Имајќи предвид дека енформелот во Македонија во 50тите и 60тите години на минатиот век се развива во една комплексна, контрадикторна и понекогаш конфузна политичка и идеолошка реалност, неговиот развој се одвива врз основа на недореченост и премолчување на македонските уметници без можност да излезат од рамките на ликовните ограничувања (традицијата, националното).

Во таков контекст на ликовно изразување се појавува автор кој прави напор одредени празнини во перцепцијата да ги исполни со говор, односно иницира да отвори нов простор на иновативни интерпретации и формулации на ликовното проседе. Националната галерија Даут Пашин Амам e речиси едно од ретките места кај нас каде што можат една по друга да се проследат добри и интересни изложби, каква што е моментално ретроспективната јубилејна изложба на уметникот Ристо Калчевски (роден во Прилеп 1933-1989), одбележувајќи го 90 годишниот јубилеј на неговото богато ликовно творештво.

Поимот енформел во изминатиот период се толкувал како празна обвивка во која не зрачи смисла, туку зрачи само комформизам и допадливост. На прашањето што е енформелот како декор? – Ќе се надоврзам на констатацијата на Петер Биргер:

Многу дела од 50-тите и 60-тите години на денешниот набљудувач му се чинат декоративни и допадливи. Од нив зрачи нешто конформистичко, што тогаш не било возможно да се забележи. Во таа бесформност на материјата, како и во нејзината хаотичност и предјазичност, се бара нивното скриено значење со цел да се доведат во прашање формалистичките класификации на историскиот модернизам.

Потаму, во платната на Ристо Калчевски забележуваме апстрактно-асоцијативни форми кои имаат органско потекло, наоѓајќи ги своите корени повеќе во разградувањето на формата, отколку во нејзината конструкција. Во својата матна евокативна визуелност доловена со флуидноста на бојата и, т.н. раздробен потег на линијата, се добива атмосфера на егзистенцијална фрленост на формата во аморфна маса на просторот, што метафорично го покажува чувството на егзинстенцијална расфрленост на субјектот во аморфна маса на животот.

Во креативноста на овој уметник се огледа еден систем на работа кој ја раздразнува нашата фантазија и љубопитност при набљудувањето, што впрочем може да се протолкува како вродена способност на уметникот за конверзација со непознатото. Токму ваквиот сликарски дискурс го прави поинтересен, неодгатлив и таинствен, укажувајќи на една специфична творечка индивидуалност и темперамент.

Исто така, слободната линија во поголем дел од неговите слики оддаваат впечаток на автор со спонтан дух, во кој се проткајуваат луцидно избрани загасти колористички нијанси со извесна патина. Во своите симболични композиции, пред се, евидентен е неговиот интерес за материјата, органска и сликарска, за да потоа создаде флуидна комбинација на енформелно-апстрактен ликовен третман, кој иницијално се поврзува со поетичното, лирското и загонетното во изведбата.

Кај Ристо Калчевски доминира нефигуралниот израз и има изразито чувство за хроматско густо решавање на голема површина на платното, претворајќи ја во апстрактна композиција со декоративни решенија. Ваквиот репрезентативен избор на творби кои ни ги овозможи галеријата Даут Пашин Амам претставува уште еднаш една нова фаза на еволуција и импакт на современите тенденции и текови во ликовната македонска уметност, ослободувајќи ја од конвенционалните базични трендови и притоа, втемелувајќи настојувања во нови правци во ликовната уметност кои може да донесат повисоки и поинтересни резултати и експерименти.

Автор: Марија Стојческа

Историчарка на уметност и колумнистка

 

 

Повеќе статии од овој автор:

Пластичен превод на политиката и историјата