Имам проблем со тоа улогата на црквата постојано да се акцентира во борбата за женските права и тоа преку некој антагонизам и биполаризам. Установено е одамна дека во секуларна држава, црквата не се прашува за граѓанските закони, свештеник во мантија – маж, нема што да говори за правата на биолошката жена, оти ниту се претпоставува, ниту треба да има повеќе образование, можности, моќ, пристап во медиумите од една биолошка жена која треба да говори во свое име за своите права.

Мојата забелешка на женските организации е што премногу грубо влегуваат во конфликти со црквата и другите претставници на конзервативни сили (кои ги чуваат бракот, семејството и правата на децата од „штетни влијанија“) а многу често испуштаат да покажат реален активизам за жени кои останале без работа во бременост, или за катастрофални здравствени услуги кои ги сакатат жените по биолошка основа секој ден и куп други примери.

Додека се расправаат и женските организации и конзервативните струии, дали треба да се донесе Закон за родова еднаквост и сеопфатно сексуално образование, се манипулира со факти и од едната и од другата страна, а жената со реални проблеми повторно останува со прстот во уста. Принципиелниот приговор на „конзервативните“ организации кои ги штитат бракот, семејството и децата се дека – во училиштата ќе се учи за детска мастурбација, видови на секс и родови идентитети кои се независни од пол. Реално за видовите секс, дали деца во пубертет тоа ќе го научат во школо или ќе го видат во порнографските содржини кои им се достапни со секој клик е неизвежно соочување. Проблем е на која возраст се пласираат такви содржини, но поголем проблем е тоа што токму семејството кое конзервативците здушно го бранат има многу малку увид во тоа што децата прават на толку поминато време на телефони, таблети или лаптопи.

Некои појави едноставно се тука и не можеме да ги трпаме под тепих, не се согласувам со конзервативните мислители кои велат дека заговарачите на ССО транс идентитетот го прават пожелен, ниту нормален, ама транс луѓе постојат и нема да ги избришеме со гумица, ниту ќе треба по стариот добар обичај да ги спалиме на клада.

Она семејство, брак и заштита на деца под чиј вел вешто се кријат конзервативните организации, за жал не е во криза поради женските организации, ССО, ниту поради пропагирање на многу либерални ставови, туку поради неморалот на брачниот партнер, или тоталната резигнираност на родителите кон децата, немањето на време и куп други општествени појави кои ги таргетираат еднакво и едните и другите, а за нив не можеме да зборуваме зошто труете со конфликти помеѓу црквата и дел од женските организации во Македонија.
Она што, пак, на женските организации им го замерувам е тоа што пред нос им поминува можност за реален активизам за жените, а тие се расправаат со попови.

Ама ајде, црквата колку и да сакаме да ја преставиме како институција на моќ, не е, па таа не може со години да ги прибере своите верници да не подражаваат пагански обичаи на христијански празници, па никому ништо. Црквата нема моќ ни кон своите верници, но и тоа како ја повикувате да има право да земе збор за женските права со транспаренти: Да одјебе црквата! Во Македонија институции на моќ не се ниту црквата, ниту државата, за жал единствени инстанци на моќ се олигарси кои се инсталирани во сите сектори. А против таа невидлива инстанца не се бори на овој начин преку кавги и препукувања што ја промашуваат метата, туку со помош на реален активизам во кој секој треба да земе збор!!!

#НеВоМоеИме

Магдалена Стојмановиќ