Деан Дамјановски е еден од најпознатите македонски режисери чија работа често пати била потенцирана со домашни и меѓународни признанија. Во моментов Дамјановски работи како режисер во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ и е заслужен за голем број на претстави кои се одржале токму на сцената на велешкиот театар, но и другите театарски куќи низ цела Македонија.

Со однос на општествените промени кои се предизвикани од модусот што го избраа глобалните организации и национални влади во соработка со научните одговори на епидемијата предизвикана со КОВИД19, важна ни беше перцепцијата на уметникот кон општествените промени. Особено значајна претпоставка беше, улогата на уметникот во справување со општествените промени и понуда на нова семиологија и значење на сите појави кои се за нас нови и неоткриени. Велат дека, кризата ја стимулира продукцијата и уметноста, бидејќи уметникот е секогаш првата фронтална линија при пречекување на промените и кризата.

Како реномиран интелектуалец, искусен во својата работа, признат и познат за македонската јавност, режисерот Деан Дамјановски го прашавме неколку прашања кои се поврзани токму со режисерската професија и односот кон промените и општествените кризи.

  1. Како режисер ја имате задачата да ги синхронизирате сите поединечни акти во една целина што се нарекува театарска претстава. Вашата работа е мост помеѓу сценариото и начинот на негово интерпретирање и изведување. До која мера ликот и улогата се заслуга на режисерот и од каде почнува актерската слобода на интернализација и пренесување на ликот?

Дамјановски: Голем дел од театарската работа, а особено од работата на режисерот е комуникацијата. Комуникација помеѓу претставата и гледачот, меѓу актерот и гледачот, меѓу актерите, меѓу одделните соработници на претставата и тн. Режисерот на претставата има задача да создаде „јазик“, со помош на кој, од една страна, ќе се комуницира внатре во екипата која ја создава претставата (со сценограф, костимограф, композитор, актери и други соработници), а од друга, претставата ќе комуницира со гледачот. Режисерот користи разни јазични стратегии за да ја доближи својата замисла до соработниците меѓу кои и до актерот. Тие стратегии вклучуваат користење симболички јазик, метафори, невербални знаци, за да го „зарази“ актерот со својата замисла за претставата.

Местото каде режисерот и актерот се наоѓаат во комуникацијата е ликот. Режисерот се обидува да го пренесе ликот, зададен од драмскиот автор и збогатен со неговата режисерска замисла, на актерот, користејќи соодветен „јазик“. И се разбира, како и кај секој јазик, тој е подложен на интерпретација, па така, секој од чинителите на претставата, вклучително и актерите, си создаваат своја интерпретација, па актерот е слободен да го интерпретира ликот, се‘ додека се наоѓа во јазичниот систем создаден од режисерот.

  1. Апропо првото прашање и односот на режисерот и актерот кон ликот и улогата, кој треба да го познава подобро ликот и улогата – режисерот или актерот?

Дамјановски: Да се надоврзам на погорното, режисерот, тргнувајќи од драмскиот автор, го дава „јазикот“ на ликот, со неговата граматика, синтакса, морфологија, а на актерот останува, што ќе прави со него и како ќе го доживее и претстави ликот.

  1. При режирање на театарска претстава од што се водите? Од интересот на публиката или од внатрешните елементи на сценариото и темата?

Дамјановски: Веројатно изборот на материјал е важен. Во мојата работа често ми се случувало да имам драмски текстови кои долго време сум сакал да ги поставам на сцена и кога конечно ќе дојде до тоа да сфатам дека возбудата веќе не е таа како на почетокот и дека она кое ме поврзувало со текстот, веќе го нема или никогаш и не било таму.

Исто така, се случувало да добијам или да ми биде препорачан текст со кој, на прв поглед, сме немале допирни точки, но кога ќе почнам да работам на него, да сфатам дека сум направил добар избор. Јас лично се водам од тоа да наоѓам некоја возбуда или идентификација со она што го работам, но не губејќи ја од вид ниту темата, ниту публиката, а секако не и екипата со која работам.

  1. Какви општествени промени може да предизвикаат режисерите и колку е значајна нивната работа за едно општество?

Дамјановски: Режијата, каква што денес ја знаеме, е релативно нова функција во театарот и датира некаде од крајот на 19-от век. Во периодот оттогаш досега, режисерот имал различна позиција во однос на целокупниот работен процес – од целосен „диктатор“ и организатор на процесот, до педагог, гуру, терапевт. Она по што се значајни некои режисери во историјата на театарот, тоа е методологијата и пристапот во работата со актерите. Во таа смисла, режисери како Станиславски и Брехт имаат планетарно значење, имајќи во предвид дека и ден денес, генерации на актери играат по нивните методи.

Постојат режисери, кои, во својата долготрајна практична и истражувачка работа со своите театарски трупи, успеале, историски, да извршат влијание врз начинот на создавање, претставување и гледање на театарот, па и на културата воопшто. Во тоа се состои историското влијание на дел од театарските режисери.

  1. Работите како режисер во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ која претстава од многуте што ги имате работено ја сметате како најавторска и во што се состои авторската слобода на режисерот ако воопшто ја има?

Дамјановски: Веќе шеста година сум дел од екипата на театарот „Ј.Х.К. – Џинот“ од Велес како режисер. Но, и пред тоа, имав доста соработки со ансамблот на театарот, така што денес можам да се пофалам со околу 15 реализирани претстави таму. Всушност, моите професионални почетоци се врзани за тој театар и неговата стара зграда, каде во 2003-та година ја работев „Во самотијата на памучните полиња“ од Бернар-Мари Колтес, со тогаш, исто така, младите и перспективни, Васил Зафирчев и Зоран Љутков. Оваа дуо-драма имаше свој долг фестивалски живот во соседството, Италија, Русија, а стигна дури и до Њујорк.


„Приказни од шестиот кат“, работена според раскази на Драги Михајловски обележи еден друг период од мојата соработка со Театарот. Таа беше мојата прва претстава во новиот објект и претстава која ја започнав како хонорарен режисер, а ја завршив како вработен. Претставата, за разлика од „Памучните полиња“ во која играа само двајца актери, го вклучуваше поголемиот дел од ансамблот на Велешкиот театар и имаше добар прием кај публиката. Со неа учествувавме на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и за неа ја добив наградата за Најдобра Сценска Адаптација.


Овие две ги издвоив затоа што на некој начин обележуваат одредени периоди од мојата работа во театарот, но се разбира дека има и други како „Тоалет за дами“, „Театар, љубов моја“, „Мачорот во чизми“, „Дон Жуан“, кои оставиле печат на мојата театарска работа.

  1. Како театарот во кој работите и целокупнот колектив се справи со епидемијата и дали таа тековните промени беа повод да се разбудат нови идеи, планови и одговори на сето она што се случи со глобалниот поредок поради пандемијата?

Дамјановски: Како и сите останати театарски куќи во земјава (и не само во неа) и нашиот театар е затворен, што значи нема репертоар и нема производство на нови претстави. Не сакајќи да чекаме да бидеме пак отворени, на мој предлог, започнавме со работа на „интернет-театарскиот“ проект „Тој и Таа“, работен според истоимената драма на современиот француски автор Жан-Пјер Мартинез. Тој се состои од 12 сцени кои го третираат односот помеѓу мажот и жената во една брачна заедница, а во нашата верзија тоа е прилагодено на контекстот на физичката и социјална дистанца, предизвикана од една „дистопична пандемија“ и е распределено на 6 различни парови.

Секоја сабота од 20ч, по една сцена се претставува на веб страната на Театарот и потоа останува таму за понатамошно гледање. Во моментот, проектот е на пола пат, прикажани се 6 сцени/епизоди со над 6000 гледачи. Покрај мене и 12 актери од ансамблот на Велешкиот театар, во проектот учествуваат и Филип Коруновски, како дизајнер и монтажер на проектот и Сашо Димоски, како драматург, со кого заеднички и напишавме еден труд кој се однесува на работата врз проектов, како и за можностите за развивање на различни изведувачко-медиумски форми во ситуација на физичка и социјална изолација.

  1. Како е придонесот на уметноста во третирање на општествените промени вклучувајќи ја во фокусот и епидемијата?

Дамјановски: Уметноста, заедно со филозофијата, се веројатно првите кои ги антиципираат промените во општеството и кои се обидуваат да ги објаснат, дефинираат, но и да ги прифатат како предизвик. Театарот често бил „авангардата“ на овие промени, со тоа што, како „жива“ уметност, успевал најдобро да ги претстави промените на односите во општеството. Имајќи во предвид дека досегашната перцепција за театарот била како за уметност на „присуството“ (две групи на луѓе – изведувачи и гледачи, во ист простор/време), ќе биде вистински предизвик за театарските творци да се справат со „дистанцата“ и „изолацијата“. За мене е љубопитно практично да истражувам, но и да следам кои се‘ начини и форми ќе се изнајдат за да се надмине дихотомијата присуство/дистанца и жива/„медијатизирана“ изведба.

  1. Кои се реалните проблеми и предизвиците со кои се соочува велешкиот театар, а кои можеби епидемијата придонесе само за нивно нагласување?

Дамјановски: Претпоставувам дека на ова прашање најдобро би можело да одговори раководството на Театарот. Од моја перспектива на режисер, кој работел во скоро сите театарски куќи во земјава, не можам да кажам дека проблемите со кои се соочува Велешкиот театар се нешто поразлични од тие на било кој друг театар во државата. Тоа се најчесто материјални средства, логистика, човечки ресурси и слично. Епидемијата и изолацијата кај нас, засега, имаат позитивен ефект со тоа што успеаа да мобилизираат дел од човечкиот потенцијал на Театарот во создавање на театарски-интернет производ во одговор на условите во кои се наоѓаме. Времето ќе покаже како ќе успееме да одговориме на предизвиците кои ќе ни ги донесе оваа т.нар. „нова стварност“.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ