Дека „родителската љубов“ е безусловна, животот во одредено доба ќе го потврди тоа. Иако додека сме неискусни и млади често сметаме дека родителите не отфрлаат, ни ставаат кочници, не оптеретуваат и сл. Сепак единствено родителот може да прости се и да помине за вас низ ситуации во кои никој друг не би поминал само за да ве заштити.
Во период на пубертет, адолесценција, па и младост (до 30 години) често децата и младите прават обиди да се еманципираат од своите родители и да изградат своја и автентична личност. Тоа е сосема нормален и природен психолошки процес, кој има рок на траење.
Зрелоста кај поединецот се препознава во оној момент кога ќе ја разбере позицијата на родителот и кога ќе престане токму него да го обвинува за своите животни неуспеси, порази и сите ситуации во кои животот нема да не поминува.
Луѓето кои се инфантилни и индолентни никогаш не успеваат да изградат стабилни односи со родителите токму поради тоа што застанале со својот развој некаде во детството. Кога врне детето е навикнато родителот да му го отвори чадорот и да го заштити од дождот, но тоа е само затоа што детето само не би имало способност тоа да го направи додека е мало. Како одминува времето луѓето стануваат физички респонсибилни кон средината која ги опкружува и тие може да водат грижа за самите себе. Тоа значи дека како свои ги прифаќаат и своите успеси и своите неуспеси и со цела одговорност застануваат зад тоа што го прават.
Сепак честа појава е возрасните луѓе своите животни неуспеси да продолжуваат да ги припишуваат на родителите бидејќи во тешки животни ситуации тие очекуваат од своите родители да ги заштитат или да ги извлечат без свест дека треба да имаат способност саостојно да се спревуваат со нив.
Родителот може да прости се
Без разлика на тоа што и да направиме во животот родителите никогаш нема да престанат да не сакаат или ќе не сакаат помалку доколку правиме животни грешки. Просто нивната љубов кон децата е безусловна и тие се единствените што остануваат до нас кога животот не гази и кога сите други не напуштаат.
Сепак многу од луѓето ги занемаруваат своите родители во добро, а го сфаќаат нивното значење во лошото. Родителите имаат клучна улога во животот на зрела и возрасна личност.
За вашиот родител вие секогаш ќе сте најдоброто дете на светот
Какви и да сте, единствено за вашите родители токму вие сте најдоброто дете на светот. Често пати родителите во лутина знаат да ги искараат своите деца за нивните постапки, да ги коригираат, да се претставуваат дека посакуваат вие да сте дете како некое друго (кога ве споредуваат) но вистината е дека вашиот родител не би ве сменил за ниту едно друго дете на светот без разлика на тоа дали по некои општествени стандарди тоа е поуспешно и подобро од вас.
Вашиот родител никогаш нема да ве озборува или да ви работи зад грб
Родителите се најискрени пријатели, тие ви кажуваат се во лица, но никогаш нема да ве озборуваат зад вашиот грб. Во ваше отсуство тие ќе го кажуваат само најдоброто за вас, никогаш нема да „коваат“ завери против вас со други луѓе и се спремни да се спротистават на целиот свет поради вас.
Само родителот ве става пред себе
Човек по природа е себично суштество, но само родителот ги става своите деца пред себе. Веројатно имало периоди од животот кога вашите родители биле гладни само за да ви обезбедат вам јадење, без и вие да бидете свесни за тоа. Родителот ќе ви го даде најубавото парче месо вам, ќе се труди прво вам да ви ги задоволи своите потреби и повеќе ќе стравува за вашата безбедност отколку за својата.
*Овој текст го посветувам на сите родители на светот, а пред се на своите, за кои кога зборувам треба да станам!
Магдалена Стојмановиќ