Прво и основно – затоа што ние граѓаните ќе можеме поединечно да гласаме за имињата на пратениците на партиските листи, и ние да решаваме кои пратеници од листите ќе не претставуваат нас граѓаните во парламентот, а не лидерите на партиите.


Понатаму, што произлегува од ова:

  • Премиерот ќе мора на највисоките државни функции да ги поставува најквалитетните луѓе кои ќе мора да ги исполнуваат ветените проекти и програми во кампањата, а не да ги става најлојалните послушници.
  • Заради отворените листи ќе престанат партиските вработувања во државната администрација, поставените функционери ќе бидат приморани да бараат и да поставуваат најквалитетни стручни кадри во сите државни институции, а не послушни и неспособни партиски војници.
  • Бројноста на јавната администрација и платите на функционерите ќе бидат според барањата на граѓаните, а не според желбите на политичарите, и затоа јавните трошоци многу ќе се намалат.
  • За сите поголеми проекти и јавни набавки политичарите ќе мораат да го бараат мислењето на граѓаните и на стручните лица за тоа, и да го почитуваат, зошто ќе мора да испорачаат квалитет.
  • Полицијата, судовите, антикорупциската комисија и сите репресивни државни комисии и инспекции ќе мора да работат професионално и неселективно, законите ќе важат за сите исто – а не само за оние кои не се со власта и со лидерот на власт.
  • Нема да биде стимулирано местење на тендери, перење пари, кршење на закони, а секое такво дело нема да биде сокривано – туку веднаш процесуирано во полиција и на суд, зошто во спротивно политичарите на власт ќе ризикуваат губење на довербата во власта и паѓање на владата. Граѓаните се главни, а не лидерите на власт.
  • И главно – на изборите нема да има полнење на кутии, бугарски возови и слично, зошто самите кандидати на листите ќе бидат заинтересирани се да биде максимално регуларно, и сами ќе контролираат некој кандидат од нивната партија да не ги полни кутиите со негови гласови. Самите партии и кандидатите на листите ќе бидат мотивирани изборите да поминат максимално регуларно и фер, без никакви нерегуларности. Епа малку ли е сево ова, и веројатно уште многу неспоменато, зошто итно ни се потребни отворените изборни листи? Со затворените листи сите горенаведени аномалии на општеството се стимулираат, а со ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ сами од себе се решаваат – заради таквиот изборен систем, независно кои и какви луѓе ќе се изберат на избори.


Ете затоа ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, и затоа вистинските современи патриоти мораат под итно да го променат Изборниот закон и да ги воведат. Само така, со еден потег, ќе се отсечат главите на сите мафии кои длабоко се инсталираа во Македонија, и ќе се откријат лажните патриоти кои им служат на тие мафии за лична корист. Се е едноставно и сѐ се гледа, треба само да гледаме кој ќе биде за итно воведување на отворените листи – а кој директно или индиректно ќе го оневозможува тоа.

Автор: Елизабета Најдоска – Величкова за Трибуна