Јелена Спасовска е дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор. Работи 9 години со деца со посебни потреби и е сопственик на дефектолошко-логопедски центар Детска светлина во Куманово каде воедно работи како специјален едукатор и рехабилитатор.

Во интервјуто за порталот Мој збор Јелена ги откри спецификите на работата со деца со атипичен развој, предностите и недостатоците на инклузивното образование во Македонија, како и стереотипите кои во нејзиното опкружување се врзани за нејзината работа и со категоријата на деца со која работи.

  • Дали како специјален едукатор се залагаш за инклузивно образование на деца со атипичен развиток или сепак сметаш дека наставата треба да се прилагоди повеќе на индивидуалните потреби на децата со атипичен развиток? Кои се предностите на инклузивната настава и кои се недостатоците (доколку ги има според тебе)?

Спасовска: Како професионалец директно или индиректно секој мора да придонесува во инклузивното образование.

Секој едукатор на деца со атипичен развој би требало да се труди да помогне да ги сруши предрасудите за инклузијата и да помага во нејзино подобрување.

Мојата мисија со отварање на центарот е да се подигне јавната свест за потребата и улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатор во општеството од една страна, додека од другата страна прифаќање и вклучување на децата со атипичен развој како рамноправни членови на општествената заедница.

Центарот со кој раководам е приватен дефектолошко-логопедски центар, во кој не правиме разлика помеѓу деца со типичен и атипичен развој.

Кога станува збор за инклузивно образование, она што нашиот центар го нуди е соработка со училиштата кои нашите деца ги посетуваат, со цел успешно инклузивно образование во целото одделение.

Во нашиот центар се работи најмногу на рехабилитациони дефектолошки и логопедски третмани кои се прилагодени на индивидуалните потреби на детето, работа во мали групи за социјализација и интеракција со врсници.

Инклузивната настава треба да има многу предности за сите деца, за децата со атипичен развој како можност за напредување во едукацијата и социјализацијата, додека за децата со типичен развој како можност за напредување во емоционалната интелегенција.

Секако ова е мое видување на работите, за кои мислам дека доколку детето од мали нозе се учи да дели, помага, сочувствува, ќе се изгради себеси во здрава личност која ќе придонесе многу за следните генерации.

Но, образованието треба да биде за сите корисно, па така постојат деца на кои инклузивното образование нема да им донесе многу корист, па така подобро е да постојат и институции во кои децата ќе можат да си го пронајдат патот за нивна подобра иднина.

  • Според тебе дали децата и лицата со атипичен развиток воопшто се маргинализирани во општеството со тоа што општеството не им обезбедува доволно услови, а општата популација малку е запознаена со нивните потреби?

Спасовска: Маргинализација е мал збор во однос на тоа што овие лица преживуваат. Би кажала дека повеќе станува збор за дискриминација, намерна или ненамерна.

Иако законски голем дел од лицата се заштитени, но во пракса тоа не е така. Не можеш на околината да наредиш како да се однесува и постапува со лицата.

Тие можат да ги почитуваат законите, ама дали ќе им се приближат, дали ќе ги вклучат во својот живот зависи од личноста. Затоа е битна инклузијата уште од раното детство, за да се направат промени за следните генерации.

Многу мал број на луѓе го сфаќаат животот на семејствата на деца со попреченост, а уште помалку се запознаени со сите предизвици кои ги носат. Да можат еден ден да ги облечат чевлите на овие семејства, тогаш мислам дека се би се сменило.

  • Што можеме да научиме од децата со атипичен развиток, постојат ли некои специфични вредности што тие ги имаат, а кои сметаш дека се конструктивни за општеството. На пример се вели дека од тие деца можеме да научиме што е љубов бидејќи тие сакаат безусловно?

Спасовска: Секое дете е по себе специфично и единствено кое поседува повеќе или помалку таленти. Од лична пракса, сум работела со деца кои имале исклучителна надареност во музика, математика, информатика…

Од секое дете може да се учи, а од децата со атипичен развој можеме да научиме што е искрена и безусловна љубов, да не лажеме и да не навредуваме.

Борбеноста, истрајноста и трпението се составен дел од нивниот живот. Битно е да се напомене дека возрасните играат клучна улога во претставување на децата со атипичен развој на другите деца. Безусловната љубов ја имаат сите, но од нас зависи колку ќе ја активираме.

  • Се среќаваш ли со стереотипи во твоето опкружување за децата со атипичен развиток? Може да се слушне дека се агресивни или дека се загрозување за безбедноста на другите деца? Како реагираш на тие стереотипи и што може да се направи за општа едукација на населението?

Спасовска: Со оглед на тоа што го работам, секојдневно добивам коментари во кои има поголема или помала доза на стереотипи, дел од нив се од лични причини, но поголем дел се од неинформираност или дезинформираност на околината.

Тоа што може да се слушне дека децата можат да бидат агресивни или да ја загрозат безбедноста, има мала вистина, но тоа не се однесува на сите деца со атипичен развој.

Всушност децата со агресија се под постојан надзор од возрасен, а досега не сум слушнала дека некој настрадал од дете со атипичен развој.

Агресијата и автоагресијата најчесто не е постојана кај детето, а причините за нејзино јавување можат да бидат разни.

Мислам дека е еден од поголемите стереотипи кои многу негативно влијаат врз општествено прифаќање на различностите.

  • Што те мотивира да ја работиш оваа работа? Тоа што ги сакаш децата или тоа што си свесна дека деца со атипичен развиток имаат многу голема потреба од професоналци како тебе што ги разбираат?

Спасовска: Можам да кажам дека и двете причини. Прво мора да го сакаш ова за да го работиш, второ мора да постои некој кој ќе ги разбере и поддржи семејствата и децата.

Поддршката мора да се прошири и кај другите професии, ако остане само кај нас, би била малкубројна. Ние треба да бидеме подршка и на останатите членови на општеството за да ја умножиме љубовта кон децата со атипичен развој.

Интервјуто го реализираше: Магдалена Стојмановиќ