Последниве години, светската заедница покажува нагласен и особен интерес за правата на децата! Генерално во светот но секако и во некој невралгични региони имаме состојба на масовно прекршување на детските права!

Се дебатира на сите нивоа, се усвојуваат најразлични документи (декларации,конвенција,планови за развој), кои ја одразуваат потребата на децата за посебна заштита, како и свеста на глобалната заедница за нужноста од преземањето на конкретни акции.

Конвенцијата за правата на детето, која е прифатена од Генералната асамблеа на ОН во 1989 год., е отворена за потпишување на 26.01.1990 год., а досега ја ратификувале речиси сите земји во светот.

Се смета дека Р.Македонија е земја потписничка на Конвенцијата за правата на детето од декември 1994 год.

Пристапувањето е извршено со изјава за пристапување, дадена во ОН од страна на тогашниот шеф на државата, г-дин Киро Глигоров.

На овој начин, практично Конвенцијата станува дел од внатрешното право на државата и претставува задолжителен пропис.

Конвенцијата за правата на детето содржи широк спектар на меѓунароодни правни норми, посветени на правата на детето, заштита и добробит на сите деца во светот!

Правата можат да се наведат поделени во неколку групи:

лични права,образовни, општествени, културни, здравствени, социјално-економски и правосудно-заштитни.

Со нив се опфатени сите подрачја на животот и сите ситуации во кои децата можат да се најдат.

Конвенцијата гарантира и посебна заштита на децата попречени во психичкиот и физичкиот развој.

Степенот на реализација на правата и правната гаранција зависи од економските можности и од правната и социјалната политика на секоја држава.

Со оглед на тоа дека денес во развиените земји преовладува модел заснoван на социјални функции на државата, нејзините активности мора да се однесуваат на вршење на дејноста во јавните служби во обезбедување на елемнтарни услови за материјална и за социјална сигурност.

Формалната позиција на детето утврдена во правниот систем на РМ се уредува со низа прописи на чија содржина битно влијае Конвенцијата за правата на детето.

Преку Законот за детска заштита се обезбедува детски додаток, престој во градинки и забавишни групи, престој во центри за ран детски развој, посебен додаток за деца со пречки во развојот и др. облици на грижа, кои најдиректно влијаат на социјалната сигурност на детето.

Основното и средното образование е бесплатно и задолжително за сите деца, а за децата со пречки во развојот покрај специјални услови за основно и средно обарзование паралелно се спроведува интезивен модел на образовна инклузија на овие деца со другите деца во редовните паралелки во основно и средно образование.

Со законите од сферата на работни односи, децата се заштитени од економска злоупотреба.

Според Законот за пензиско-инвалидско осигурување децата имаат право на семејна пензија во случаи кога родителите/старателот го изгубиле животот.

Неколку закони во системот на социјалната заштита, ги регулираат правата на децата, со што може да се смета дека во голема мера содржината на Конвенцијата е вградена во нив:

Законот за семејство, Законот за социјална заштита, Кривичниот законик.

Во овие прописи се уредуваат битни аспекти на правата на детето, обврските на семејството во остварување на тие права, обврските на општествената заедница, која треба да овозможи нормално функционирање на семејството, во задоволувањето на потребите на детето и на развојот на оваа витална општетсвена група како целина.

Во семејството се одвива биолошка и општествена репродукција, се подигнуваат нови единки и се развиваат нови членови на општетсвото.

Значи, семејството претставува примарна опшествена група, во која се констатира и се развива личноста на детето од една страна, и од друга страна семејството е мост преку кој детето се поврзува со другиот дел од општеството.

Заради неминовната природна зависност на детето од семејството односно неговите членови, тоа има најмногу права врзани за семејтвото (пред се, за родителите).

Сите права имаат за цел да го заштитат детето од раѓање до полнолетство, во различни општествени ситуации и опкружувања.

Тешко е да се зборува за надреденост на некое право над другите, но правото на детето во семејството е правно оживотворување на сите потреби на истото. А, кои овозможуваат сестран, правилен, полн развој на неговите способности.

Семејнта група е динамичен систем, кој минува низ различни фази на развој, кој битно се одредени од возраста на детето, при што во секоја фаза се јавува редистрибуција на улогите на одделните членови на семејството.

За семејството да биде интегрирано, а тоа значи да се оствари како интимна заедница и да ги исполнува своите цели, нужно е интерперсоналните односи во оваа група да се одвиваат врз основа на кооперативност, заемно прилагодување, подготвеност за комуникација и способност за вршење на улогите.

Имајќи го предвид ваквото значење на семејството, јасно е дека негативните промени и процеси од глобалното општество, кои се прекршуваат на локално ниво и врз семејството, можат да го загрозат животот и здравјето, односно норамлниот раст и развој на детето.

Изминативе години на предолга транзиција во РМ, придонесе за бројни промени на правно-политички, економски и општетсвен план.

РМ стана самостојна држава, која од социјалистичко општетсво премина во општество засновано на приватна сопственост.

Генералните процеси во општеството, кои имаа негативна форма, оставија последици врз голем број семејства.

Десетици илјади граѓани останаа без работа, а на многумина вработени работното место им е несигурно или лошо платено.

Притоа како резултата на тој фундаментален процес на криминализација наречена приватизација, придонесе за континуирано намалување на бројот на вработени.

Имајќи предвид дека голем број семејства материјалната сигурност и егзистенција ја обезбедуваат преку вработувањето на возрасните членови, губењето на работата значи влошување на егзистенцијалните услови на семејствата, вклучувајќи ги и децата.

За возрасните членови (брачен пар) невработеноста освен влошување на материјалната егзистенција, раѓа несигурност и чувство на страв, неможност за реализација на професионалниот идентитет и зачувување на родителскиот и на свекупниот авторитет на семејството.

Фактот дека семејството претставува примарна група во која се констатира и се развива личноста на детето, покажува дека нарушувањето на хармоничните односи во семејството, нужно негативно се одразува во можноста за задоволување на потребите на детето, со што се загрозува неговиот развој.

Се разбира негативниот ефект врз развојот на детето е условен од степенот на нарушување на односите во смејството.

Стручните лица во Центрите за социјална работа не ги загрижува само бројот на децата кои се наоѓаат во неповолни животни ситуации и околности туку и неповолните карактеристики, кои ги следат појавните облици.

На пр., кај децата со воспитна запуштеност покрај порастот на бројот на сторители на кривични дела, се зголемува бруталноста при извршувањата на делата а се намалува возраста на која децата почнуваат со девијантно однесување или правење на кривични дела.

Во последен период многу чести се бракоразводните парници, особено на смејства кои имаа деца до 14-годишна возраст.

Што пак значи дека од година во година се зголемува бројот на т.н. еднородителски семејства.

Оправдано може да се претпостави дека последниве години, заради тешката социјална состојба во општетсвото, дошло до зголемување на бројот на деца чиј развој е загрозен, односно до зголемување на бројот на општествено
негативните појави како: скитање, питачење, малолетничка проституција и др.

Со други зборови тоа значи дека голем број смејства не биле во можност заради најразлични причини, да обезбедат минимални услови за безбеден раст, развој и созревање на своите деца.

Разгледувајќи ги проблемите на децата кои се нашле во неповолни животни околности можат да се забележат голем број прашања и проблеми поврзани со квалиетот и обемот на правата кои децата ги остваруваат, како решенија во сегашната законска регулатива, кои не кореспондираат со барањата на Конвенцијата за правата не детето.

Кршењето на граѓанските слободи и права на детето, правото на детето на семејна средина и родителска грижа,
правото на здравствена заштита и среќа, право на образование, одмор и рекреација, право на посебна заштита во случај на воени конфилкти, кога детето е во судир со законот, заштита од било кој вид на експлоатација, заштита на дете припадник на малцинство или група, секојдневно се среќава во нашата практика.

Пример за проблеми во изграденоста на институционалниот и вониституционалниот систем како и квалтетот и обемот на грижата кон децата …

Значајно е доведено во прашање остварувањето на правата на детето/децата на семејна средина и родителска грижа кај децата кои остануваат без родители и родителска грижа.

Во овие случаи државата презема низа мерки на заштита врз соодветна законска регулатива (посвојување, старателство, згрижување во згрижувачки семејства, мали групни домови, институционално сместување…).

Но, во практичната реализација на заштитата и згрижувањето се јавуваат проблеми како на пр. пренагласено
користење на институционалната заштита на овие деца во однос на другите облици на грижа, кои се сметаат за пополезни за правилен раст и развоја на овие деца.

При разгледување на прашањата за применливоста на Конвенцијата за правата на детето треба да се стави акцент на процесот на деинституционализација кои кај нас се одвива од 2000-та година, особено на грижата за децата без родители и родителска грижа!

На планот на семејно-правната заштита се споделуваат одговорностите на родителот и овластените државни органи и установи, но детето не може се уште да се јави како странка-субјект односно детето има мала или нема
никаква можност да одлучува за сопствените интереси.

Тука е мошне апликативен примерот за децата кои имаат сознание дека се посвоени но не можат да ги дознаат своите корени, биолошки родители иако тоа им го гарантира самата Конвенција!

Глобалното видување за правата на детето/децата и обврските на државата во нивното остварување покажува дека Коневнцијата во голема мерка е вградена во системот во РМ.

Меѓутоа, за да се пријде кон одредени законски реформи со цел прилагодување на националното законодавство кон одредени соверемени трендови, како и натамошно изградување на институционалниот систем и квалитет и обемот на правата кои децата треба да ги остваруваат и уживаат, секако претходно треба да се направи детален приказ на актуелните состојби во РМ по однос на оваа витална популација кај нас.

Автор: Душко Миновски