Моментот кога ќе одлучиш да се посветиш на нешто поразлично од личните ниски страсти, е нештото што те прави посебен. Сакаш да покажеш дека си нешто повеќе од раја, сакаш да избегаш од рамката. Никој не го знае твоето име, ти си незнаен јунак. Ти си човекот, кој и оставил абер на сопствената мајка дека ќе оди комита и меѓу редови и кажува дека не треба да го чека. А таа имала големи планови за тебе. Да станеш познат занаетчија, што се вели еснаф човек, да се ожениш за некоја добра мома од убава фамилија, за да ја наполните куќата со дечиња. Наместо тоа, ти одиш в’ планина.

Грешка во чекори или не, напротив, тоа е твојот единствен избор и го прифаќаш со целата твоја суштина. Да, ти си осуден да останеш незнаен јунак, ама веќе си специјален, бидејќи малку се тие кои ќе го помислат тоа, што ти онака со завриената млада крв веќе си го направил.

Утре е 2 август… сетете се на мајките кои добиле абер дека нивните деца одлучиле да не бидат раја и да заминат во борба. Борба која пленува како магија и не се објаснува со прости зборови. Поставете се за момент на нивното место. Како вие би ја поднеле веста дека вашето дете се подготвува да оди курбан за една идеја. Не е едноставно нели? Боли!!! Таа болка треба да ја испочитуваме утре. Болката на малиот и незначаен човек за историчарите, кој се судрил со суровата реалност, без да се исплаши од нејзината страшна голотија и немилосрдност.

Утре е 2 август… помислете за комитите, за тие брадосани мажи со долги коси и пушки на рамо. Помислете за тоа, од што се сè имаат откажано за да не бидат газени и за да не бидат раја.

Утре е 2 август, па да ве прашам нешто, зарем не ви дојде преку глава да бидете раја?

1 август 2018 г.

Автор: Атанас Величков за Трибуна