Бугарите открија дека семејствата на истакнатите писатели, уметници, интелектуалци во Македонија не сакаат да чепкаат во минатото и да бараат правда за жртвите на комунизмот, бидејќи во тој процес ќе се открие дека и самите тие имаат бугарско потекло.
Ако секој од нас чепне во својата семејна историја, особено ако има жртви, веројатно е дека ќе се соочи со своето бугарско потекло. Факт е дека семејствата на истакнатите предци не може да одредуваат за националниот идентитет на нивниот предок доколку тој се декларирал како Бугар. Но дека тоа е доволно да се каже дека современите Македонци го темелат својот национален идентитет на некој бугарски предок, осносно се Бугари и тоа изманипулирани, е премиса која може да се релативизира. А еве и како:
До пред само 30тина години моите родители се декларирале како Југословени. Дали нивните црвени пасоши во кои пишува дека се Југословени се доволен доказ за било која надворешна инстанца за ревидирање на националниот идентитет дека јас не сум Македонка? Добро, јасно е дека Југославија веќе не постои и примерот е лош, ама и Санстефанска Бугарија е исто така исторски мит доволно далечен за сега да се зборува за еден народ во две држави.
Нејсе, факт е дека Македонија е геостратешки незначајна и дека со овој народ и оваа држава секој управува освен македонскиот народ. Кај нас управуваат малцинства, надворешни фактори, соседи, дијаспора, иселеници, сите освен македонското население.
Ако можеше во 21 век во екот на демократијата и човековите права преку ноќ да ни сменат идентитет од Македонец во граѓанин на Република Северна Македонија без референдум со поминат цензус, можам да замислам што се се случувало пред 45та, па и после неа.
Веројатноста дека стипендистите на софиските универзитети се декларирале како Бугари, а се дел од македонската историска индетелктуална фела е непобивлив. Ама и денеска голем број на Македонци се декларирааат како Бугари од лукаративни причини – да земат бугарски пасоши и да се иселат и покрај тоа што добро знаат и во приватна комуникација ќе ви кажат дека тие не се Бугари. Тоа доволно говори колку голем дел од Македонците се интересно поведени, да не речам продадени и побугарчени, ама никако не може да говори дека се Бугари. Какви се такви се наши си се, a и што ќе ви се такви.
Усната историја која може да ја слушнете од секоја жива баба или дедо родени во 40та година е исто така многу релевантна ако сакате да усвоите слика за тоа под какви се притисоци бил ставен македонскиот народ да биде попишуван во матични книги со иќ или со ов како ќе се менувала власта на оваа територија и политичкото влијание. И аман што сте запнале со таа Југославија и нејзина идеализација и денеска во Македонија. Па тоа не е точно, одговорно тврдам од сведоштвата на моите баби и дедовци дека голем дел од населението во тоа време не можело да поднесе колектив и тоа што не може да изрази една критика дури и да е афектна. Не е дека населението во Македонија многу пати за Југославија, ама мора да разберете дека овој народ ништо подобро за жал и нема видено, особено со овие хохштаплери кои пљачкаат како Ајдуци од осамостојување до денес.
Навистина е срамно што еден народ и во 21 век како што велите треба да се бори за реализација на своето право на самоопределување кое му е загарантирано по сите можни конвенции и Устав (кои се секако само мртво слово на папиру). Тогаш да престанеме да ги лажеме децата во градинките и школите дека имаат права и дека никој не може да им ги загрози, свесно подготвувајќи ги за свет кој никаде не постои, и кој е класична утопија.
Точно е дека право на самоопределување има, ама за одредени нешта. Сега па и ние, кај ни се дало прст, уште и кук ќе побараме. На пример имам право да се самоопределам како маж од утре, само со една изјава потпишана на нотар. Дури и за брак ми треба двајца сведоци, за ова – ништо бре, само добра волја. Тоа исто така ќе ве услови сите вас од утре да не смеете да ми се обраќате со госпоѓо, зошто можете дебело да одговарате за родова дискриминација. Ама за да се самоопределам како Македонка, треба да ископувам мртва прабаба од гроб, да се утврдува дека нејзината ДНК во доволен процент не се совпаѓа со ДНК профилот на прототипот на Бугарка. Или, пак, во најдобар случај да вадам документи од архиви при администрации кои воопшто не биле под суверенитет на македонскиот народ и тоа не од турските архиви, оти во нив јасно стои запишана придавката македонски.
И после нека ни се слатки европските пари со кои инвестираме во иновативни методи за перење детски мозоци кои ги учими за еден фин свет во кој ги чека полна крошна правила, овај права што треба да ги знаат, пошто само уште нив можеме да ги лажеме.
Автор: Магдалена Стојмановиќ