Русија и Кина ја блокираа резолуцијата на ОН за Хормускиот теснец, Резолуцијата доби поддршка од 11 од 15 членки, иако беше претходно ослабена за да се избегне вето.


Русија и Кина ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, која имаше за цел заштита на комерцијалното пловно право низ Хормускиот теснец.

Нацрт-текстот, за кој гласањето се одржа во вторник, го предложи Бахреин. Единаесет од 15-те членки на Советот за безбедност гласаа „за”, додека двајца се воздржаа. Сепак, Русија и Кина тврдеа дека мерката е пристрасна кон Иран.

Според резолуцијата, засегнатите држави ќе беа повикани „да ги координираат напорите, со одбранбен карактер, соодветни на околностите, со цел да придонесат кон обезбедување на безбедноста и сигурноста на пловидбата низ Хормускиот теснец”.


Блокадата ги зголеми цените на горивото ширум светот

Пловидбата низ овој теснец, низ кој порано поминуваше петтина од глобалните пратки со нафта и гас, практично застана по тоа што Техеран се закани дека ќе ги напаѓа бродовите — како одговор на војната покрената против Иран од страна на Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари.

Блокадата предизвика нагло скокање на цените на горивото во голем дел од светот и наведе некои земји, особено во Азија, да воведат ограничувања на потрошувачката и да воспостават рационирање на снабдувањето.

Рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп за Иран да го отвори водниот пат или да се соочи со уште посилно бомбардирање требаше да истече истиот ден — вторникот — откако тој повеќепати ги издаваше и одложуваше слични закани.


Американски и француски осуди

Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, ги осуди руското и кинеско вето, нарекувајќи ги „нов минимум”, и нагласи дека затворањето на теснецот од страна на Иран ја спречува медицинската помош и снабдувањето да стигнат до хуманитарните кризи во Конго, Судан и Газа.

„Никој не треба да ова да го толерира. Тие го држат глобалното стопанство со пиштол на слепоочницата. Но денес, Русија и Кина го толерираа тоа,” рече Волц.

Франција ги изрази своето жалење поради ветото. „Целта беше да се поттикнат строго одбранбени мерки за обезбедување безбедност на теснецот, без да се предизвика ескалација,” рече францускиот амбасадор во ОН, Жером Бонафон.


Русија и Кина: Резолуцијата е пристрасна

Кинескиот претставник во ОН Фу Конг изјави дека усвојувањето на таков текст, во момент кога САД му заканува на опстанокот на еден народ, би испратило погрешна порака.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небенција соопшти дека Русија и Кина предлагаат алтернативна резолуција за состојбата на Блискиот Исток, вклучувајќи ја и поморската безбедност.

Иранскиот амбасадор во ОН Амир Саид Иравани ги пофали кинеската и руската одлука, велејќи дека „нивното дејство денес го спречи Советот за безбедност да биде злоупотребен за легитимирање на агресијата”.


Резолуцијата беше значително ослабена пред гласањето

Формулацијата на резолуцијата беше предмет на преговори зад затворени врати со денови. Претходна верзија на документот изречно упатуваше на Поглавје 7 од Повелбата на ОН, кое му дава на Советот за безбедност овластување да преземе мерки — од санкции до употреба на воена сила.

Меѓутоа, по спротивставувањето на Кина, Бахреин значително го ублажи нацрт-текстот, отфрлајќи го секое овластување за употреба на сила. Исто така, беше испуштено изречното упатување на обврзувачко спроведување, вклучено во претходната верзија.