Најсимпатични периодов се овие кои под капата на „општото добро“ жестоко ги напаѓаат луѓето што не сакаат да се вакцинираат укажувајќи им дека се глупави, ограничени, необразовани, жртви на завери.
Баш сакам да ги видам одблиску тие што го разбираат општото добро.
Макс Шелер вели дека вредностите се многу комплексни и дека во индивидуални случаи, се потврдува дека ниту една вредност не е повеќе на скалата од другата. Можеме да го ставиме здравјето како вредност пред слободата на избор на општо рамниште, но на индивидуално тоа да донесе голема несреќа.
Од друга страна интересна е онаа анегдота за спорот помеѓу Лајбниц и Волтер. Додека Лајбниц екстатично го застапува концептот на „општото добро“ тврдејќи дека злото не постои и дека тоа е само „недостаток на добро“, Волтер ја пишува славната книга „Кандид“ со што му одговара на неговиот ривал Лајбниц на саркастичен начин „Да, злото не постои, постои само општото добро, колку е поголемо поединечното зло, толку повеќе потврдува дека е големо општото добро“.
Проблемот со „ваксерите“ и „антиваксерите“ е што епистемиологијата се конвертира во чиста индоктринација и застапување на позиции.
Ни оние кои ги обвинуваат, луѓето кои не сакаат да се вакцинираат дека се прости, немаат медицинско образование, ниту се имунолози, ниту епидемиолози.
А во случајот со вакцините, знаењето на еден правник е исто толкаво како и знаењето на еден механичар на една тема. Па така не е многу важно што си доктор на науки ако немаш медицинско образование и знаење, кое те возгордејува доволно да го навредуваш автомеханичарот дека е автомеханичар, што е сосема ирелевантно во градење на знаења за тезата да се вакцинираш, односно да не се вакцинираш.
Мој личен пример е дека двајца различни имунолози имаат сосема различен, па дури и спротивен став околу тоа дали треба да се вакцинираш, по прележан вирус. Е сега, ќе консултирам некој правник кој се залага за општо добро дали да се вакцинирам, под страв да не ме етикетираат уште еднаш квази либералите за заштита на човекови права како „проста“, а нема да ме збуни расколот што го има во внатренауката и ескпертските тврдења.
Смешно е кога постапуваш од „висока позиција“ кон некоја тема, омаловажувајќи други, а после сам се убиваш у поим, кога се што го тврдиш може да ти се редуцира на апсурд.
Србите за таквите ликови велат „Сам пао сам се разбио“. Така е, кога како „Икар“ крилјата со кои летате ги лепите со восок. Колку поблиску до Сонце, толку побрзо се топи восокот и оддеднаш само ќе погинете од наглиот пад.
Не е точно дека незнаењето мајка на сите гордости, туку гордоста е мајка на целото незнаење!