиме јасно реалност од спектакл и видео претстава?
Максим Илковски: Вистина е дека сме преплавени со доминантно визуелни информации, споменатиот Тик Ток служи како добар пример за поширок феномен. Првенствено од овде нема да стекнете корисни, конструктивни па дури и информации кои ќе ги паметите наредниот ден.
Развиен е тој нападен маркетинг каде секој прикажува било што, набиени во кратки временски интервали, интензивни да ни го задржат вниманието додека да замавнеме со прстот. Овие интернет видеа често содржат некој како се повредува, истакнување материјални скапоцености и непростојни или полуголи позирања на раб на вулгарност и порнографија.
Нотификациите и предлозите се бескрајни и луѓе поминуваат часеви во бескрајното сурфање, запоставувајќи работа, факултет, домакинство и себе си. Дополнително стекнувате болки во вратот, а доколку сурфате лежечки во кревет –
главоболки и разни нелагодности при зглобовите.
Критериумите за мислите кон таквите субјекти како објект, како и општењето и делата, бидуваат поради ова спуштени, во однос на тоа што е долично. Постои излез и спас од оваа навика, преку согледување на неколку нешта. Првото е
дека не постои точка на заситеност, сурфањето, како и жестење на похотта во себе преку гледање на такви содржини, е незаситлива бездна, која ќе ве остави истоштени и полни со завист.
Моментот кога ќе се потсетиме на тоа дека односот меѓу мажот и жената е свет за создавање живот одошто рекреација, дека бракот е свет кој треба да се негува и растењето деца е благодет која ја исполнува личноста со вистинска смисла, тогаш воочуваме дека таа наша лоша навика не само треба да заврши, туку дека и сето нејзино практикување до сега ни било вишок во животот и не оддалечувала и градела ѕид помеѓу нас и својот бистар поглед на светот, од своето семејство, домакинство, обврски и општо светот околу нас.
Оној кој гледа на жена со желба да биде со неа, веќе извршил прељуба во своето срце.
Во ред е да се сподели убавината на човечкото тело на медиумите, но да биде со вкус, пристојно и да не е главната цел на содржината. Ако ја барате убавината низ медиумите на личноста ќе ја најдете во нејзините очи и она што го говори, и начинот како говори, но најголемата убавина на еден човек е во неговите дела.
Видео од интервјуто со Максим Илковски можете да го погледнете на следниот линк: