Официјално започна новата учебна година. Во дел од училиштата се одржува настава со физичко присуство, a за останатите преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на националната телевизија. Националната платформа за учење од далечина во измниматите денови се тестираше, па не функционираше во целост. Надлежните уверуваат дека проблемите тековно ќе се надминат. Mинистерот Филипче повтори дека целосното отворање на училиштата е исклучително голем ризик, а во неколку земји, посочи тој, значело целосен крах на системот и враќање кон силни рестрикции.

Знаејќи дека Македонија е една од првите држави по бројот на новозаразени во Европа и дека исклучително тешко се справува со пандемијата на Ковид- 19, физичкото присуство на учениците би значело голем ризик за уште поголемо прширување на вирусот. Дали Владата потфрли со учениците? Online наставата е подобриот начин и секако порестриктивна мерка за подобро справување со пандемијата. Но повторно се наидува на проблем односно техничката функционалност на самата онлајн платформа која падна при првото тестирање. Следен проблем кој и те како ги опфаќа голем број од родителите е немањето на паметни уреди односно неможноста да ги набават за своите деца.

Наместо Заев да повикува на солидарност од компаниите и граѓаните за секое дете да има комјутер и дека до април месец ќе обезбедат 40 000 компјутери за оние кои немаат, Владата требаше да го обезбеди тоа до денес, односно официјално првиот училишен ден на секој ученик без исклучок! Прво како можете да барате било каква солидарност кога повеќето од граѓаните останаа без работа откако почна пандемијата или од компаниите кои овој период се соочија со тежок финансиски крах и второ значи ли тоа дека некој ученик ќе добие компјутер дури во април месец кога училишната година веќе ќе биде при крајот?!

Загриженоста без вистинска акција нема да помогне никому. Задоцнетата реакција исто така. Ако навистина сакавте да помогневте на родителите на учениците ова требаше да биде ваша должност која ќе беше ефикасно завршена до денес, а со овој потег ќе придонесевте и кон поефективно справување со пандемијата.

Елизабета Најдоска Величкова

Извор: Трибуна