Сите ја знаеме Дуа Липа. Веројатно нема човек на планетава кој не знае барем една нејзина песна. Светски познат „бренд“, продукт на индустријата за создавање популарни луѓе од просечни таленти. Дуа Липа не е ништо повеќе талентирана од многу други луѓе на планетава, ниту е по нешто посебна, таа само прифатила да игра една улога, имено да биде МЕДИУМ за пласирање на животен стил, нови вредности, па ако сакате и пропаганда, судејќи по последната објава во која дава ревносна подршка кон идејата за „Голема Албанија“. Дуа Липа е МЕДИУМ, таа не е ЛИЧНОСТ.


Дуа Липа е родена во Лондон и таа одамна не била во Приштина. Скоро и да не знае ништо за својот народ, освен ако не ги слуша приказните на нејзините родители кои се врзани за некое дамнешно време. Може да гледа фотографии или да чита историја, ама Дуа Липа нема спомени, таа нема искуство со својот народ. Од тука е потеклото на нејзиното лицемерие да се идентификува со народ кој не го познава. Дури и да има некоја романтичарска љубов, ќе се бори за реалната еманципација на косовската жена по рурални средина, која веројатно уште нема право да одлучи самостојно за кого и дали сака да се мажи, а откако ќе се омажи дали прифаќа сексуален однос, одреден број на деца, дали има сопственост врз нејзиното тело. Дуа Липа тоа не го знае, ама знае дека идеалот „Голема Албанија“ е предизвик за секој Албанец.


Повеќето од луѓето, особено „прозападно ориентирани“ со европски вредности и борци за човекови права немаат проблем со тоа да видат знаме на „Голема Албанија“ пропагирано од светска инфлуенсерка со огромна публика, ама и тоа како имаат проблем со тоа што Србија уште не ја признава независноста на Косово. По се изгледа меѓународниот фактор не се бореше за независност на Косово, бидејќи по многу време забележуваме дека Косово има тенденција да остварува блиски односи со Албанија, па дури и јавно и отворено да ја пропагира идејата за обедиунување на териториите. Еден народ не може да живее во две различни држави важи изгледа само кога Албанците се во прашање.


Дуа Липа е сосема спореден лик во целата приказна, нејзината објава е небитна како политички фактор, но таа е феноменот кој го вади на површина целото лицемерие и неправда што се сее на овие простори во последните децении. Албанскиот национализам и империјализам е куршум за разбивање на „закоравениот“ бакански национализам на овие простори. Идејата е да национализмот се сузбие со некој уште поголем национализам.


Дуа Липа одлучува своето национално обележје да го стави над професионалното и со тоа не обединува, туку потенцира разлики помеѓу луѓето. Контрадикторноста на содржините што ликот „Дуа Липа“ ги пласира во светскиот етер го открива лицемерието на глобализмот, нео-либерализмот, капитализмот и продукцијата на новите вредности кои немаат спонтана природа, туку се обмислени во фабрика во кои Дуа Липа е еден од поуспешните производи!

Магдалена Стојмановиќ