Денеска, министерот за здравство Венко Филипче се пофали на социјалната мрежа facebook, дека се сретнал со сестрите од Инфективната клиника, кои дадоа отказ, за да ги убеди истите да останат на работа. После заслужениов одмор, ќе се сретнеле пак за да најдат начин како да ја продолжат заедно битката со Ковид на Инфективната Клиника…

Да ви кажам ли како можеме да ја добиеме битката против коронавирусот, г-не министер?

Вие треба да тропнете на маса за време на следната владина седница и да ги побарате назад оние 4,6 милиони евра кои како што соопшти Државниот завод за ревизија, незаконски се поделени како додатоци за тајност во СЈО.

Тропнете по маса и побарајте ги тие пари назад. Со нив ќе можете многу подобро да ги мотивирате измачените вработени на Инфективна, кои веќе неколку месеци се борат со коронавирусот. Сестрите Зорица, Силвана и Дивна немаат потреба да седат во верувам удобните фотелји во вашиот кабинет, сигурно убаво кафе варите во Министерството, ама тие храбри жени немаат потреба ни од него. На тие жени министре им е дојдено преку глава и тоа јасно го напиша главната медицинска сестра на Инфективна клиника, Зорица Љубичиќ Митиќ во отказното писмо упатено до раководството на Инфективна.

Непочитување и деградирање на медицинските сестри…

Зошто би останале овде? За да се надеваат дека ќе ги викнете на состанок и ќе се сликаат со вас за на facebook?

Во Вашата објава велите дека ќе направите се за да ги мотивирате здравствените работници. Брзам да Ви укажам дека со слики на фб не мотивирате ама баш никого.

Со слики од 2001 во униформа демек ветерани од војната се мотивираат и парадираат едни патриоти на дување, што моментално ја користат фамата околу Гоце, за да си додадат по некој виртуелен сантим на ионака малите куриња. Вие ниту сте патриот на дување, ниту мислам дека имате потреба од виртуелна екстензија на Вашето машко достоинство.

Вие треба да тропнете по маса и навистина да се заложите за вашите колеги. Од најврвниот доктор, до најтазе вработената сестра која само што научила каде и е шкафчето за личните работи.

Можете исто така да ги побарате назад и парите дадени на газдите на приватни фирми за плати, а истите дури не стигнаа до вработените. Владава во која што сте министер направи еден помочан список со несовесните газди и толку. Не сте надлежен? Не е Ваша работа? Напротив, мислам дека во време на пандемија и тоа како е Ваша работа, да побарате разрешница за недомаќинско трошење на пари, кои наместо за нови џипови, можело да бидат искористени за премии на медицинските работници кои се на првата борбена линија.

Можете да направите уште еден куп други работи за да им покажете на медицинските работници дека навистина Ви е гајле за нив, но одлуката е Ваша. Вие сте министерот, Вашето име ќе остане во историјата, мене пишувачот никој нема да ме помни.

Направете нешто реално за овие луѓе и Ве молам не парадирајте со нив.

Тие за разлика од Вас министре, немаат многу опции. Ако не успеат да влезат на работа во некоја од за жал малкуте приватни клиники во земјата, спасот им се вика Германија. Запрете го егзодусот на луѓето во бели мантили, па после ако имате уште време и сили правете си фотки за на facebook.

Атанас Величков за Трибуна