дома животен стил Репортажа за македонска оаза на мирот

Репортажа за македонска оаза на мирот

171
1

На високо и место со блага и умерена стрмност, прегрнато од зимзелени и листопадни дрвја се наоѓа манастирот „Света Троица“ во с. Скачковце, Куманово. Патот кој води до манастирот е реконструиран и во добра состојба, што го олеснува пристигнувањето на посакуваната дестинација.

Кумановското село Скачковце во кое се наоѓа манастирот „Света Троица“ е одалечено 15 км кон јужната страна на Куманово. Според последниот попис во 2002 година, во Скачковце живеат околу 160 жители, а куќите и објектите за домување се во одржана и добра состојба што укажува на тоа дека во ова село има живот и заедница. Жителите главно се занимаваат со полјоделство и сточарство, а во падините на с. Скачковце се наоѓа поле засадено со пченица, јачмен, пченка и други култури.

Патот до с. Скачковце

Пред да стигнете до с. Скачковце, од каде продолжува патот кон манаестирот св. Троица, треба да извозите 15 км од центарот на Куманово до манастриот. Првично се движите кон патот што води од Куманово кон св. Николе. Овој пат е неодамна реконстриран и се наоѓа во добра состојба, што ќе ви овозможи непречено движење и брзо стигнување до манастирот. Движејќи се низ патот Куманово – св. Николе, прво ќе ги поминете – Искрин мост, и делниците што водат кон с. Шупли Камен, с. Зубовце, с. Орашац, а по 13,5 км. ќе наидете и на знак кој ја обележува делницата кон с. Скачковце.

Откако ќе свртите десно, согласно насоките од знакот, па до врвот на ридот каде што се наоѓа манастирот св. Троица, треба да поминете вкупно уште 1,5 км.

Делница кај с. Скачковце, ознака на магистрален пат (стар пат) Куманово – св. Николе

Додека да стигнете до селскиот пат, нема да забележите ништо друго освен патнички и товарни возила кои се движат низ магистралниот пат и можеби по некој велосипедист, сам или во мала група. Околу магистралниот пат, се наѕира прекрасна природа, бујна шума, зелено поле, а на места и по некој рибар сместен на брегот од реката Пчиња.

По скршнувањето од магистралниот пат и влегување во селскиот пат во Скачковце, ќе забележите комплекс од куќи и објекти предвидени за одгледување на добиток, растителни култури и селски амбари. Околу секоја куќа се наоѓа комплекс од објекти за добиток и амбари, што укажува на тоа дека главната дејност на жителите е токму сточарството и полјоделството.

На центарот од селото се наоѓа раскрсница, од десната страна шечма со пивка вода и селска задруга, а од левата страна мини паркче за деца и патот кој ќе ве однесе до манастирот св. Троица сместен во ридот.

Селски пат кај с. Скачковце кој води до манастирот „Света Троица“

Селската задруга е место каде што е собрана поголема група на луѓе, најголем дел од нив се стари машки лица, но може да се забележат и помлади луѓе. Во селската задруга, луѓето се социјализираат, заедно пијат пиво, споделуваат спомени или играат некоја друштвена игра (најчесто карти).

Откако ќе скршнете на раскрсницата лево, движејќи се до крајот на патот, стигате точно на посакуваната дестинација, односно црквата „Св. Троица“. Возите по блага угорница и во зависност од тоа кој ден го посетувате манастриот, фреквенцијата на патот е исто така различна. Во работни денови, степенот на посетеност на манастирот е помал, па веројатноста да сретнете други луѓе или возила е помала.

Ќе поминете покрај знак за паркинг место, каде што можете да го паркирате вашиот автомобил, или друго превозно средство со кое сте пристигнале и да продолжите со пешачење уште десетина минути до комплексот. Десно од паркинг местото се наоѓа врата на која пишува „Св. Троица“ но која обично е затворена бидејќи влезот и излезот е преместен на другата врата, појужно, низ угорница.

На крајот на патот ќе ја забележите вратата од цркавата „Свети Троица“ и неколку ознаки кои ви посакуваат „Добредојде“ и ве насочуваат кон правилата и кодексот на однесување додека престојувате во манастирот.

Ознаки – Добредојде и кодекс на однесување во манастирскиот комплекс

Изглед на манастирот

По влез во манастирот, првиот голем објект што ќе го забележите е конакот кој се наоѓа од левата страна. Конакот е добро опремен и место каде што често преноќуваат луѓе од сите делови на Македонија. Движејќи се низ патеката кон внатрешноста на комплексот, од десната страна се наоѓа новото светилиште на манастирот кое уште е во изградба.

Бунар што се наоѓа во средиштето на манастирскиот комплекс веднаш спроти светилиштето

Целата патека е поставена помеѓу површина засадена со зелена, бујна трева и сезонски цвеќиња кои даваат дополнителна свежина на воздухот. И покрај високите летни темпераури, во манастирскиот комплекс е свежо и пријатно. Прво поради височината и зашуменоста околу манастриот, а потоа и поради зеленилото кое ја краси 20 хектарската површина која ја опфаќа манастирот.

Чешма со пивка вода и ѕидана скара

Во центарот на манастирот се наоѓа статуа на Богородица и статуа на св. Климент Охридски. Од левата страна се наоѓа патеката која води кон чешмата и заѕданите места на кои луѓето приготвуваат јадење за време на нивниот престој или за поголеми манастирски собири организирани од управата на манастирот. Светилиштето е главниот објект во манастирскиот комплекс. Во внатрешноста на светилиштето е поставен олтарот и живосписен иконопис и фрески. Веднаш до светилиштето се наоѓа уште еден ѕидан објект каде што луѓето ги обавуваат своите религиски практити – кажуваат молитви, палат свеќи и се прекрстуваат пред иконите поставени во објектот.

Споменик во чест на св. Климент Охридски

На спротивна страна од светилиштето се наоѓа изѕидано „Велигденско јајце“ во висина од 3 м. обоено со црвена боја на која се испишани зборовите „Христос воскресна – Навистина воскресна“.

Во склоп на манастирскиот комплекс се наоѓа и манастирската кула и крстот кој е висок околу 12 м. Маркантен дел во втората половина на средиштето каде што се сместени крстот и манастирската кула се и летниковците изработени, најголем дел од дрво, мермер и железо. Највпечатлив е летниковец кој е изработен од железо обравотено во форма на винова лоза и гроздови плодови. Обоен е со бела боја, обично е затворен за секојдневна употреба и се отвора само во договор со управата при организација на свадбени прослави.

Место за одмор и послужување

Околу комплексот се наоѓаат повеќе од 50тина летниковци, сите различни меѓусебе, со различен распоред на клупите, различна форма на масата и различен материјал од кои се изработени клупите и масите.

Летниковците ги користат посетителите како излетничко место, послужувајќи храна и пијалоци на нив додека уживаат во пеењето на славејчињата и мирот со кој ве негува природата.

Се слуша само тишина

Спротивно од метежот и постојаната дразба од звуци во урбаните простори, за време на престојот во манастирот се слуша само смирувачка тишина која имате впечаток дека ви ги гали и рехабилитира нервите. Секој стрес и анксиозност исчезнува со првото стапнување внатре манастирскиот комплекс.

Тишината владее, а секој шум создаден од движењето надалеку се слуша, што ве предупредува дека треба да бидете потивки, исконтролирани и смирени во вашето однесување, движење и комуникација.

Жители на манастирот

Постојан жител на манастирот „Света Троица“ е ктиторот, прота Стојан Пајковски. Во склоп на манастирот има и други жители кои се дел од управата на манастирот.

Диви и питоми животни се исто така жители на овој простор. Движејќи се кон долната патека од централниот дел на манастирот ќе видите место каде што се чуваат различни животни – најчесто птици и гулаби.

Низ дворот се движат желки кои неретко ќе ви го пресретнат патот и ќе го искористат својот оклоп да се скријат од вашиот поглед и шумот што го создавате при триењето на чевлите со камчињата од асфалтот.

Еден од постојаните жители на комплексот

Неколку мали мачиња и нивната мајка се дел од тимот кој ќе ве пречека пред портите на манастирот и ќе ве следи, се додека не изнуди од вас малку храна и внимание.

Историски податоци за манастирот

Манастирот е изграден од познати вевчански мајстори во 2000 година. Некои делови од манастирот се постари во однос на други.

Крстот со должина од 12 метри е пронајден во 1996 година, кога и почнува неговата реконструкција и монтажа во вториот дел од средиштето на манастирот.

Местото е познато како крстно место во селото Скачковце. Светилиштето постои од 13 век и за него се запишани многу чудесија уште во турските тефтери.

Фрескоживописот во стар македонски стил во црквата „Света Троица“ е дело на академските сликари Благоја Кузмановски и Веле Ташевски, а скулптурите поместени во дворот се на вајарот Јане Антониев.

Прослави

Манастирскиот комплекс се користи за организирање на различен тип семејни прослави – венчавки и крштевки.

Покрај овие световни прослави, управата на манастирот организира и прослава на слави. Една од славите на манастирот се прославува на 17ти Јуни на тој начин што управата на манастирот дели ручек за сите присутни верници.

Прослава на „Духовден“ во манастир „Света Троица“ во с. Скачковце

Во манастирот се прославуваат и другите големи христијански празници, а скоро секоја година манастирската управа организира прослава на двата најголеми христијански празници – Божиќ и Велигден.

Манастирот во време на епидемија

Со однос на тоа дека е собирно место, манастирот „Света Троица“ во Куманово, се придржува кон мерките за заштита на здравјето на посетителите. На влезната врата стои табла со која се изрекува забрана за влез на сите лица кои не носат маски. Исто така наведено е задолжение за одржување на дистанца од најмалку 1,5 метри.

Според управата на манастирот во време на епидемијата, особено кога угостителските објекти биле затворени, многу луѓе од Куманово, Скопје и другите делови на Македонија своето слободно време го минувале во природата при манастирскиот комплекс.

Манастирскиот комплекс е поатрактивен за луѓе кои доаѓаат од страна одошто за жителите на селото Скачковце каде и што се наоѓа манастирот „Света Троица“.

Репортажа на: Магдалена Стојмановиќ

Фотографии: Синиша Копевски

1 коментар

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде