На сцена настапуваат нови идеали и вредности, меѓу кои и идеалот да се стане криминалец.

Станувањето криминалец во дискурсот на биографските кинематографии, па и криминалистички жанр на книги, е претставено како престиж и високо достигнување.

Многу често може да се „фатиме“ себе, како во филмовите имаме навивачка тежа кон криминалецот бидејќи тој во приказната е претставен како добриот лик, светлата страна, борецот за правда на неправеден начин и спасителот.

Криминалците, лидерите на мафијата, се презентираат како натпросечно интелигентни поединци, со нагласени лидерски способности и можности да го надмудрат законот и државата.

Тие освен што се претставени како поединци во кои се собрани многу квалитети или таленти, се претставени и како главни центри на моќ. А моќта е состојба која сите потајно ја посакуваме. Како што вели Ниче во „Волја за моќ“ – Секое едно нешто тежнее кон моќ.

Од тука преку биографизирање и персонифицирање на криминалот се создава стимулирачки мит – да се стане криминалец.

Криминалот не се третира како негативна општествена појава, како девијација која води кон општа деструкција и која ги крши премисите на општествениот договор во кој е фундирано општественото добро.

Напротив како резултат на такви приказни, криминалот се третира како начин за да се дојде до идеалот, имено да се стане криминалец.

Уште позагрижувачко е што во многу приказни, криминалците се претставени и како урамнотежувачи на правда, како модерен Робин Худ кој „краде од богатите“ и го враќа и дели украденото на сиромашните.

Криминалецот е инстанцата која дели правдата, бидејќи кај него го има нагласено космичкото и објективно мерило за тоа што е правда.

Во суштина никој не зборува за самоволноста на криминалците, за тоа дека тие се самопрогласени дистрибутери на правда, дека нанесуваат зло на целото општество, дека лесно нивното самоволие може да им го земе на другите она што претходно им било дадено од истите нив.

Дури се зборува и за преќутен код во мафијата и преќутен код помеѓу криминалците во кои се изрезбани вредности од типот на – лојалност кон групата.

Лојалноста кон групата во суштина е лојалност кон еден поединец кој користејќи ја групата врши репресија и влева страв кај секој еден кон има намера да отстапи од предвидените принципи.

Точно е дека припадниците на мафијата се најлојалните членови на групата, ама и они кои најмногу ги убивале своите припадници поради нивната нелојалност.

Лојално е да се убие припадник на група поради проценката дека е нелојален?

Митот за мафијата и криминалот е доста присутен во филмовите, книгите, сериите, па дури и на политичките сцени.

Криминалците многу лесно доаѓаат до власт.

Веќе е многу тешко да се одреди што е криминал и кој е криминалец, освен ако не сте ситен криминалец кој отуѓил 2 леба од пекара и за тоа добил енормна казна затвор.

Каде се вистинските криминалци, тешко е да лоцирате, тие најверојатно живеат во идеалот на едно дете.

Немој да се чудите, ако на прашање што сакаш да станеш кога ќе пораснеш, вашето дете ви одговори – криминалец!

Автор: Магдалена Стојмановиќ