Александра Маленкоска е позната македонска спортистка и репрезентативка. На 10 години почнува професионално да се занимава со веслање и учествува на домашни натпревари.
Оттогаш бележи голем број лични успеси, но и успеси на сметка на државата. Маленкоска и денеска е активна спортистка, мајка, а во последно време се занимава и со јога. Вели дека за нејзината љубов кон спортот најголем „виновник“ е нејзината мајка, поранешна југословенска репрезентативка и една од најистакнатите спортистики од Македонија во рамките на СФРЈ.
Во интервјуто за Мој збор Александра ни откри колку жртви во животот поединецот треба да направи да се занимава професионално со спорт, каков бил нејзиниот пат до успехот и што ја мотивирало да не се откаже од спортот, како е да се биде жена спортист во Македонија и дали во јогата ја нашла својата спиритуалност воедно одржувајќи ја својата физичка кондиција.
- Велат дека спортистите се луѓе кои во животот прават многу жртви за да постигнат резултати во спортот. Од што сѐ човек треба да се откаже во животот за да може да биде професионален и успешен спортист (во твојот случај да се занимава со веслање)?
Маленкоска: Успешен спортист се станува со работа, одрекување и упорност. Во овие три збора се крие суштината на успехот кај секој спортист, но секако и кај секој човек. Темата за спортот е многу широка и може премногу да се пишува бидејќи постојат различни мислења за тоа како на најбрз или најдобар начин да се биде шампион, или успешен спортист.
Но, таков пат не постои, затоа што тој пат мора да биде долг и трновит, со успони и падови, бидејќи сите тие успони и падови го дефинираат карактерот на правиот спортист. Работата, одрекувањето и упорноста се главните компоненти кои те водат кон успех. Истите овие три клучни зборови ги применував додека тренирав веслање, воедно да бидам успешна и да бидам најдобра, дадов премногу жртва и одрекување од многу други задоволства, со јака волја и поставени цели „целев” кон врвот.
- Што те мотивира да се занимаваш со веслањето? Дали се тоа резултатите кои си ги поставила на себе како цел да ги постигнеш или би се занимавала со спорт и доколку доживееш некој мал личен неуспех? Колку резултатите ти се ориентир да се занимаваш со спорт?
Маленкоска: Главната мотивација и најголемиот „виновник” е мојата покојна мајка, која беше најуспешен веслач во Југославија и неприкосновена во Македонија. Гледајќи ги нејзините медали, пехари, читајќи а нејзините успеси, добив огромна желба да почнам и јас да се занимавам со веслање, и да пробам да ја надминам.
- Дали во животот си имала некоја раскрсница на која си требала да одлучиш дали ќе продолжиш да се занимаваш со спортот или ќе треба да се откажеш? Дали можеби моментот кога стана мајка ти го смени целосно патоказот кон спортот?
Маленкоска: Најтешката одлука ми беше кога требаше да бирам помегу факултетот и спортот, за жал кај нас веслањето е застапено само во 2 града, а и самиот однос спрема малите спортови е катастрофалeн. Кога веќе стигнуваш во сениорска конкуренција, губиш мотив, желба за тренинг.
Одлучив да се повлечам, и да се посветам на студиите. Веслањето секогаш ќе биде мојата прва љубов и ќе и се вратам на веслањето, но овој пат како тренер.
Со раѓањето на ќерката, добив уште поголема мотивација да пробам да сменам и да се изборам за поголема афирмација на веслањето. Да им го покажеме сите заедно здравиот пат на децата за подобро утре.
- Да се занимаваме со спорт потребно е од мали нозе да имаме личност која ќе ни дава насока, како во твојот случај твојата мајка. Но, дали сметаш дека во Македонија и денеска девојчињата повеќе се упатуваат кон некои други дисциплини (наука, уметност, култура, воспитание) порадо одошто во спорт? Дали вредносниот однос кон женското тело е сменет во Македонија и дали и денеска спорот сѐ уште се смета за „машка работа“?
Маленкоска: Ни треба едукација во спортот, сè уште постојат дискриминации кон женскиот пол во спортот, повеќе се коментира нивниот изглед, отколку нивните успеси, многу малку се застапени во медиумскиот простор.
Она што лично мене ме иритира е подбивањето со успешните жени, нивниот приватен живот, отколку вреднувањето на нивните успеси.
- Во последно време интензивно се занимаваш со јога. Дали во јогата ја најде својата спиритуалност а воедно и можност да ја одржиш својата телесна кондиција која е исклучително важна за еден спортист?
Маленкоска: Се пронајдов себе си. Добив комплетна рамнотежа и хармонија на емотивен, ментален и физички план. Јогата не е спорт, нити класична физичка дисциплина, таа е многу повеќе од тоа, многу комплексна.
Спортот се тренира, јогата се практикува. Во спортот се натпреваруваш, во јогата го нема тоа, фокусирани сте на себе и на својот напредок, нема споредување со другите.
- Што е прво што би го направила за веслањето во Македонија доколку можеш да донесеш одлука и да смениш нешто кон подобро?
Кога би имала „магично стапче” многу полесно ќе оди промената. Треба целиот систем под кој што функционира во нашава држава, да се смени од почеток до крај.
Да се постават луѓе кои што го сакаат, разбираат и ќе се борат за спортот воопшто. Речиси сите клубови се на маргините. Во училиштата, физичкото воспитување треба да биде број еден предмет, не да служи за „губење време”. Само со правилен раст и развој на децата ќе имаме успешна нација. Еден мудар човек рекол „биди ти промената, што сакаш да ја видиш во светот”.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ