дома прашуваме други колумна Сите тежнееме кон „слобода“, но што всушност претставува слободата?!

Сите тежнееме кон „слобода“, но што всушност претставува слободата?!

1830
0

Слободата е состојба, а секоја состојба е временски конечна. Никој не е слободен во текот на целиот живот. Напротив постојат многу животни ситуации во кои поединецот чувствува дека неговата слобода е загрозена и дека некои одлуки и акти ги носи односно врши под влијание, надворешни притисоци, закани, уцени, а некогаш и приндуи.

Во својата книга „Бегство од слободата“ Ерих Фром потенцира дека човекот ја разбира слободата само додека го има моментот на „слобода“ од и „слобода за“.

Тоа значи дека слободата има смисла и значење во човечкиот живот само додека човек има конкретно попречување на неговата слобода, односно нешто кое го држи во поробена состојба (на пример робот – неговиот господар) и додека тежнее да се ослободи од тоа за некоја друга цел (на пример да стане слободен и да може своите деца да ги праќа на училиште).

Слободата според фројдо-марксистот – Фром е можна да се дефинира, доживе, разбере и добие смисла само во рамките на таа отсечка – како „слобода од“ и „слобода за“.

Временски во таа отсечка слободата се наоѓа во перманентна сегашност, бидејќи тоа „од“ се однесува на состојба која била предизвикана во минатото, додека тоа „за“ е надеж, мотивација, тежнение и слика кон иднината.

Монотеистичките религии исто така на автентичен начин се занимаваат со темата за човековата слобода и тие сметаат дека таа му е дадена на човекот за да може да одлучи да тргне кон Божјиот пат, но „слободата“ како концепт во христијанството игра голема улога и во оправдување на прашањето за „злото во светот“.

Сепак постојат неколку општи карактеристики и општа согласност околку тоа што значи слободен човек:

When Freedom Gets Personal

Слобода не е отсуство на надворешна пречка

Најзастапено мислење е дека „слобода“ е да се прави што се сака. Во суштина тоа е многу опасна дефиниција за слободата.

Слободата не значи отсуство на надворешни пречки, туку добро познавање на средината во која поединецот припаѓа, сите правила, структури и норми на организација и способност тие да се разберат, менуваат, надоградуваат, унапредуваат и ревреднуваат.

Услов еден човек да е слободен значи да има „знаење“ за работите кои ги опкружуваат, а знаењето ќе му помогне да ги владее работите околу себе, наместо тие да му причинуваат „страв, потиштеност и угнестеност – што се чувства на неслободни луѓе“.

Организацијата значи слобода

Веројатно сте читале книга или сте гледале филм кога поединец или цела група по некоја авионска несреќа или несреќа на брод ќе се најде/ат на пуст остров каде што нема никакви правила.

Ако дефиницијата за слобода како отсуство на секакво правило е точна, тогаш тие луѓе треба да слават кога ќе дојдат во средина каде што може да прават што сакаат и нема институции, други луѓе, заедница, судови или затвори што ќе го санкционираат или наградуваат нивното однесување.

Сепак, човекот има потреба да функционира во структура, норма, правило и организација. Ако правила некаде не постојат, тогаш човекот ги создава и се придржува до нив исто како кога би имало институција која би го контролирала спрведувањето на правилата.

Кога млад брачен пар создава ново семејство во нов дом, не се прилагодува на правила кои веќе постојат, туку создава свои и нови правила и секој од членовите се придржува до воспоставената форма на функционирање.

Егоистички самоубиства

Францускиот социолог Емил Диркем, има направено богата студија за „самоубиствата“ објавена како книга со наслов „Самоубиство“, еден од типовите на самоубиства е и егоистичкото самоубиство.

Според Диркем егоистичкото самоубиство настанува во средини кои се премногу либерални и во кои поединците имаат големо пространство на права и слободи. Егоистичкото самоубиство е спротивно од фаталистичкото кое, пак настанува во колективистичките општества кои се сурови кон поединечните права и слободи и за нив постои само концепт на обврски и должности.

Истражувањата на Диркем покажуваат дека процентот на егоистички самоубиства е дури поголем од процентот на фаталистичките самоубиства. Затоа често ќе прочитате дека некој поп артист, познат естраден уметник со многу пари и слава се самоубил со предозираност, додека некој член на сиромашна каста во Индија секој ден пешачи и по 10тина километри да го снабди своето семејство со храна. Тој тип на самоубиства во номенклатурата на Диркем се означува како „егоистичко самоубиство“.

Отсуство на правила и пречки значи и губење на смисла за борба, а кога човек ќе процени дека не постојат повеќе животни предизвици и нема од што да се ослободува и за што да се ослободува често решава да си го одземе животот како излез од заглавеност во апсурд.

Внатрешна слобода

Често се прави разлика помеѓу внатрешна и надворешна слобода. Пример за разликување на внатрешна и надворешна слобода е политички затвореник кој во затвор слика, компонира музика, чита и црта симболи на слобода и човек кој е на слобода но поминува помеѓу другите луѓе полн со страв, презир, чувство на омаловаженост и она што народски го викаме „чувство на тесна кожа“.

Кој од овие два профили на луѓе е слободен, а кој е заробен?

Прашањето секако е реторско. Слободен е оној што ја има слободата во својот ум и покрај тоа што се наоѓа затворен во некоја мувлосана ќелија.

Тој тип на слобода го нарекуваме внатрешна слобода и тоа е слобода на духот кој бара предизвик, има мотивација, сака игра, произведува смисла, има знаење и има цел за која се бори.

Ова се само неколку дистинкции кои се потребни да се разбере концептот на „слобода“. Сепак треба да се напомене дека „слобода“ е исклучително комплексен и општ концепт кој не може да биде опфатен во неколку редови и реченици.

Магдалена Стојмановиќ

*Авторот е м-р по социолошки науки и дипломиран професор по филозофија