Во фолклорните претстави доброто и злото се двата антипода на постоењето. Нивната меѓусебна борба го објаснува процесот на настанување и деструкција или распаѓање на постојното.

Уште од античко време, грчкиот филозоф Емпедокле говори за владеење на две сили во светот. Едната е силата на љубовта, а втората е силата на омразата. Тензијата помеѓу двете сили ја создава динамиката. Постојното настанува како плод на тензијата помеѓу љубовта и омразата кои поставуваат семиња (панспермија) и од кои понатаму настанува битието.

Борбата е принцип кој се истакнува во многу теории особено од метафизичка природа, но и теории во рамките на современата наука.

На пример во социологијата за борбата како „вечен принцип“ зборуваат Дарендорф и Полантсас. Во основа на нивната конфликтна теорија е идејата на Маркс дека прогресот на општеството во основа го прави класната борба.

Вечниот конфликт не само помеѓу класите, туку генерално помеѓу групите ја поттикнува општествената динамика и го чини општествениот прогрес (прогрес е напишан со голема доза на резерва).

Сведоци сме дека и денеска борбата помеѓу доброто и злото е присутна, но за жал како злото да преовладува над доброто или барем повеќе се гледа и препознава.

Направете еден социјален експеримент: Иницириајте лажна расправија која на моменти може да прерасне и во физичка пресметка.

Во друго време изјавувајте љубов, гушкајте некого или подарете му внимание пред истата публика.

Ќе заклучите дека публиката повеќе реагира на првото сценариот, отколку на второто. Таа побудно ќе го следи развојот на настаните во случај на агресија оттколку во случај на љубов.

Сигурно секој од нас гледал хорор филм или романса? Хорор филмовиите многу потрајно се паметат, дури со денови може да се навраѓаме на сцените од филмовите, додека романсите по некоја пуштена солза додека трае филмот брзо се забораваат.

Конфликтот е основа на многу меѓучовечки односи. Бидејќи конфликтот предизвикува голем публицитет, јавните личности кои ја знаат оваа законитост, намерно иницираат конфликти за да бидат повеќе слушнати и видени.

Покрај јавните личности и во секојдневниот живот, многу често ако човек го бара вашето внимание и нема капацитет и зрелост да го заслужи, да го оправда и сл, тогаш иницира конфликт само да биде забележан од ваша страна (како што впрочем прават децата нели?).

Да не ги спомнуваме оние конфликти на национална, родова, полова, верска, професионална, социјална основа. Тие се почести одошто може да се претпостави и се провлекуваат во секоја прилика.

Не постои ништо поперманентно во современието од конфликтот. Конфликтот е показател дека злото сепак надвладејува над доброто.

Се додека постои конфликт, нема мир. А мирот е состојба кон која тежнее духот, благосостојба или состојба во која царува апсолутното добро.

Мирот во будизмот се нарекува „нирвана“ и тоа е состојба кон која тежнее секој будистички монах, во христијанството мирот е блаженство и спасение, а се постигнува преку простувањето, молитвата и богослужбата, во исламот мирот се постигнува преку кланање намаз пет пати на ден и т.н.

И световната филозофија и наука го третира прашањето на мирот. Најпроширена е негативната определба на мирот – како отсуство на буквална војна, но постои и позитивен мир кој се разбира како унапредување на квалитетот и благосостојбата на луѓето во општа смисла.

Ако во првиот случај мирот зависи од духовните институции, во вториот случај обезбедување на мирот зависи од државата или управата.

Иако денеска војните се поретка појава, сепак општествата се длабоко милитаризирани, а вложувањето во воената индустрија не било никогаш поголемо.

Доброто и злото одамна престанаа да бидат метафизички категории и додека доброто само расте во метафизиката, во физиката (или во природата) натежнува злото, онаа конкретно, очигледно зло.

Од уништување на планетава, до нееднаквости, убиства или самоубиства, поделби до бесконечност, семејства со по еден член, распаднати системи и идеали.

Дали новиот месија е оној што ќе го спасува светот со оружје и со убиства ќе воведува мир? Дали злото е патот да се стигне до доброто? Победи ли конечно злото над доброто во денешниот свет или сепак надежта ќе излезе од Пандорината кутија и ќе не направи непокорни Сизифи?

Автор: Магдалена Стојмановиќ