Познато е дека, публицистичката дејност насекаде низ светот не е стандардизирана, не поминува контрола на квалитет и се што ќе се издаде може да излезе на пазарот и да најде своја публика. Ова начело произлегува од долговековното спалување на книги од страна на црквите или институциите под нивна надлежност во средниот век. Познато е дека стотици наслови се спалени во корпусот познат како Corpus librorum prohibitorum.

Многу автори низ историјата немале право да се изразат авторски, ниту да го публикуваат своето авторство, тоа особено важи за жените. Многу теми биле цензурирани не само од црквите, туку и од световните влади во рамките на тоталитарните системи на уредување.

Денеска имаме сосема спротивна ситуација од ова. Авторството и авторските права се заштитени со Устав и со Меѓународни правни акти за заштита на правото, но на сметка на тоа никој не го поставува прашањето што се објавува, ниту кој е авторот, туку само е важно тоа што нешто напишал и тоа се препишува на неговата уставно загарантирана слобода на говор.

Издавачките куќи денеска издаваат се доколку е добро платено и финансирано, а најмногу ги стимулира токму профитот. Не е важно ниту каква е книгата, ниту кој е авторот. Уште подобро поминуваат контроверзни автори, со книги кои немаат никаква уметничка вредност и за кој книжевен авторитет никогаш ниту напишал критика, ниту рецензија.

Секоја книга ќе го најде својот „купувач“, но не е извесно дали ќе го најде и својот „читател“. Дури и да го најде својот „читател“ не постои никаков модус за посредување помеѓу авторот и читателот, така што читателската публика е „бомбардирана“ од книжевни достигнувања дури и кога таа нема изградено вкус како естетичка категорија или не се има запознаено накусо преку предговор со „значењето“ на делото и неговите придобивки. Денеска за книжевничките остварувања, зборуваат се помалку луѓе со насочени образованиа за тоа и се повеќе луѓе кои се занимаат само со маркетинг и имаат техники како да го направат патот до профитот полесен и понепосреден.

Возрасната публика и може да направи некаков избор, да го рафинира својот избор, да има критичка дистанца кон делата кои и се нудат, но што кога зборуваме за публика која е составена од деца?

Децата се најосетлива читателска публика

Децата немаат читателско искуство, ниту животно искуство што ќе им помогне да ги вреднуваат работите на еден или на друг начин. Тие како што би истакнала најпознатиот педагог на XXти век Марија Монтесори се „Впивачки ум“ и на нив средината игра огромно влијание.

Многу е важно какви содржини ќе се пласираат на децата читатели но и кои се авторите кои ги пишуваат книгите што се наменети за читатели од најмала возраст бидејќи тие на еден или на друг начин стануваат модел од кој се учи и со кој децата се идентификуваат.

Автори за деца

Ако ја погледнете листата на книги и автори за деца низ Македонија, ќе наидете на долга листа на автори за деца. Некои од нив дури влегуваат и во училишните програми и нивните дела се сметаат за истакнати.

Но во поново време се појавуваат нови имиња на авторската сцена, а меѓу нив и имиња на „душевно оболени“ кои долго време престојувале во психијатриска установа и луѓе кои во Полициски билтен се заведени како луѓе кои направиле обид за убиство пред очите на своите деца.

Истото име фигурира и во Полициски билтен за обид за убиство и како автор на книги за деца. Прашањето е, какво знаење може ова автор да им пренесе на деца и дали таа е релевантен актер во публикување на книги за деца што е дел од еден поширок воспитно-образовен процес (неформално образование)?

Секако дека секој има право да го пренесе своето животно искуство во своите дела и секој има право на ресоцијализација и никој освен надлежни институции немаат право да судат или да го стеснуваат општественото поле на активност на поединец и покрај тоа што направил обид за убиство. Но се поставува прашањето дали е здраворазумски и интуитивно прифатливо токму таа личност да биде воспитувач на децата и на какви позиции на вреднување може да ги насочи читателите кои се најосетлива категорија?

Авторите со таква позадина освен што без никаква совест, внатрешна инстанца за проверка или надворешни контроли пишуваат за деца, често се заслужни и за екстензија на вредности во општеството. Тие одредуваат што е спонзорство, проституција, љубов, нега, грижа и семејни вредности. Прашањето е на што луѓе со валкано минато може да ги научат другите и дали некој контролира што читаат децата и кој ги авторира илустрациите на кои нивните малецски впивачки умови се изложени?

Магдалена Стојмановиќ