Книгата „Политички говори и јавни настапи“, од Магдалена Стојмановиќ, е четиво што и недостигаше на македонската научна јавност но и на пошироката публика. Како што и самиот наслов сугерира, темата и предметот на книгата е политичката комуникација. Пишувана во есеистички стил, без оптовареност од референцирање и придружната академска апаратура, текстот, редоследот на поглавјата и логиката на излагањето, се подредени во една јасна и читлива форма и целина што овозможува едно уживање во читателскиот процес; задоволство во текстот и од текстот овозможено од интерактивната преплетеност на интенцијата на авторката и хоризонтот на очекување на читателот.

Целта на Стојмановиќ со овој проект, како што и самата наговестува во предговорот, е да се истражат формите на политичката комуникација и да и се „откријат“ на пошироката публика на еден јасен и разбирлив начин, така што книгата ќе може да послужи како прирачник, водич во феноменологијата на политичката комуникација. Потребно е да се погледне што е под и позади појавноста на политичката комуникација, а знаењето стекнато од таквиот увид, да послужи како основа за градење на компетенции, писменост на политиката јавност и нејзино активно учество во политичката сфера.

Па сепак, во Заклучокот на книгата, покрај поставената цел, на јавноста да и се обезбедат алатки за разбирање на политичката комуникација и на тој начин јавноста да изгради критички капацитети во следењето и одговорот на политиката, Стојмановиќ ни открива, дека нејзиниот проект содржи уште една цел, а тоа е на еден показен, демонстративен начин да ја покаже релевантноста и корисноста на социологијата како наука која е природно место од кое треба да произлезе теоретската рамка, односно категоријалниот апарат и методолошките пристапи во проучување на политичката комуникација. Наместо „импровизациите“ во градењето на „научни теории“ за политичката комуникација засновани на политичката пракса, социологијата, според Стојмановиќ, веќе го поседува и теоретскиот и методолошкиот апарат за истражување на формите на политичката комуникација.

Од на овој начин прикажаната општа рамка на книгата, можеме да го насетиме „скриениот“ подтекст на проектот на Стојмановиќ, кој служи како основа на она што се нуди како транспарентен текст. Книгата е двојно кодирана: таа се обраќа на широката публика според структурата и стилистичките обележја на читлив текст, но и на академската заедница чиј предмет и научно-истражувачки интерес се комуникацијата, јазикот, политиката. Всушност, можеме да откриеме дека клучните двигатели Стојмановиќ да се нафати на овој проект е незадоволството со состојбата и начинот на кој се креира политичката јавност во Македонија од една, и незадоволството со состојбата на социолошката наука и другите сродни дисциплини во нивниот „академизам“ и дистанцираност од јавната сфера.

Во крајна линија, незадоволството со креирањето, или, поточно, непостоењето на „Јавната сфера“ во Македонија, е главниот мотив Стојмановиќ да се впушти во обидот да креира книга чија содржина ќе ја поврзе потребата од критичка перспектива на јавноста во однос на политичкиот домен и неговата комуникациска практика, со „должноста“ на социолошката наука, преку апликативни стратегии да се вклучи во јавната сфера. Без таква поврзаност, ќе нема „јавна сфера“ како комуникациски простор каде се среќаваат политиката, јавноста и науката.

Дека „Јавната сфера“ е „скриениот“, вистински фокус на книгата, можеме да препознаеме по тоа што Стојмановиќ, не се фокусира „медиумите“ и „медиумската писменост“, туку, напротив, нејзиниот фокус е на тоа што медиумите го претпоставуваат а тоа е јазикот на политичкото, политиката и политичката комуникациска пракса. Таа не инсистира само на „критичката“ димензија на медиумската писменост во однос на политичката комуникација, туку првенствено, на критичката перспектива кон комуникациските системи и логики на политичките семиотички системи. Овие политички комуникациски системи, можеме да ги означиме како место каде што се формира политичката содржина од прв ред, која подоцна ќе биде трансферирана како медиумска порака до политичката публика.

Медиумската „семантичка“ содржина, е секогаш второстепена, индиректна и затоа е семантичка порака од втор ред. Според тоа, дури и да бидеме најголеми експерти во медиумската писменост и да имаме компетенции во интерпретацијата и читањето на медиумските политички комуникации, сепак, останува фактот, дека постои нешто „комуникациско важно“ и се наоѓа зад завесата на медиумите.

Редукцијата на јазикот, посебно на јазикот на политичката комуникација како „средство за комуникација“, дури во рецензиите на книгата, кои се исто така поместени како нејзини завршни делови, е всушност погрешно или во најмала рака романтично разбирање на јазикот.

Сликата за јазикот што ги нудат рецензиите, е дека политичарот како лице кое врши некоја политичка функција или работа и публиката како реципиент на политичките семантички содржини, стојат надвор од јазичките или семиотички системи, имаат целосна транспарентна контрола и достапност во изборот на „јазичките механизми“ и слободно и по своја волја ги користат како орудие во слободна размена на семантички содржини.

Токму таквото разбирање на јазикот, посебно политичкиот јазик и комуникација, ги наведува авторите, да ја мислат политиката и политичката комуникација како средство за манипулација и неетичност. Политичарите, според тоа, не само што го „користат и се користат“ туку и го искористуваат политичкиот јазик како форма за инструментализација на политичката, публика и јавност.

Сите овие интерпретации сугерираат дека е возможно да постои мислење или комуникација која му претходи на јазикот, за потоа тој да се искористи за комуникација. Меѓутоа, сето тоа е погрешна перспектива на разбирањето на јазикот и комуникацијата.

Стојмановиќ на ум ја има токму спротивната перспектива на јазикот. Адресантот и Адресатот во јазичкиот систем не се нешто што стојат надвор од јазичката структура туку се конституирани и конструирани како ефекти и механизми на јазичкиот процес. Со други зборови, политичкиот семиотички субјект е конструиран со и низ јазичките системи, па според тоа „политичарот“ е семиотички субјект, на кој, во даден политички, социјален, економски и културен контекст комуникациските потези или дејства му се веќе однапред детерминирани. Дури во второстепениот семиотички процес, оној медиумскиот, политичарите можат да конструираат, селектираат, вклучуваат – исклучуваат семантички содржини и ги комуницираат своите пораки.

Во концептот на „комуникативното дејствување“, што е и основниот теоретски концепт на Стојмановиќ, веќе се содржани сите аспекти на што и се потребни за конструирање на нормативниот концепт на „јавната сфера“. Мислењето и јазикот не се раздвоени и тие се само двете страни на истата паричка, додека комуникативната димензија или сила на јазикот, како што истакнува Хабермас, се манифестира во една социјална интегративна димензија. Според тоа, „јавната сфера“ не е ништо друго туку интегративна социјална семиотичка структура која ги дефинира позициите на комуникациските актери согласно „развојното“ ниво на комуникациската рационалност.

Динамиката на овој однос е релационен во смисла на тоа дека ниту еден актер во јавната сфера не стои издвоено, атомистички, туку нивната позиција и место се дефинирани преку статусот и позицијата на другите актери. Така на пр, политичкиот комуникациски субјект е дефиниран преку позицијата и релацијата со јавноста, која пак се дефинира преку медиумските актери и нивната врска со политичките актери итн итн. Всушност, динамиката на релациите и односите се сложени и бесконечни, исто како и другите јазики системи: конечен збир на знаци од кои можат да се конструираат бесконечен број на смислени семантички целини.

Придонесот на Стојмановиќ, е во развојот на концептот „комуникативното дејствување“. Иако Хабермас, концептот на комуникативно дејствување, го резервира само за оној вид на социјална акција која го вклучува говорниот јазик и неговата перформативна сила на важење, Стојмановиќ во нејзините анализи ги вклучува и нелингвистичките семиотички системи или невербални јазички системи.

Односите на признавање и препознавање на семиотичкиот легитимитет како хоризонт за взаемно разбирање, важат и за нелингвистичките системи а условот аргументација во рационално-комуникативно водената интеракција може да биде спроведен преку низа од прагматични потези кои ја имаат смислата на аргументацијата. Ова нејзино проширување најубаво го прикажува во поглавјата за митологизација и дивинизација на политичкиот семиотички субјект.

Втората димензија на проширување на концептот „комуникативното дејствување“ се состои во тоа што Стојмановиќ, значењето на овој концепт го проширува и на другите форми на социјална интеракција засновани на комуникација но кои немаат за цел взаемно разбирање туку и на онаа комуникациска интеракција која има за цел да ги инструментализира останатите актери во јавната сфера. Но, за разлика од „хуманистичките“ интерпретатори на „злоупотреба“ на комуникативната позиција во јавната сфера, кои ќе повикаат на неморални и неетички однесувања, Стојмановиќ ќе инсистира на нови и оригинални потези односно комуникативни-социјални дејства кои не се само реакција на јавноста на обидите или процесот на инструментализација, туку одговор кој ќе вклучи нов елемент на одговор кој вклучува разбирање и препознавање на инструментализацијата.

Комуникативната рационалност на јавноста во јавната сфера мора да биде иницијативна, креативна и оригинална така што ќе предизвика нова ситуација која ќе претставува закана за делегитимизација на политичките или медиумските актери во јавната сфера.

Книгата „Политички говори и јавни настапи“, претставува водич за критичката рационалност во јавната сфера на македонското општество. Истражувањето и прикажувањето на политичкото комуникациско дејствување е приказ само на едната страна, или на еден од актерите во јавната сфера. Не би било неочекувано, авторката, во некоја следна прилика да ни приопшти изданија во кои ќе ги третира јавноста и јавното мислење, медиумите и нивната улога и функција во динамиката на јавната сфера. Дотогаш, критичката јавност и академската заедница имаат доволно време да се подразмислат за сопствената улога и можност да се вклучат во креирањето на една развиена и силна јавна сфера, толку потребна за развојот на македонското општество.

Автор: Проф.д-р Боби Бадаревски, професор на Филозофски Факултет во Скопје