Замислете да сте девојка, но да сте принудена да го криете својот пол. И самата помисла на тоа е ужасна, а токму таков е животот на Авганистанката Ситара Вефедер.

Ситара сака да има долга коса. Но, наместо тоа, оваа тинејџерка повеќе од една деценија живее како момче. Родителите ја натерале да биде синот кој никогаш не го добиле.

Без ниеден брат, Ситара живее по обичајот „бача поши“, кој се однесува на девојка облечена како маж, што ѝ овозможува безбедно да ја врши должноста на син во патријархална земја.

Ситара денес има 18 години и поголемиот дел од својот живот го живее како маж. Нејзината фамилија е сиромашна и сите заедно живеат во куќа направена од кал и цигли во село во авганистанската источна провинција Нангарар.

Секое утро Ситара облекува широка маица, панталони и влечки – типична облека за мажи во Авганистан. Понекогаш својата кратка коса ја покрива со шал и го продлабочува гласот за да сокрие дека е женско.

Никогаш не мислам дека сум женско. Татко ми вели: „Ситара ми е како најстар син“. Понекогаш како негов најстар син излегувам, а тоа како на девојка не би ми било дозволено – изјавила таа во фабриката за цигли каде што заедно со нејзиниот татко работи шест дена неделно за да го вратат долгот позајмен од сопственикот и за да можат да ја прехранат фамилијата.

„Бача поши“ има долга историја во многу конзервативниот Авганистан, каде што момчињата се почитуваат повеќе од девојчињата, а жените често се затворени дома. Обично фамилиите без машки деца се оние што тераат ќерка да се преправа во маж за да може да ги извршува работите на синот без страв дека некој ќе ја злоупотреби или нешто полошо од тоа. Меѓутоа, некои девојки одбираат да се облекуваат како мажи за да можат да уживаат во слободата што припадниците на посилниот пол ја земаат здраво за готово.

Извор: Lola Magazin