Современата ликовна уметница Мирјана Крстева Массети (родена 1979 во Скопје) со својот сликарски темперамент и интензивна креативна работа ја потврдува констатацијата дека не прави позначајни отстапки од своите првични стилски преокупации во однос на порано создадените дела, но се дополнети со нови содржини.

Во поглед на создавањето на уметничкото дело таа во извесна мера го освежува својот ликовен јазик во кој примарна улога има бојата. Тоа е составено од хармонична симфонија на апстрактно-асоцијативни записи од личниот духовен и визуелен инвентар, ликовно оживеани, така што низ меѓусебна комуникација градат нов значаен простор.

Мирјана Крстева наоѓа инспирација од некои американски, француски мајстори на неформалната апстракција, потоа од енформелистите, сликарството на акција, па дури и од оние што го градат својот ликовен израз врз искуствата на источната калиграфија.

Во духот на својата инвентивна природа да го преобрази невидливото во видливо, ова сликарство со својата асоцијативна и лирска нота е ослободено од стеги и е препуштено на внатрешната творечка нужност.

Токму тоа е предизвик кај оваа авторка, уметноста да ја толкува не како објаснување на стварноста, туку со суптилна игра на боите и композицијата да направи обид неа да ја креира. Всушност, овие елементи ја конструираат идејата.

Изразот на внатрешната потреба и интерпретацијата на духовно-психолошката потреба, набљудувачот ја следи преку апстрактните ликовни форми со појавата на надреалистичката поетика, како и декоративните шари, симболи и знаци кои говорат за нејзината индивидуална човечка драма.

Ова ликовно-технички мошне прецизно проседе ни овозможува увид барем во доменот на визуелното, во еден систем на работа кој колку што е прегледен и јасен толку е неодгатлив и таинствен.

Имагинарноста на Крстева се огледа во способноста само една наједноставна форма да ја мултиплицира онолку колку што смета дека е потребно, со естетска одмереност во постапката, но и со спонтани акциони сликарски потези таа умее да создаде суштински нова ликовна целина со магиски особини.

Тоа таинство уште повеќе ја провоцира фантазијата и љубопитноста кај гледачот, кое може да се објасни како вродена способност на уметницата за „конверзација” со непознатото или нејзината интуиција. Луцидно избраните бои, нивниот интензитет и чувство за хармонија го одредуваат имагинарниот свет на светлината и експресивноста, додека јарките колористички односи асоцираат на средновекновното сликарство (особено на тоа упатува пригушената црвено-кафеава гама) во нејзиното творештво.

Она што е мошне евидентно во нејзиниот ликовен дискурс е што не сака да ги избегне геометриските форми, за да потоа следат енергични, строги, динамични, остри и благо извиени линии кои го индицираат нејзиниот топол темперамент и емоција. Преточувајќи ги во свој ликовен ракопис таа едновремено е почитувач и на традицијата и на современото, измирувајќи го цртежот и бојата.

Мирјана Крстева сака да се сеќава, да понира во интимата, да навлегува во структурата на бојата и на материјата која знае да биде експресивно пулсирачка, од органска природа.

Оттука, сите ние кои се обидуваме да го протолкуваме убавото и да навлеземе во неговата тајна вечно патуваме во насока на неизвесното. За поблиска ориентација кон она што го бара Крстева се надоврзувам на некои погледи на големите филозофи: Шилер зборува за „слобода на појавата”, а Хегел застапува „скриено навестување на убавото внатре во природното – во вонсебитието – или во сетилниот сјај на идејата”.

Патинираната слоевитост на бојата укажува на романтичен и носталгичен сликарски дух, бојата е таа која соодветствува на нејзините расположби, сетилно наоѓајќи задоволство во нејзините можности и неочекувани созвучја. Сликата ја усложнува, станува полихромна, сведена на некомплементарно сликарство изразено со трансцедентална вредност на човечкиот дух.

Мирјана Крстева визуелната сензација до публиката ја доближува на свој начин, таа знае во својата во својата слобода да отскокне од границите на дозволеното, во непроверени растојанија на сопствениот духовен дијапазон, и притоа е есенцијален познавач на сликарската техника.

Автор: Марија Стојческа