Љубомир Цуцуловски е поранешен професор на Институтот за филозофија при Филозофски Факултет во Скопје и еден од најафирмираните и најугледните интелектуалци во Македонија. Цуцуловски често ги коментира релевантните политички и општествени случувања во Македонија и светот, поради што публиката и македонската јавност го препознава како влијателна интелектуална фигура.

Во интервју за „Мој збор“ Цуцуловски ги открива своите видувања за предизборната кампања, политичката култура во Македонија но и своето видување за интересите наспроти идеалите и вредностите во македонското општество.

Интегралната верзија од интервјуто со Љубомир Цуцуловски во продолжение:

  • Во тек е предизборна кампања поради што се соочуваме со многу информации, понуди, па можеби и разни прашања и дилеми. Врз база на што сметате дека гласачите ја носат својата конечна одлука и избор за кој да гласаат на претстојните избори?

-Мотивите можат да бидат бројни, почнувајќи од традиционалната припадност/симпатија кон определена партија, како резултат од влијанијата на непосредната околина и упорната пропаганда, ветувањата (најчесто лажни), па сѐ до свесно приклонување кон идеологијата на определена партија, нешто што е реткост во Република Македонија, бидејќи идеологијата во оваа држава одамна ја нема (што е веќе своевидна идеологија!), освен ако под идеологија се сметатаат општите декларативни места/флоскули дека одредена партија е за демократија, слобода, економски напредок и сл. Велам дека се тоа флоскули, бидејќи никогаш и никаде не постоела партија која се декларирала дека е против демократијата, слободата или економскиот просперитет. Оттука, ако не се прецизира, меѓутоа и не се операционализира на кој начин сето тоа ќе се оствари, тоа се навистина празни места/ветување и, според тоа, не е можно да се има свесно идеолошко определување за која било партија. Притоа, треба да се има предвид дека и самите поими „слобода“, „демократија“ итн. низ историјата различно се сфаќаат. На пример, за Аристотел, можеби најглемиот ум во филозофијата, било сосема нормално постоењето на ропството. Дури сметал дека за робовите е многу подобро да бидат робови, бидејќи, препуштени самите на себе, би пропаднале, заради својата вродена неспособност да живеат како слободни луѓе. Кога би биле способни за тоа, додавал Аристотел, не би биле робови.

  • Многумина ваши колеги, поранешни и актуелни професори може да ги видиме на избирачките листи или како главни актери во креирање на партиските програми, идеологии и реформи. Како се поврзува професорката и политичката кариера и што е можеби личниот мотив и дефицит на поединци кои од завидни професорски кариери се впуштаат во трки за собирање на партиски и политички поени?


-Соработката помеѓу науката/интелектуалците и политиката/политичарите е повеќе од неопходна, бидејќи државата и општеството не можат да се водат според нечие мнение, лична претстава за тоа што е добро, а што не е или според индивидуалните желби и интереси. Тоа значи дека и двете се упатени едната кон другата. Проблемите настануваат тогаш кога ќе се заборави на нивната функција. Функцијата на науката и на интелектуалците е непристрасно да истражуваат и да доаѓаат до можни оптимални решенија за изградбата на општеството, кои ѝ би ги понудиле на политиката. Затоа, и постојат совети при многу партии, кои не се составени исклучиво од партијци. Кои се, значи, надпартијски. На политиката е да определи кои решенија/понуди/предлози ќе ги прифати. Значи, сферата на науката е да предлага, на политиката да одлучува, базирајќи се на предложеното. Кога науката и интелектуалците ќе почнат да се однесуваат партиски, а политичарите ќе си вообразат дека сѐ знаат, настапуваат трагикомични ситуации – повеќе трагични, отколку комични. Затоа, скоро ниту еден значаен мислител не бил директно поврзан со политиката. Уште помалку со определена партија. Сетете се на Сартр, еден од најголемите политички ангажирани интелектуалци од минатиот век. Сепак, не ѝ припаѓаше на ниту една партија, макар што секогаш го кажуваше своето мислење. Истото е со мудриот и луциден Волтер. Истото беше и со Ерих Фром или Херберт Маркузе. Секогаш ја задражаа слободата, својата партиска неприпадност, меѓутоа никогаш неоткажувајќи се од својот политички ангажман, од својата политичка, но не и од партиска активност, бидејќи е неопходно да се прави разлика помеѓу политички и партиски ангажман.

  • Во античка филозофија често се расправа за идеалот на мудрецот, па различни школи имаат различно видување за тоа како треба да изгледа „мудерц“. Според вас како треба да изгледа еден државник и кои карактеристики тој треба да ги има?

-Треба да има слух за она што му го кажува науката. Тоа значи, да ја надмине својата суетност. Треба добро да ги одмерува можните решенија за можните проблеми. Наместо со подлизгурговци треба да се опкружи со луѓе кои отворено ќе му укажуваат на слабостите и недостатоците што ги прави. Што ќе му е на политичарот подлизурко и каква корист ќе има од него? Меѓутоа, тоа не се сфаќа. Накусо, подлизгурговците денес се со еден, утре се со друг. Ова ноторна вистина се потврдува во сегашноста – колку само луѓе преминаа од една партија во друга и колку пратеници си ја менуваа својата партиска и идејна припадност? Сетете се само на она што претходеше и следеше после 27 април 2017 година, кога Република Македонија практично почна да се самоукинува, макар што датумот на самоукинување може да се датира многу порано.

  • Колку треба етиката да е присутна во политиката и како би изгледало тоа општество доколку секој политичар, управник и државник би се водел од категоричкиот императив (Постапувај така што во секој момент максимата на твојата волја да може да стане принцип на општото законодавство)?


-Засега, за жал, тоа е заборавена, длабоко закопано за случајно да не излезе на виделина. Одамна го нема Кантовиот етички императив, ниту неговата идеја дека доволно е да се има ѕвезденото небо над себе (мислејќи на божественото, трансцендентното, универзалното, апсолутното) и моралниот закон во себе. Бидејќи нив ги нема, како битни етички саморегулативи, тогаш на сцена треба да стапат, со сета ригорозност, законите и Уставот за да се смири распашаноста која владее во Република Македонија.

  • На македонската политичка сцена често се среќаваат критики дека досегашните влади постапувале во насока на штитење на интереси на поединци или мали групи на луѓе. Дали сметате дека политиката во Македонија штити олигархиски интереси, или сепак постои свест за јавен интерес и општо добро?


-Иронично кажано: ако личниот интерес, ако интересот на олигарските, ако интересот на полуписмените богаташи е идентичен со општиот интерес, тогаш кај нас навистина е на дело „остварување“ на општиот, заедничкиот интерес. Притоа, кај нас веќе не се ни знае што е општ интерес, бидејќи општеството целосно се подели и конфронтира по етничка линија и секој влече кон својот колективен/општ/етнички интерес, макар што сите страдаат подеднакво, без разлика на етничката припадност. Сѐ е како во Орвеловата „Животинска фарма“ – додека животните (луѓето, граѓаните) страдаат, нивните лидери (кај Орвел тоа се свињите) комотно си се договораат со газдите, луѓето. Мислам дека неслучајно Тразимах тврдеше дека законите и правото се закони и право на силните, моќните. Ако сакате, на тираните.

  • Како ја оценувате политичката култура во време на предизборниот процес и кампања?


-Едноставно: Каква е култура на политичарите (всушност, самодевалвирани арлекини), таква е и предизборната култура, рекламите, постерите или спотовите, кои би требале да бидат инвентивни, а не се ништо друго од ретко видена припростост, која игра на картата на неукоста и простаклакот.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ