Тага не е да си тажен, тага е да даваш привид на среќа.
Не е тагата онаму каде што не е љубовта. Тагата ја угушила љубовта и триумфално седи над нејзините јагленисани коски.
Таа не е да си незадоволен од својот живот, тага е да си несреќен поради болката на другите.
Тага е кога си тажен, ама не си даваш право да тагуваш.
Toa е кога другите ги сакаш повеќе од себе и не сакаш да ги гледаш тажни поради твојата тага.
Тага не е да плачеш, тага е да се смееш, иако одамна си заборавил какво е чувството нешто да ти е смешно.
Не е пасивна, таа е активна борба за подобро утре, во кое ни сам не веруваш дека ќе дојде.
Таа не е конечна, тагата е вечно присутна, кога еднаш ќе се насели, полека се шири се додека не ја зафати и последната клетка од телото.
Тогаш почнуваш да дишеш тага, да вдишуваш тага, да издишуваш тага, да оргазмираш тага, да зборуваш тага, да јадеш тага, да бидеш ТАГА.
Твоето лице, веќе не е твое, туку е заштитно лице токму на таа навидум апстрактна, преопшта, недефинирлива состојба на тага.
Веќе немаш што да изгубиш, ама се бориш, со неа, за неа, да не те напушти, бидејќи ако те напушти ќе ти остане НИШТО!
Тагата е состојба во која не знаеш дали е убаво или не да се биде, ама веќе забораваш како е да не се биде во неа.
Создава зависност и умираш посветен на неа, токму како да си живеел да и ја докажеш својата верност!