Сè повеќе луѓе се одлучуваат за таканаречени екстремни еднодневни излети – патувања каде што тргнувате рано наутро, го поминувате денот во истражување на дестинацијата и се враќате дома навечер.

За некои, тоа е адреналински начин да се избега од рутината без многу планирање, а за други – идеално решение за доживување странска земја со минимални трошоци и без користење годишен одмор.

Нова студија спроведена од британската компанија Mocio се обиде да открие кои европски градови се најдобри за ваква 24-часовна авантура. Анализирани беа повеќе практични фактори: просечна цена на повратен лет, време на трансфер од аеродром до центарот, број на ресторани и атракции, како и временските услови, пренесува Daily Mail. Ваквите патувања се најисплатливи кога дестинацијата е добро поврзана, кога нуди многу содржини на мал простор и кога најпознатите знаменитости можат да се „покријат“ во еден ден.

Топ 10 европски градови за еднодневен излет:

Барселона, Прага, Брисел, Будимпешта, Лисабон, Валенсија, Париз, Наполи, Амстердам и Севиља.

Зошто Барселона е на врвот?

Барселона е прва на листата со оценка 9,13 од 10. Просечната цена на повратен лет е околу 280 евра, но често може да се најдат и поевтини опции. Градот нуди над 10.000 ресторани и повеќе од 6.000 активности, пријатна клима (просечно 15,5 °C и околу 2.500 сончеви часови годишно) и брз трансфер од аеродромот до центарот – околу 25 минути. Иако овие патувања обично не вклучуваат ноќевање, просечната цена за една ноќ е околу 180 евра.

Истражувањето заклучува дека за успешен еднодневен излет најважни се кратките трансфери, богатата понуда на храна и атракции и стабилното време – за патувањето да биде вистински мини-одмор, а не стрес.