Исклучителна е можноста да се презентираат последните остварувања на добро позната уметница Тања Балаќ (родена 1968 во Скопје), која пред публиката покажа еден нов процес на соединување на ликовните елементи исполнети со емоции и сенс на повторно ново навлегување во авторската духовна сфера. Изборот на дела се должи на нејзиното 30 годишно творечко ликовно искуство кое неодамна беше презентирано во Националната галерија Чифте Амам.

Во различните периоди од нејзиниот творечки развиток преовладува една ликовна естетика и трагање по нови експериментални можности каде главна преокупација е пред се, човекот во неговата нематеријална и духовна суштина.

Токму овие особености ја карактеризираат Балаќ за уметница со темпераментен и немирен дух, но и со спонтано изразување и медитативна опсесија во својот ликовен дискурс. Презентирани беа слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови, каде таа постојана трага по нови иновативни креативни решенија како што самата ќе изјави, цитирам:

Постојаната желба и енергија да истражувам е онаа која ме турка напред, и предизвик ми е да навлезам во нови простори кои често на прв поглед делуваат невозможни за решавање.

Совршено компонирајќи ги елементите во сликата, чувство за бојата и сликарската материја, Балаќ поаѓа од елементарното во човековата судбина, од неговиот прапочеток до денес укажувајќи на проблемот на човековото продлабочено постоење како неодвоив дел од неговиот животен амбиент.

Каде понатаму? Таа инстанца претставува лајтмотив во нејзината потрага по човековото битисување. Дали во фиктивната оаза на мирот вон човековиот свет, или во немирот на новото време. Од тука, определувајќи се за втората алтернатива, нејзиниот човек е безизразен, мисловно отсутен, тоа не е конкретен човек-нем човек, нагласувајќи го неговиот внатрешен немир, живеејќи во еден оттуѓен сон на своето постоење. Циклусот на дела насловен „Невидлива изложеност” е збир на слики во кои ги комбинира класичните сликарски дисциплини и современиот концепт во уметноста, пројавувајќи се како изразито современа сликарка, ангажирана во проблематиката на денешниот човек.

Преку специфичниот третман на бојата го изразува својот сликарски нерв и ги отсликува и патинира своите изложени симболични архаични човечки фигури – тотеми кои лебдат во рамките на една минуциозно сликана средина. Експериментирајќи со густата фактура на бојата, особено на црвената боја, Балаќ со трансцедентална вредност го изразува немирот на човечкиот дух ( „Предградија на љубовта”, „Усните на мојата свесност“, „Во паузата на претставата” и други дела).

Синтезата на сликарската постапка и густата експлозивност на бојата се фокусирани кон човекот, така што тие елементи на делото му даваат една своевидна уметникова филозофско-интелектуална творечка промисленост.

Човекот е безличен, воопштен, осветлен со атмосферата во непознатото, неизвесност што е лишена од бремето на егзистенцијалната мачнина, тој е доведен во универзални сфери на космичкото свртен кон откривање на смислата и иднината која се уште може само да се конструира.

Всушност, овој концепт на креирање на делото е основен постулат со кој уметницата понира во сликата и води во невидлива изложеност на емотивни длабоки состојби, како што се: немир, сон, сенка, љубов, живот.

Тања Балаќ посебно внимание обрнува на сликарската материја, која го открива нејзиниот пиктурален сензибилитет и смисла за распоредување на слоевитата обоена текстура. Употребата на несликарски материјал како што е плексиглас и печатен текст е обид да се разбие монотонијата и да се откријат нови знаковни изразни можности без да се има причина едниот елемент да го толкува другиот и обратно.

Имено, тие елементи постојат сами за себе како лична идентификација на авторката, но создаваат впечаток на апстрактност на некакви метафизички простори. Потаму, се
откриваат повеќе асоцијации на движења во современата уметност што се однесува до користење на материјата и создавањето илузија на простор, до извесни концептуалистички моменти на вклопување реалистички фрагменти.

Таа во својата креативна лабораторија се обидува да внесе симболика и општо значење за трагичноста на човечкиот живот. Овој факт успева да го долови повеќе со пиктуралноста, симболиката или фактурата на делото изведено во различен медиум, отколку со реалното претставување на човечката фигура. Пред нас е воочлив еден импозантен зрел оформен ликовен јазик кој со помош на својот оригинален експериментален и истражувачки дух останува секогаш доследен на себеси.

Со своите пластични инвенции остава впечаток на авторка со интимен карактер во кој преку експресијата на широките колиристички потези со четката ја иницира својата врска со перцептивниот свет, некаде повеќе доведен во симболична форма. Но, и покрај современиот сензибилитет, средства и различен начин на изразување, Тања Балаќ е длабоко поврзана со гласовите на минатото и на културната традиција што остава значаен печат во современите текови на македонска уметност и пошироко во светската модерна уметност.

Автор: Марија Стојческа