дома животен стил Работи на кои може да нè научат децата

Работи на кои може да нè научат децата

879
0

Во психологијата постои израз за возрасен човек кај кој процесот на созревање не тече според предвиденото.

Ако процесот на созревање има прекин во одредена фаза и не продолжува да се одвива, тогаш за една возрасна личност велиме дека е „инфантилна“ или детинеста.

Инфантилноста се карактеризира со егоцентризам, нагласена потреба за внимане, демонстрирање на негативни емоции и пред се избегнување да се прифати одговорност.

Но колку и „детинестоста“ да претставува негативен феномен, сепак постојат одредени работи кои треба да ги задржиме кај себе од периодот кога сме биле деца:

Игра, гласно смеење, детектор за лицемери, прашања и фокус на сегашноста се 5 клучни поуки кои може да ви ги дадат децата

Игра

Децата се фокусираат на играта, а не на тоа со кого се играат. Од таа причина најлесно се спријателуваат токму децата.

Тие не ги гледаат другите учесници од играта според боја на кожа, социјален статус или вероисповед. Просто сите разлики се анихилираат во моментот кога ќе започе играта.

Кај децата играта создава пријателство, за разлика од возрасните каде играта раѓа непријателство поради пренагласениот натпреварувачки карактер.

Гласно смеење

Возрасен човек не би требал да покажува негативни емоции како лутина, бес, гнев, очај и слично, како што филтер за емоции немаат децата.

Но сепак позитивните емоции како што се љубов, топлина, пријатност, смеа треба да се искажуваат на исто толку непосреден начин како што тоа го прават децата.

Прашања

Децата нема да престанат да прашуваат додека не добијат одговори и нивните прашања воопшто не се за запоставување.

Љубопитноста е настроение на умот што треба да го задржи и возрасниот човек и постојано да поставува прашања дури и за работите што мисли дека ги знае.

Детектор за лицемерие

Понекогаш се чудите зошто децата реагираат со одбивност кон некој, а кон друг со симпатија. Тие нема да ве разберат што им зборувате, но ја разбираат вашата енергија.

Ако сте добронамерни ќе имате добра комуникација со децата, доколку се поставувате како авторитет, симулирате чувства и сте неискрени, нема да ја заслужите почитта на ниту едно дете.

Фокус на сегашноста

На децата не им е важно што ќе прават утре, на нив им е важно што прават денеска. И ако добијат одговор дека утре ќе си играте со нив или подоцна, тоа за нив ништо не значи. Тие сакаат да започнат со дејство сега и веднаш, бидејќи „подоцна“ е многу неизвесна одредница за нив.

Возрасниот човек треба да се фокусира на сегашноста повеќе отколку на иднината и да биде посмел во преземање на животно важни дејства.