Откако Талибанците се вратија на власт во Авганистан по 20 години, фокусот на светската јавност е шеријатскиот закон, начинот на кој се применува, а особено што значи за жените и девојчињата.

По освојувањето на Авганистан, портпаролот на Талибанците Забихула Муџахид се обрати до јавноста, кој конкретно се осврна на правата на жените и рече дека „тие ќе ги имаат сите права во рамките на шеријатот“.

Ги гарантираме сите права на жените според шеријатските закони. Жените можат да работат во образованието и здравството. Ако меѓународната заедница е загрижена, нека знаат дека нашите жени ќе ги имаат сите права според шеријатот. Нашите жени се муслиманки и мора да го почитуваат шеријатскиот закон – рече Забихула.

Додека целиот свет жали за судбината на авганистанскиот народ, за кој се предвидува дека ќе се врати во темната ера на шеријатската диктатура, претставниците на Талибан ги повикаа жените последните денови да се приклучат на нивната идна влада. Сепак, многумина се скептични за оваа драстична промена и веруваат дека со доаѓањето на Талибанците, Авганистан стана исклучително опасно место за жените.

Иако се уште не е познато кои слободи ќе им бидат одземени на Авганистанките во иднина, кога Талибанците беа последен пат на власт (од 1996 до 2001 година), тие претрпеа нехумана репресија. Револуционерното здружение на жени во Авганистан (РАВА) објави список на правила кои „нудат само краток увид во пеколот во кој авганистанските жени биле принудени да живеат под талибанците“.

Во овој извештај, тие го наведуваат следново:

– Талибанците се однесуваат полошо кон жените отколку животните. Иако е нелегално да се чуваат птици во кафези, Авганистанките беа заробени во ѕидовите на нивната куќа. Жените немаат никакво значење во очите на Талибанците, освен ако не се занимаваат со раѓање деца, задоволување на машките сексуални потреби или обавување на домашните работи.

Еве список од 29 правила што Талибанците ги воведоа кога последен пат владееја:

– Целосна забрана за работа надвор од домот. Во некои болници во Кабул, можеа да работат само неколку докторки и медицински сестри. Но, сите други професии беа резервирани за мажи.

– Целосна забрана за активности за жени надвор од домот, освен ако не се придружени со махрам, близок машки роднина, како татко, брат или сопруг.

– Забрана за водење бизнис со машки трговци

– На жените не им беше дозволено да се лекуваат кај машки лекари.

– На жените им е забрането да учат во училишта, универзитети или која било друга образовна институција.

– Жените мораа да носат бурки, долги превези што ги покриваат од глава до пети.

– Жените кои не беа облечени според талибанските правила или кои не беа придружени со шамија, беа камшикувани, тепани и навредувани.

– Ако нивните глуждови не се покриени, тие се казнуваат со тепање во јавност.

– Јавното каменување е казна за жените обвинети за секс надвор од бракот.

– Употребата на козметика е забранета. На многу жени со лакирани нокти им се отсечени прстите.

– На жените не им е дозволено да зборуваат или да се ракуваат со мажите, освен преку шамијата.

– На жените не им е дозволено да се смеат гласно.

– На жените не им е дозволено да носат потпетици, бидејќи мажот не треба да ги слуша женските чекори.

– На жените не им беше дозволено да патуваат со такси без шамија на главата.

– На жените им е забрането да присуствуваат на радио, телевизија или јавни собири од секаков вид.

– На жените им е забрането да спортуваат или да влегуваат во спортски центар или клуб.

– На жените им е забрането да возат велосипед или мотор, дури и со марами.

– На жените не им е дозволено да носат облека со светли бои, односно, како што ги нарекуваат Талибанците, „сексуално привлечни бои“.

– На жените им е забрането да се собираат за празнични прилики како што е Бајрам или за рекреативни цели.

– На жените им е забрането да перат облека на река или на јавни места.

– Имињата на сите места што го содржеа зборот „жени“ се сменети. На пример, „женската градина” беше преименувана во „пролетна градина”.

– На жените не им беше дозволено да се појавуваат на балконите во своите куќи.

– Задолжително е да се обојат сите прозорци, за жените да не гледаат надвор од своите куќи.

– На кројачите им е забрането да прават женски мерења или да шијат женска облека.

– На жените им е забрането да користат јавни тоалети.

– На жените не им е дозволено да патуваат со ист автобус.

– На жените не им е дозволено да носат панталони, дури и под бурка.

– Забрането е фотографирање на жени.

– Забрането е печатење фотографии на жени во весници или книги.