Анџела Нонковски е дипломиран психолог на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Квалификувана е како лиценциран психолог со дозвола за работа од Комора на психолози на Република Македонија. Таа е советник за трансакциона анализа (анализа на комуникациски пораки), советник за системска и семејна терапија. Има долгогодишно искуство во индивидуална, партнерска и работа со семејства. По вокација е и магистер за човечки ресурси и основач на профилот self-concept во кој разработува психилошки теми за личен развој и развој на родителство, како и општа психоедукација.

Со Анџела Нонковски, во интервјуто за Мој збор говориме за тоа што претставува и како изгледа функционална брачна заедница, како се води комуникацијата помеѓу партнерите во функционална, здрава и одржлива брачна заедница, врз база на што се прави прераспределба на права и обврски во семејството, како децата го доживуваат разводот на родителите и дали разводот значи крај или шанса за нов почеток.


Анџела Нонковски, психолог

1. Што се подразбира под функционална брачна заедница и кога е време брачните партнери да побараат стручна помош и да се пријават на брачно советување?

Анџела Нонковски: Помислата за брак кај најголемиот број луѓе започнува со фантазија дека идниот партнер ќе биде идеална комбинација на родител, терапевт, љубовник, пријател, соработник, личност која во бракот ќе ни ја даде грижата, љубовта и вниманието кое ни е потребно.

Истражувањата покажуваат дека луѓето во брак просечно живеат подолго од тие кои не се во брак, тоа е така поради фактот што имаат некој со кој ги делет секојдневните проблеми, грижи и стресови. А бракот понекогаш помага во промена на некои навики и сфаќања, на пр. да станат потолерантни на туѓите потреби, погрижливи, поодговорни и попосветени.

Споделувањето со партнерот и неговата поддршка го подобрува чувството за себе и го подобрува менталното здравје. Се разбира клучно е двајцата партнери да се стабилни луѓе, разумно независни, со базично чувство на самодоверба и емпатија, тогаш може да се очекува еден од друг да очекуваат и да побараат помош и поддршка.

Па така партнерите во функционална брачна заедница имаат добра, отворена и јасна комуникација. Се слободни во изразување на своите чувства, мисли и доживувања. Користат многу хумор во својата комуникација, често се засмејуваат, преовладува радост и пријатно чувство во домот. Проблемите и предизвиците ги надминуваат заедно по сопствени правила, граници и вредности. Меѓу нив постои толеранција за конфликти, односно свесни се дека меѓу нив ќе се случуваат кавги, кризи и тешки периоди. Се нуди слобода, креативност и се почитува различноста помеѓу партнерите. Си делат комплименти (не само за физички изглед), се почитуваат и се разбира се сакаат.

Погрешно е мислењето дека стручна помош од терапевт треба да се побара кога бракот ќе биде пред развод, или ситуацијата е веќе неподнослива и нерешлива. Во моментот кога двајцата партнери ќе сфатат и ќе се договорат дека имаат тема или потешкотија за која не можат да најдат заедничко решение, препорачливо би било да се консултира брачен советник. Дури, често се случува во пракса, само едниот партнер да почне да доаѓа на брачно советување, па подоцна да се вклучи и другиот партнер мотивиран и охрабрен од партнерот кој веќе доаѓал на советување.

2. Дали разводите секогаш лошо се рефлектираат врз децата и значат отсуство на еден од родителите со кого децата по развод на бракот немаат заедничко живеалиште?

Анџела Нонковски: Малку деца сакаат нивните родители да се разведат и тие во почетокот одговораат со значителна лутина, огорченост, анксиозност и разочараност. Иако разводот може да биде болен за децата но не е поболен од живот во несреќно семејство.

Однесувањето на родителите и нивните постапки ќе влијаат на тоа како детето ќе го доживее разводот. Најзначајно е како ќе му се претстави разводот на детето, комуникацијата е клучна. Важно е да се разговара за разводот со секое дете посебно прилагодено на возраста на детето, да му се објасни што се случува, што да очекува, да му се даде до знаење дека тоа не е виновно, не смее да се навредува другиот партнер пред детето и особено важно е да му се каже и покаже дека и двајцата родители го сакаат и ќе се грижат и понатаму за него.

Важно е да знаеме дека разводот значи развод на партнерската релација не и на родителската улога, па оттаму не треба децата да бидат ускратени од љубовта и вниманието на родителот со кој не живеат после разводот. Баш напротив, во тој период и двајцата родители треба да се максимално вклучени и насочени кон добросостојбата и среќата на нивните деца, тие ја имаат одговорноста да го направат овој процес помалку стресен за децата.

3. Колку е важна индивидуалната и личната работа на себе за функционално семејство и брак? Дали инвестицијата во себе и поголема освестеност за лична одоговорност може да произведе индивидуи со зголемени капацитети да градат здрави односи и заедници?

Анџела Нонковски: Една од најдобрите работи што можете да ги направите за себе е да инвестирате во сопствениот личен раст и развој, работата на себе започнува со соодветна грижа за себе, уважување на сопствените потреби, грижи, ставови… ослободени од помислата што ќе кажат другите за мене.

Со работата на себе станувате подобро опремени да се справите со предизвиците во животот, подобро управувате со своите емоции, поставувате здрави лични граници, а кога една личност ќе се запознае себе ќе ги зајакне своите лични капацитети, таа дирекно влијае на подобрување на релацијата со другите.

Таа личност гради и одржува здрави и функционални релации со своите блиски, подобро ги разбира туѓите потреби и чувства, станува поемпатична, сфаќа дека сите луѓе се различни.

Исто така многу големо влијание врз личноста има општетствениот контакст. Но, општеството го сочинуваат поединци, што значи колку повеќе луѓе тргаат од себе и превземаат одговорност за сопствените постапки и се општествено одговорни толку општетството ќе се подобрува. И колку порано го сфатиме тоа, толку подобро за нас.

Работа на себе и својот личен развој е клучна за создавање здрави релации и одржување на квалитетни семејни односи

4. Дали можеби неразбирањето на своите права и должности во рамките на брачната заедница е причина за нарушен однос со партнерот и колку е важно брачните другари да ги познаваат своите права, но и обврски во рамките на брачната и семејната заедница?

Анџела Нонковски: За здраво функционирање на едно семејство потребно е правата и обврските коишто ги имаат брачните партнери да им одоговараат и на двајцата партнери, каде доброволно без принуда и присила ги извршуваат своите брачни обврски. Ние живееме во општетство каде што доминира традиционалната распределба на улоги (се знаат машки и женски работи, мажите се ориентирани кон надвор од домот а жените кон внатре, се почитуваат постарите членови), ако и двајцата партнери се согласни за ваков начин на функционирање тогаш тоа е добар и здрав модел за нив.

Но, сѐ повеќе младите брачни парови своите брачни улоги, права и должности ги организираат на демократски начин (во зависност од нивните интереси, можности и способности се договараат околу извршување на своите обврски во домот и семејството). Најчесто проблем настанува кога еден од партнерите потекнува од семејство каде има на пример патријахална распределба на улоги, а другиот потекнува од семејство со демократска распределба на улоги.

5. Дали по развод на бракот, се случува правилна поделба на родителските права и должности и дали сметате дека преку семејна терапија и правилно водство во рамки на советувалиштата може да се постигне избалансирано присуство на родителите во животот на детето по развод на бракот на родителите?

Анџела Нонковски: Откако ќе се разведе бракот поделбата на родителските права и должности зависат од двајцата родители. Тука се гледа нивната способност за преговарање и договарање, емоционална интелигенција, интелектуалниот капацитет, нивното животно искуство и спремност за компромис.

Доколку двајцата родители не работат за доброто на нивните деца односно не успеат да се договорат околу некои важни одлуки околу родителството, од исклучителна важност е да постојат функционални советувалишта во рамките на социјалните центри кои ќе ја превземат улогата на медијатори и олеснувачи на процесот на преговарање помеѓу двајцата родители. Да видат и двајцата родители што е најдобро за нивните деца, да излезат од својата лична перспектива и да ја согледаат перспективата, стравовите, желбите и надежите на своите деца. А знаеме дека секој родител го сака најдоброто за своето дете.

6. Колку е важно децата да бидат заштитени од „токсичното„ однесување на родителите по развод на бракот? Кој е поисправен пристап, да се искажуваат емоции пред детето и тоа да се запознава со новонастанатата ситуација, или родителите да ги штитат децата од конфликтите кои настануваат и да им овозможат безгрижно детство?

Анџела Нонковски: Разводот за детето носи реална загуба. Многу деца тагуваат заради распадот на семејната идила која ја посакувале и посебно им недостасува среќата на семејниот живот. Затоа е многу природно децата да се надеваат дека нивните родители еден ден повторно ќе живеат заедно – дури и по конечната одлука за развод. Тука е важно родителите да не ја „подгреваат“ таа надеж, исто така важно да не се комуницира и договара преку детето, да не се кажуваат навредливи зборови за еден од родителите.

Кога ќе одлучат родителите важно е да има ја кажат на децата нивната одлука дека планираат да живеете одделно. Иако не е лесно да се соопштат овие вести, пожелно е обата родители да бидат присутни во тој момент. Најважно е да се отргнат сомнежите на вина од детската глава. Иако дискусијата за развод треба да биде прилагодена на возраста на детето, на неговата зрелост и темперамент, треба да биде пренесена една основна порака: Сѐ што се случува е меѓу родителите и тоа нема да има негативни ефекти врз нашиот однос кон вас. Повеќето деца ќе се чувствуваат виновни иако родителите ги убедуваат дека не се.

Од витално значење за родителите е да го успокојат детето. Тие мора да ги знаат потребните информации за да се подготват за претстојните промени во нивниот живот. Децата не треба да го познаваат секој детаљ – доволно е само јасно да знаат како нивниот живот ќе се смени. Сите деца не реагираат исто. Кажете им дека ќе разговарате кога тие ќе посакаат. Важно е да им ги нормализирате чувствата, да им покажете дека и вие како родители сте тажни, но, дека ќе бидете заедно во новата ситуација, бидете отворени за разговор и поддржете ги своите деца.

На долг рок, децата подобро се прилагодуваат на функционални семејства со еден родител со ниско ниво на конфликти отколку на конфликтни семејства со двајца родители. Разводот не е само крај, тоа исто така е и надежен почетоk.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов