Најавено зголемување на дневните температури ги зголемуваат ризиците од појава на труење со храна. За да се спречи ова неопходно е да се направи правилен избор на храна при нејзина набавка и да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување.

Потребно е да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување, а пред се да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Од таму ги потсетуваат потрошувачите да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото јајцата и други да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства.

Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или во замрзнувач. Разладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови.

Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. По подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер. На најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата.

Храната да се заштити од инсекти, глодари и од домашните миленичиња и другите животни кои може да дојдат во контакт со неа. Граѓаните кои јадат во угостителските објекти, да водат сметка дали операторите со храна се грижат за хигиената и безбедноста на храната.

Во објектите за брза храна да се одбегнува употреба на додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично, појаснуваат од АХВ.