Посебно место во уметничкото одбележување на светската историја на уметност му припаѓа на вајарството и специфичниот израз на големиот британски скулптор на 20 век Хенри Мур.

Денеска тој се смета за фасцинантен жив скулптор во светот, кој во своите дела ја отелотворува типично англиската „синтеза на човекот и земјата”, во неа ја открива виталистичката форма и содржина имплицирајќи во своите дела надреалистички дух и враќање на архетипскиот модел.

Во овој домен автоматската постапка ја поттикнува имагинацијата така што со комбинирање и експериментирање се постигнуваат неочекувани целини на спојување на две оддалечени реалности без напуштање на подрачјето на нашето искуство.

Во изминатиот период Хенри Мур имаше изложба во МСУ каде беа претставени бескрајни можности на графичката уметност (бакропис со сува игла на метална површина и литографија во камен) слеана низ индивидуален и автентичен израз на уметникот. Својата инспирација Хенри Мур ја црпи низ методски спонтано и слеано препуштање на случајно добиени облици кои публиката веројатно ги доживува како динамичен феномен во творечки чин на апстрактно а статично.

Во коресподенција со ритамот на природата во цртежите се појавуваат органски форми, со оклопи и отвори во средината или форми составени од два дела кои влегуваат еден во друг со тотемистички и монументален изглед.

Најчесто тие се претстави на легнати женски фигури и мајка со дете, теми на кои ќе остане доследен до крајот на својот живот. Пленерот со кој се карактеризира овој автор се должи на неговиот период на акумулирање и опсервирање на формите во природата кои самата ги создала: коски, камења, бисери и сл., преточувајќи ги во облици добиени од неговата фантазија, како што ќе каже Кенет Кларк: „Импресионизмот не донесе нешто кое секогаш ќе означува едно од најголемите достигнувања во уметноста: го прошири опфатот на нашето забележување…”

Всушност, Хенри Мур го демонстрира својот начин во кој ги комбинира аспектите на надреализмот и конструктивизмот од 1930 година, така што биоморфната форма јасно произлегува од првиот аспект, а геометријата на жиците произлегува од вториот аспект.

Во своите творби тој укажува на интерес за отворени и затворени форми, тој бил заинтригиран од начинот на кој е можно да се согледа континуитетот на масивниот објект и просторот околу него.

Жиците служат за нагласување на просторот околу фигурата иако нашето око сеуште може да види низ нив до тврдата маса од телото на скулптурата.

Под влијание на надреалистичката скулптура тој преоѓа кон апстрактен израз со отворање на материјалите и создавање на расфрлени групи со цел проучување на различни видови просторни односи. Потоа, покрај човечката форма кај него е присутен и афинитетот за претставување на животинската форма со која го започнува отворањето на монолитна и кохерентна структура ( овцата на почеток ја гледа како волнено топче со постепено менување на својот поглед придавајќи вредност на особините и промените во нејзиниот изглед).

На пример во циклусот цртежи со наслов „Стоунхенџ” тој е обземен од монументалната моќ, каменитоста на масивните камени блокови и времето кое оставило ерозивна слоевитост врз нив. Во овие дела посветува големо внимание на технички минуциозната обработка на површината и текстурата на камењата, како и на длабочината и разновидноста на тоновите архивирани со литографска постапка.

Многубројните негови ремек дела како што се: „Лежечка фигура”, „Композиција”, „Глава на жена”, „Глава на животно”, „Потпрена фигура“ и други, јасно ја иницираат неговата наклонетост од архетипски па се до апстрактни органски форми, кои имаат исклучително значење во доменот на светската модерна и монументална архитектурална скулптура изведена во урбанистички простор, пленер и амбиент.

Автор: Марија Стојческа No description available.