Каде се учи морал? Кој одредува дали нешто е морално или не? Што значи кога некој ќе рече тоа не е морално да се прави? Дали моралот се стекнува или е генерички врзан за човечкото постоење и делување? Овие прашања ако ги третираме како истражувачки имаат побарувачка на комплексни и структурирани одговори, а веројатно најголем број од луѓето си ги поставуваат и не можат да ги сфатат поради општата димензија што ја поседуваат.

Моралот доаѓа паралелно со развој и усложнување на организациската форма на општествата. Етимолошки зборот „морал“ води потекло од латинскиот збор „mos“ што во слободен превод значи обичај. Обичај, пак, значи нешто што луѓето обично го прават, односно е најзастапено поведени, форма на делување, постапување или однесување. Моралот значи форма на рационализација, пропишување и стандардизација на најчесто забележителни форми на човечко дејствување. Со влезот на монотеистичките религии во западните општества и нивна институционализација по Миланскиот едикт, се забележува дека црквата го презема суверенитетот над моралот. Па така школи за морал се лоцирани во црквите и во монашките редови. Тие во текот на Среден век се занимаваат не само со теолошкиот дискурс, туку и со световните работи.

Модерните, секуларни општества, пак во себе содржат „институции“. Институционализација според Макс Вебер е исто што и рационализација, или рационални норми кои го организираат општествениот и заедничкиот живот. Во модерните општества имате куп институции кои го регулираат моралот од семејството, преку училиштето, мас медиумите до други граѓански институции како Центри за социјална работа, судови, полиција и др. Институции кои покажуваат што е морално, а што не имате насекаде – татко, мајка, брат или сестра, членови на потесно и пошироко семејство, соседи, полицајци, свештеници, судии, социјални работници и други. Во нивниот вокабулар најчесто се среќаваат зборчињата „треба и не треба“. Со нивниот вокабулар тие се позиионираат супер-ординирано, зборуваат од позиција на моќ и се однесуваат како надлежни врз областа „морал“.

Хиерархија на вредности

Тесно поврзани со морал се вредностите, а секој човек има сопствен избор и хиерархизација на вредностите. Вредностите се духовни или идејни меури во чија содржина се наоѓа некаква смисла или значење. Вредностите ја обликуваат перцепцијата, доживувањето на работите, реакциите и долгорочното делување на луѓето.

Вредностите се индивидуални, во одреден степен се зависни и од културата во која поединецот ги стекнува вредностите. На пример во некои култури како црногорската од големо значење е „чест и јунаштво“ во други култури како албанската на пример „честа на семејството“ и сл. Тие вредности имаат стекната основа и луѓето ги учат преку средината во која растат.

Од друга страна постојат и универзални вредности како – праведност, лојалност, чесност, искреност и слични кои се смета дека важат за сите луѓе. Овие вредности произлегуваат од потреби на луѓето за – сигурност и љубов и припаѓање. Каква хиерархизација на вредностите ќе се направи е прашање на индивидуален избор и таа го детерминира изгледот на личноста.

Доколку во X хиерархија на вредности лојалноста е прва вредност над праведноста, тогаш може да очекувате поединецот да е пристрасен и да зазема страна во две „завојувани“ страни. Поединецот секогаш ќе се стави во служба на одбрана на оној кому му е лојален пред другиот дури и доколку неговата постапка не е праведна. Затоа во мафијата и во криминалните кругови за најпосакувани луѓе важат оние кои во својата хиерархија на вредности ја имаат токму лојалноста над сите други вредности.

Морал и право

Правните норми се еден тип на пропишани норми околу кои постои сеопшт консензус. Правните норми имаат „настанувачка“ природа и покрај тоа што правните фундаменталисти се борат за докажување на sui generis димензија на правото.

Моралот и правото се тесно поврзани, испреплетени, а скоро и да не може да се демаркираат во современите општества. Денеска луѓето не прашуваат дали нешто е морално исправно и ги поминува моралните „тестови“, туку дали нешто е легално. Доколку нешто е легално по автоматизам се заклучува дека е дозволено и морално.

Сепак правото не го опфаќа моралот кој е многу поширок поим и област од правото. Правото го опфаќа само заедничкото делување во кое слободата на еден поединец не се протега подалку од нејзините внатрешни граници кои се распространети до границата на слободата на другиот. Доколку поединец направи упад и ја загрози на кој било начин слободата на другиот, тогаш има повреда на правото и правниот систем тоа го препознава како случај – кој подлежи на санкција (во зависност од тежината на делото – прекршок или кривично дело).

На пример правото нема да ве „осуди“ доколку го воспитувате вашето дете дека во животот треба да „гази над лешеви за да стигне до целта“, но таа воспитна максима нема да го помине тестот на моралот бидејќи не е чесно да се гради успех над туѓиот неуспех, крах, ситни местенки, сплеткарења и кодошења.

Морал и традиција

Често поимот морал се истоветува и со поимот „традиција“ па се смета дека традицијата е чувар на моралот. За некои луѓе да се биде морален значи да се живее во дослух со традицијата, со историјата и со споменот на предците. Во суштина ваквата позиција е проблематична и дискутабилна.

Секако дека традицијата и минатото имаат големо значење за себеспознанието, но на нив секогаш треба да се постапува со извесна егозотика и љубопитност, а не со апсолутно прифаќање само затоа што нешто е традиција.

Луѓето многу често паѓаат во замки и манипулации што им се наметнуваат зад реченицата „Тоа е традиција“ иако воопшто не е во согласност со автохтона традиција, туку е плод на нечија поединечна имагинација и креација.

Така на пример жените кои не добиваат внимание од нивните партнери често знаат да измислат свои традиции како би добиле мало внимание, ситен гест и подарок. За „Интернационален ден на жената“ е измислена цела традиција за купување на подароци и букети за жените, иако ретко која од жените го знае вистинското значење на 8ми Март и историскиот контекст на настанување на тој празник.

Често пати се случува да слушнете реченица: „Тоа немало во наше време, или вашите баби сигурно тоа не го правеле“. Веројатно има фактичка вистина во таа реченица, но тоа никако не е поврзано со морал. Тоа што некој го правел или не го правел во одреден општествен контекст време и околности никако не е репер за морал или неморал. Од денешен контекст на пример е фрапантно децата да се мажат и стануваат мајки на 15 години, додека во времето на нашите баби тоа и не биле баш ретки примери. Секое време носи свој печат врз односите и начинот на живот и затоа минатото не треба да дозволите да има ехо врз сегашноста и иднината.

Заклучок

Што е морално, а што не одредува само судот на нашата совест. Ниту една надворешна инстанца не може да ве направи морални, може да ве направи исплашени и уценети но тоа е состојба која нема врска со моралност.

Моралноста кај човекот е вродена, но и подложна на изострување. Ако успеете сите ваши одлуки, постапки и дејства да ги донесувате пред судот на вашата совест и да се преиспитувате како се чувствувате поради некоја одлука тогаш се обидувате да водите сосема морален живот.

Исто така е важно да се „ставите во чевлите на другите“ и да ги гледате работите и од туѓа перспектива. Сензибилизирањето ви дава поголема емоционална интелигенција која е услов за среќен и исполнет живот.

Магдалена Стојмановиќ