Ернст Фишер во една своја дефиниција за културата вели дека функцијата на културата во општество кое се распаѓа е да ја рефлектира таа состојбата, да ја прикаже таквата состојба како менлива и да помогне во промената. А како и за се друго и развојот на кулутрата, а со тоа и на способноста преку неа да се менува општеството, зависи од материјалните (социо-економските) услови во кои таа се развива. Тоа најубаво е отсликано во репликата на Џон Адамс во истоимената биографска серија по прашањето дали има афинитети кон опера и танц. А тој вели: „Јас мора да учам политика и војувајње за да моите синови имаат слобода да учат математика и философија. Моите синови мора да студираат навигација, комерција и земјоделие како би нивните деца имале право да учат цртање и поезија и музика.” А во какви услови се наоѓа нашата уметност?
Слични ко оние кои го натерале Адамс на таков одговор. Предвоени, робовски. Да почнам со ред. Пред ослободувањето и формирање на македонска држава во 1944 условите за развој на македонската култура беа оскудни. Што е и нормално оти немало државен апарат и институции кои би го поддржале тој развој. Но по ослободувањето новата народна власт се зафатила со сериозна работа по ова прашање. Хенри Ноел Брејлсфорд во својата повторна посета на Македонија (првата е во 1903) во 1951 за Штип го дава следниов опис: „На крајот на градот, отворениот театар е веќе изграден. Стоејќи помеѓу дрвјата на ридот, тој претставува убав детал во пејзажот, и човек може да ги слушне дури кротоките зборови изговорени на неговата сцена. Дел од изградбата беше завршена со волонтерска работа. Затворениот театар е помал, но граѓаните се одлучни дека сакаат поголем. Ние се прашувавме себеси, дали некаде во некој град со приближна големина на Британските Острови, постои дури еден театар, не два. Неговиот директор, млад човек на 23 години, бил партизан. Тој глуми, тој предава и ја дизајнира сцената. Секогаш на Балканот малкутемина обучени мораат да им служат на многуте ненаучени. На ѕидовите стојат преведени извадоци од Хамлет и Вилхелм Меистер, кои го слават дигнитетот на актерскиот занает. Со возбудата на истражувачи Македонците го освојуваат кралството на културата, нешто што ние на Запад го земаме како „здраво за готово.” И така по ослободувањето никнаа народни театри и домови на културата, се основаа курсеви кои прераснаа во школи и факултети.
А каде сме сега? Сега сме во ситуација кога тие театри и домови на култура се запуштени, руинирани, мувлосани и празни. Сега сме во ситуација кога актерски екипи, режисери, уметници се принудени да молат на секакви места за минимум материјални средства потребни за да ги остварат своите креации. Принудени се да молат за простори за одржување претстави и изложби по кафани, хангари и визби. Приморани се душата да си ја продаваат на некој неписмен моќник како би овој за возврат би им го дал минимумот потребен за нивните креации. Сега најубаво не опишува изреката која вели дека што генерациите после војната направија ние не стигнавме ни да го обелиме. А како дојде до ова?
До ова дојде поради партискиот клиентелизам. Дојде време кога на власта не се гледа како средство за остварување општо добро ами како на средство за остварување на лична корист на поединци. Во таква ситуација на функции не се ставаат луѓе по заслуга оти се способни најдобро да управуваат со јавното, ами се ставаат луѓе по заслуга која се мери во број на донесени гласови. Па така имаме трагикомични сиитуации кога професори по фискултура стануваат директори на центри на култура. А таквите ниту се способни да сработат нешто вредно ниту пак имаат таква цел. Тоа се егоцентрични идиоти, оперирани од емпатија и чувство за заедница и кои мува не ги лази што немаат допирна точка со функцијата која им е дадена. Нив единствена цел им е да земаат директорска плата како заслуга за донесените гласови.
Најдобра слика за ова е игранката која се случи со изборот на директор на НУ Центар за култура „Антон Панов-Струмица“. Имаше конкурс за избор на директорот и тројца кандидати. Едниот кандидат е културен менаџер со мастер студии на Унеско катедрата за културен менаџмент при Универзитетот за уметности во Белград и десетгодишно искуство со проекти во полето на културата. Таа своите мастер студии ги завршила на англиски јазик. Другиот кандидат е диплмирана актерка со дваесет годишно искуство, која од 2010 до денес е вработена во НУЦК „Антон Панов” – Струмица. Третиот кандидат е професор по фискултура. Погодувате кој беше избран за директор. Се разбира, професорот по фискултура. Изговорот на Министерството за култура е дека првата кандидатка немала сертификат за познавање на англиски јазик иако мастер студиите и се завршени на англиски. А втората кандидатка немала доказ дека има пет години работно искуство во култура иако десет години е вработена во НУЦК „Антон Панов” – Струмица. А каков доказ за работно искуство приложил фискултурецот. Ни повеќе, ни помалку туку диплома за освоено трето место на карневалот во Струмица и диплома за учество во некаква си празијада. Да ова што го читате е сериозно, не е сцена од некоја комедија.
Ете затоа е културата на нивото на кое што е. Арно ама сега за прв пат ова не поминува молчешкум. Сега за прв пат културните работници се гласни. По иницијатива на актерите од струмичкиот театар над двесте и шеесет уметници и културни работници побараа од Министерството за култура да го поништи изборот на фискултурецот и да се престане со поставување на партиски кадри на раководни места во институциите. Овој притисок што го прават актерите од струмичкиот театар воедно е и нивното животно дело, нивниот најголем преформанс. Во оваа претстава, согласно дефиницијата на Фишер, тие совршено го рефлектираат распадот во кулурата и општеството и јасно ги оцртуваат контурите на промената. И не само тоа, тие направија и нешто ново. Создадоа претстава во која и публиката може да биде дел од претставата. Веќе утре има протест во Скопје пред Владата и Министерството за култура. Па публико, бујрум, бидете дел од оваа историска претстава.
Автор: Саше Јанчев